четврток, декември 26, 2024
домаЖивотСоцијална политикаИСТОРИЈА НА ЕДНА ЉУБОВ И ЕДНО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: Ќерката не ја давам,...

ИСТОРИЈА НА ЕДНА ЉУБОВ И ЕДНО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: Ќерката не ја давам, моја е, јас сум мајка, таа ми е сѐ!

Младоста е нескротлива, младоста е темпераментна и никој нема право да ѝм суди на младите за нивните чувства, доживувања и постапки, и бродоломи. Единствено што мора е да бидат заштитени по сите правни и безбедносни правила и секогаш со доволно корисни совети и разбирање од повозрасните. Особено да се биде внимателни кон нив кога имаат свое дете.
Но, понекогаш љубомората, недоразбирањата, различните сфаќања на живот од семејство до семејство, од место до место, можат да втурнат во големи неволји некоја жена и мајка. Од друга страна и службите затајуваат.
Т. е млада Скопјанка, во процес на развод. Во желба да се избори за својата неколкумесечна ќерка преку отворена исповед и искрено до болка нѝ ја раскажа својата страна од приказната, сѐ што ѝ лежи на душа, а со сево што изјави таа сака да се обрати до јавноста и до соодветните служби.

*Што се случи, каква е Вашата вистина?

-Јас со сопругот бев заедно три години во врска, но откако останав бремена, со планирана бременост, како да доби некоја сила над мене а требаше да биде обратно. Јас останав бремена во август, во октомври дознав дека сум бремена затоа што два месеци немав никакви симптоми. Ме побара за сопруга откако дозна и почнавме да живееме заедно. Но, по еден месец, веќе во ноември, јас прв пат си отидов од кај него зашто во тие месец дена почна физички да ме напаѓа, да замавнува со шамари. Не беше тоа уште толку трагично, ќе замавне со шамар , ќе ме удри со пепелник по нога, но стануваше сѐ повжештено …

*Во врската немавте расправии?

-Сме имале бурни расправии, навредувања, но не било физичко насилство, сѐ до моментот додека не останав бремена. Откако останав бремена прв пат кога си заминав,не кажав никому за причините, ми беше страв , не кажав ни на моите родители, ѝм реков само дека имаме расправии и дека бебето сакам да си го задржам. Тоа беше минатата година во ноември. Еден месец бев под кирија, но дојде ме убеди дека нема да се повтори, и дека и тој го сака бебето. И јас тогаш му се вратив. Но залудно. Ни неговата фамилија не ме прифати. За Бадник кога се дели паричка според возраст јас бев последна, иако имаше од мене помали и дечиња. Се навредив и налутив дека мене ми дадоа последна паричка а јас сум ѝм млада невеста, ништо не ѝм реков на масата, но кога отидовме дома на сопругот му префрлив дека неговите не ме прифаќаат, ми го даваат последното парче. И оттука тргна сѐ- ме обвина дека само наоѓам причина да се расправам, и ме удри.

*Сами живеевте?

-Да, во куќа до неговитд родители, во приградско место.

*Како се запознавте?

-Тој од мене е постар неколку години. Се среќававме во едно кафуле, се запознавме преку пријатели. Но претходно немало насилство, не постоело, барем јас не сум знаела дека бил насилен кон неговите претходни девојки. Не консумира алкохол, ниту опојни средства. Најверојатно менталитетот во тие околни села е дека жената треба да потклекнува пред мажот. Јас најверојатно не бев прифатена од таа причина затоа што не можев да потклекнам, да седам дома, да молчам и некој да ме тормози. Неколку пати ѝ кажав на мајка му, затоа што јас се срамев да ѝм кажам на моите дека сум ем бремена, ем некој ме тормози.

*А, што беше причината за караниците?

-Најбанални работи, еве, на пример кога ќе се врати ќе му речам “Не си дома, не ми помагаш”. И тој ќе почне да се расправа со мене и ќе ме удри. Јас ќе почнам да плачам, ќе ми рече “ништо не ти е”. Еднаш отидов во Градска болница со отечено колено. Ме удри од маса. Тоа беше во јануари. Тогаш сакав да го пријавам во полиција, но кога стигнав таму ми се закани “имај среќа само пријави ме”. Јас бев бремена со ризична бременост, крварев, и сакав да ми направат преглед за стрес, за да не му се случи нешто на бебето, па ѝм кажав само дека сум се удрила од маса. Претходно не го пријавував. Но сега почнав да објавувам јавно и фотографии од модринки.

*Тој знае дека објавувате фотографии?

-Сега дозна, зашто да за стигне до ситуацијава имаше и давење, без здив ме оставал. Еден ден не сакаше да ја однесе ќерка ми на доктор. Сакаше да спие, не сакаше да стане, а јас му го влечев ќебето- “стани да одиме, мора да одиме”. Само што стана почна да ме дави. Еве фотографија (покажува). Еве и устата кога ми ја распука.

*Го пријавивте во полиција?

-Не, го пријавив дури сега. Кога решив да се разведам само си заминав, на што тој ми рече дека ќе ме убие и мене и бебето.

*Како толку се промени? Има некоја друга жена? Има стресна работа?

-Ништо не работи. Живее од нелегални пари. Дава пари под лихва и наместени натпревари, некогаш има, некогаш не толку.

*Вие знаевте со што се занимав пред тоа?

-Тој претходно имаше свој бизнис, па отиде да работи во една фирма. Сѐ си беше во ред. Потоа остана без работа и почна со другари да работи воглавно вакви работи , така нѝ почнаа расправиите.

*Неговите што велат?

-Неговите нѝ ги плаќаа сметките за струја, но само тоа. Не го тераа да работи. “Нашето дете ќе си работи ако сака да работи, а што ти е тебе гајле што работи?” ми велеа.

*Кога решивте да се разведете, каква беше неговата реакција?

-До дента кога решив да си одам, ние бевме во константни расправии, не ми помагаше ништо за бебето, како некоја омраза да чувствуваше, не сакаше ниту да го допре, ниту да го погали. Рече “јас излегувам, ќе одам кај сакам”, му кажав дека ќе си одам ќе го земам бебето, не опцу и јас ѝ се јавив на мајка ми, си ја зедов ќерката и си заминав. Тој потоа нѐ исконтактира пред да поднесам барање за развод, разговаравме, му реков нема да го пријавам за насилство, само сакам да се разведеме по мирен пат и дека барам само минимална алиментација од 3.000 денари. И, во ред. Во ноември поднесов барањето за развод. Оттогаш го немаше ни да ме исконтактира, ни да го побара бебето. Еднаш се јави и рече дека ќе дојде да ја земе ќерката за да ја носи на свадба каде што бил поканет. Не му дозволив, прво треба социјално да одлучи кај кого ќе биде ќерката. Но, тогаш упати закани и навреди кон мајка ми, затоа што ме поддржувала. Ја осудуваше како можела да ме земе, таа веќе ме дала, јас сум негова жена. И расправиите нѝ почнаа наново од пред една недела. Јас поднесов документи за развод, од суд ги пратиле во социјално, а таму две недели не се стигнати. Во меѓувреме тој си одел и си пријавувал дека јас не сум соодветен родител. Дека јас сум болна од алкохолизам. Дека не сум нормална личност, дека не сум способна да го чувам бебето. Дека не сум му давала да го гледа. Цело време ме оцрнувал. Најверојатно некој го подучил. Еден ден бев сама дома. Ми ѕвона, му отворив и му реков да се качи горе да го види бебето. Но, тој ми рече дека ќе си го носи дома бидејќи бебето по лична карта е на негова адреса. “Бебето е мало и не можеш да го земеш”, му одговорив. Тој се стрча го грабна, а јас по папучи истрчав по него и влегов во автомобил на задното седиште и додека возеше повикав полиција. Бебето вриштеше, плачеше, нему не му беше гајле. Го пуштив на спикерфон од полиција му велат “Господине застанете”, а тој вели “Не застанувам, мое бебе си е, ќе го носам каде сакам” . Не стопираа со полиција, му пишаа само поплака, друго ништо не било во нивна моќ. Но, ми го вратија бебето и мене ме вратија дома. И од сето тоа пријавија само поплака кон него. Утредента пак ми дојде дома.

*Тој оди во некоја партија?

-Мислам дека да, ама не сум сигурна.

*Ми беше зборот дали има силни партиски релации со служби или институции?

-Па има некои релации затоа што јас два пати го пријавував, а моите поплаки не се испратени во социјално. Неговите поплаки се заведени во социјално, а моите поплаки ги нема никаде.

*Почнавте јавно да објавувате фотографии со повреди, тоа се сепак интимни работи.

-Последниот ден кога дојде кај мене фактички јас дознав сѐ ова, јас ништо не знаев, во социјално ми велеа дека нема никакви информации, во полиција нема никакви информации, на адвокатот истото му го велеа. Последниот ден кога дојде, паркиран ме чекаше на улица. Јас излегувам кон 15.30 часот со бебето да го прошетам до продавница. Кога го видов дека доаѓа со автомобилот во меѓувреме викнав полиција, тој не ми рече ништо само ми го грабна, сакаше да ми го земе. Викнав полиција. Полицијата додека да дојде тој ме влечеше, го влечеше бебето. Не знам како може така да си го влече, да не му е гајле дали бебето плаче, само да го земе сака. Еве ми ги модринките што ме стегаше тогаш.

*Зошто ова Ви го прави?

-Затоа што тој константно зборува дека ќе ми го уништи животот, дека јас имам друг, дека сум го оставила јас него поради друг, како сум можела да продолжам со животот.

*Сигурно сега си имате свој живот.

-Јас да, сега си имам свој живот, ама не правам ништо поразлично, не одам со други мажи. Чувам бебе. Не можам јас со неколку месечно бебе и со обврски да имам друг маж. Не е логично.

*Но, зошто се сомнева?

-Затоа што една вечер бев излезена со братучед ми, и негов другар ме враќаше до дома, попатно. Тој ме чекаше на улица. И почна да ме испрашува кој ми е дечкото. Не му одговорив ништо, ми беше страв нешто да не ми направи. Почна да ме влече, татко ми ме слушна и излезе. Потоа се расправаа со татко ми. Тој си сфатил дека јас имам друг и така почна фактички. Се закануваше, одеше по мои другарки на работа, им велел “нема да ја оставам на раат”, ѝм правел проблеми на работни места тие каде што работат, и се тоа било затоа што јас сум имала друг. Тоа го рекол и во социјално, без никаква основа, без никакви докази. Но, најверојатно тој е тој што има некоја, затоа што и додека сме биле во брак тој така се однесувал. Него го немаше по цели денови.

*Работевте ли Вие нешто?

-Него го запознав кога имав 19 години. Тогаш работев како хостеса, нему му беше таа работа недолична и тогаш си ја сменив работата и отидов да работам како продажен асистент за да биде сѐ нормално, да биде сѐ ок. Сега сум на породилно отсуство.

*Стравувате за бебето?

-Тоа ми е најмногу страв затоа што гледам не се грижи за бебето. А, може било што да му направи затоа што знае ми е слаба точка.

*Како би се заштитила? Очекувате државата да Ве заштити, неговите или вашите можеби да поразговараат со него? Социјалните служби? Од своја гледна точка што сметате дека е најдобра заштита во моментов?

– Јас сакам да дојде до решение за видување. Сакам бебето да си го гледа строго под надзор, не сакам да го носи некаде. За мене искрено не се плашам, затоа што знае дека го пријавував, а тој себе си премногу си се сака за да си дозволи да оди во затвор, ако ме повреди… Може да ја гледа нашата ќерка, затоа што е родител, но јас сакам тоа да биде само под надзор во социјално, јас се плашам тоа бебе да отиде некаде со него. Тој нема на никакви чувства.

*Од каде вакви заклучоци, тој сепак му е татко?

-Видете како ме влече мене и го мава бебето кое му е во раце (покажува видео). Ова го снимал некој човек случајно од зграда. Ова го доставив во полиција. Ова го снимил човек на улица, замислете дома што правел… Еве како ме турка и ми го зема мобилниот затоа што пробувам да викнам полиција.

*За што сѐ Ве тужи?

-Ме тужи и за тоа дека јавно го објавив неговото име, за намалување на углед, а ме тужи за физички напад. Кога проба да ми го земе бебето ме скубеше за коса незабележливо и јас почнав да го туркам. Во моментот во автомобилот беше негов другар на кој му рече да снима, и тој сними како јас него физички го напаѓам, ме пријавил во полиција дека сум нестабилна личност. Мислам дека и сам се дотепал за да има поголеми физички повреди на черепот, да го има тоа како доказ против мене. Побарал забрана за пристап и се пријавил за жртва на семејно насилство. Откако ова го дознав решив да ги објавам сликите на социјалните мрежи за да се види дека не сум јас насилникот.

*Кој Ви помага сега за бебето?

-Моите. Тие имаат преубав брак и не ѝм е јасно зошто не сум ѝм кажувала толку време. А јас не ѝм кажував затоа што се чувствивителни луѓе и ми е жал.

*Постои ли можност да се помирите и се да вратите во онаа фаза кога ви било добро и немало насилство?

-Не. Од моја страна таква можност не постои. Не сакам да го контактирам. Го имам блокирано на сите социјални мрежи затоа што доаѓаше каде што ќе одев, ако видеше каде сум. Сега е битката како да се заштити бебето. Јас сакам старателството да ми припадне мене затоа што јас сум мајка, а тој да го гледа само со социјални служби.

* Тврдите дека неговите констатации за алкохолизам не се точни, дека се инсинуации. Би отишла ли на алкотест?

-Да. Јас нема да го оставам тоа бебе така. Ќе најдам начин ќе се докаже, затоа што за сѐ има решение. И за се ќе објавувам јавно. Благодарение на тоа што објавив јавно јас го добив видеото во кое тој ме напаѓа. Луѓето кои го снимале сакале и тогаш да пријават во полиција, но не знаеле кои сме. Но сега видеото е доказ дека на 25 октомври ова година мојот сопруг ме нападнал физички на јавно место.

*Насилство врз жени е суптилна тема.

-Јас отсекогаш се залагав против насилство врз жени, и не верував дека еден ден јас ќе го доживеам. Сакам да дадам поддршка на жени кои доживуваат насилство, ми било жал за тие жени и нивната беспомошност, затоа што кај нас со пари сѐ може да се плати. Многу е тешко и болна е оваа тема, но сега ми е лесно откако веќе признав. На една блиска нивна сакав да и помогнам таа мислеше дека нема спас од насилството од нејзиниот сопруг, но на работа ѝ ги забележале повредите и ѝ викнале социјална помош.

*Кај нас се молчи за семејно насилство. Дури и најблиските наместо да го спречат тие не ретко го прикриваат или оправдуваат.

-Тврдам дека е така. Кога бев бремена имаше ситуација кога пред мајка му ја преврти цела маса врз мене и, мајка му беше сведок за што се случи, а потоа таа наместо да ме заштити како жена и нејзина снаа, ми рече дека јас премногу сум зборувала и сум викала на него, а требало само да молчам. Сега откако се случи ова татко му дојде да ми се заканува, среќа го снимив како вели “Ако се сопнеш некаде на улица детето ќе му припадне на таткото”. Во полиција му дадоа опомена да не ми се доближува. Првата пријава што ја поднесов всушност беше за татко му. За нивната семејна слава дојдоа дома и ми рекоа да се вратам како ништо да не се случило за луѓето да не виделе дека сме разведени, ама јас не сакав. Веќе се одлучив за развод …

(Новинарот е познат на редакцијата, но не е објавен поради ризик од закани)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ