По синоќешната македонска и светска премиера на „Љубовникот“ на Игор Иванов Изи на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“, екипата на филмот на денешната прес конференција го објасни процесот на снимање на 8-минутниот нем црнобел филм кој првично требаше да биде направен со камерата на браќата Манаки.
Иако планирано да се сними со камерата 300 на браќата Манаки, како што објаснија и режисерот Иванов, и кинематограферот и продуцент Томи Салковски, камерата, која се чува во Архивот во Битола, има проблем со објективот, а буџетот за филмот не бил доволен за да се репарира.
Изи посочи дека веќе започнале некој процес на преглед на камерата и што треба да се направи за повторно да биде во функција, но дека процесот не можел да влезе во буџетот за краткометражниот филм.
-Размислувавме како понатаму. Процесот се оддолжи. Агенцијата за филм обезбеди средства и ние го снимивме со стандарна техника од денешно време. Сакавме да направиме едно, испадна друго, но дестинацијата секогаш беше Манаки, и ете по 9 години се случи премиерата токму тука”, рече режисерот Игор Иванов.
Томи Салковски рече дека добро е да се покрене иницијатива за репарација на камерата која е дел од македонската филмска историја, иако не е лесно да се направи тоа.
-Треба да постои иницијатива камерата да се репарира и да се врати во функција. Има малку проблем со објективот кој е фиксиран. Механизмот функционира, во добра состојба е. Не можевме да дојдеме до точна пресметка колку ќе чини бидејќи треба да се направат проби, да се сними материјал кој се носи во лабораторија и потоа стручни лица оценуваат што да се направи. Не навлеговме до толку, немаше средства од буџетот”, појасни Салковски.
Иако филмот е снимен со денешна технологија сепак е постигнат посакуваниот ефект, гледачот немаше ништо повеќе да забележи доколку филмот го снимавме со камерата на браќата Милтон и Јанаки Манаки, посочија од екипата на „Љубовникот“. А.Р.