недела, септември 8, 2024
домаКУЛТУРАЛиковна уметностИзложба „Регенерација“ на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска во битолска...

Изложба „Регенерација“ на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска во битолска Магаза

Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена во четврток, 25 јули 2024 во 20 часот во КЦ Магаза, НУ Завод за заштита на споменици и музеј – Битола. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат до 5 август.

Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата Ковид 19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.

„Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж). И покрај тоа, низ делата провејува нишка на оптимизам, бидејќи периодот на изолација, исто така, допринесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир, со надеж за одново обновување и регенерација во времето кое што допрва доаѓа. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите кои забораваме да ги забележуваме и создавање на нова перцепција за нашето опкружување. Тој порив произлегува од постојаната потрага за спознавање на сопствената природа и чувството на обединување со универзумот.

Регенерацијата како тема е тесно поврзана со генетиката на секоја постоечка единка, но голем дел од нејзините процеси зависат и од времето и условите во кои таа единка се развива… Овие влијанија делуваат на нејзиното обновување, нејзините последици и опстојување во дадената физичка форма. Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, текстуална игра на зборови, плошни плакатски решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини, а со тоа самите форми стануваат своевидни објекти во просторот.

Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“. Овие човечки фигури со својата транспарентност истовремено наликуваат на кожа која змијата ја отфрла откако ќе и стане тесна. Формата на човекот е присутна како остаток, како сведоштво за некоја негова преходна состојба, а тој не изчезнал туку пораснал, се трансформирал, ги пребродил предизвиците. Како паралела, на ѕидот се поставени слики во повеќе нијанси на црвена боја која потсетува на крв. Крвта е таа која го снабдува човекот со сите потребни материи и го одржува во живот, слично како водата преку системот за циркулација на растенијата.“, велат во најавата за изложбата авторите Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.

„Помеѓу зборовите, мислите и битието отсекогаш постои бездна… Делата на конкретниве три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето кое ни доаѓа. Регенерација на просечно и болно, е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото, е она што не ни се допаѓа. Забележливо е дека, јас авторот со ситниов број напишани зборови тешко се регенерирам во својот слободен пад помеѓу мислите и битието… сепак, во хармонијата на вкрстување на информации од било кој тип добиваме: машина, тело и дело кое се регенерира во веќе постоечка квантна состојба од варијантите. Непоколебливо присутни со своите регенеративни идеи се: Христина Зафировска, Ана Ивановска и Маја Кировска кои го даваат своето себство спојувајќи се во просторот на Галерија МКЦ. Просторот е битен… во него времето минува и се отелотворува заедно со визиите на објектите кои ќе бидат поставени во него. Транспарентно видлива стварност на одреден код, кој ќе биде отелотворен во свеста на посетителот. А, посетителот ќе суди, и пресудата ќе важи само за него.
П.С. Секој пишан збор (кој не вреди колку мисловниот) е во интерес на антиципирање на настанот“, посочува Горјан Ѓорѓиев.

АНА ИВАНОВСКА (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, отсек сликарство (2006). Во 2007 год. го завршува Педагошкиот оддел а во 2011 ги завршува постдипломските студии на отсек сликарство на истиот факултет. Од 2006 год. член е на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ). Таа е еден од основачите на уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009) која станува уметнички културно-алтернативен центар во Скопје сè до 2011 година. Во 2012 година станува дел од седумчлената уметничка женска група „МОМИ“ која сè уште е активна на македонската ликовна сцена. Сопственик е на ТП уметничка работилница КРЕАТИВНА СЛОЖУВАЛКА (2014) и има статус на самостоен уметник (Министерство за култура) од 2015 година. Од 2022 год. станува член на Уметничкиот совет на ДЛУМ и член на Управниот одбор на BIEAF 2023, меѓународен уметнички фестивал за животна средина во Бусан, Р. Кореја (2023).  

Реализирала повеќе самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство. Добитник е на наградата „Денес“ (2008), наградата за вајарство доделена од ДЛУМ (2017), наградата за нови медиуми доделена од ДЛУМ (2020) и беше претставник на Р. Македонија на интернационалниот натпревар на VII Франкофонски игри во Ница, Франција (2013). Остварила уметнички престои во Њујорк, САД (2022); CreArt, Скопје (2020); Папрадиште, Солунска глава (2019); Тирана и Корча, Албанија (2019); Берлин, Германија (2018); Париз, Франција (2014); Виена, Австрија (2011); Њујорк, САД (2009). Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми и нивна комбинација: инсталација, слика, скулптура, видео, перформанс, цртеж.  

ХРИСТИНА ЗАФИРОВСКА, родена е во Скопје 1983 година. Завршува средно уметничко училиште на одсек применето сликарство. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на смер-сликарство со графички дизајн. Магистрант е на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година; исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот. Од 2016 година има статус на самостоен уметник кој е поддржан од Министерство за култура.  

Реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација. Проектите се презентирани во Германија, Франција, Бугарија, Турција и во повеќето градови во Република Македонија. Нејзината уметничка пракса се базира на работа во различни медиуми како сликарството, графички дизајн, ѕидното сликарство, инсталација, сценографија, цртеж, фотографија и видео. Активно учествува на локални и регионални проекти, погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни проекти, саеми на уметност, симпозиуми, резиденции, фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, низ Европа и пошироко.  

МАЈА КИРОВСКА е родена 1982 година во Скопје. Дипломира 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсек графика, со насоки графички дизајн и модно креирање со текстил, каде е наградена за најдобар студент во класата. 2007 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во 2009 година, во соработка со неколку колеги ја оформуваат уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и основаат истоимен културен центар во Скопје. Во 2011 магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во област сликарство, под менторство на професорот Благоја Маневски. Во 2011 започнува постдипломски студии по филмска и ТВ камера на Факултетот за филмски уметности – Европска филмска и театарска академија ЕСРА во Скопје.   

Во 2012 во соработка со шест колеги ја основа уметничката група МОМИ. Од 2013 до 2019 предава на факултетот за Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет – Република Македонија, каде како насловен доцент предава Дизајн на плакат, Основи на графички дизајн, Фотографија и Мултимедија, a од 2018 добива звање вонреден професор. Од 2015 до 2023 година е член на уметничкиот совет на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Нејзината уметничка пракса се базира на работа во различни медиуми како инсталација, скулптура, видео, фотографија, перформанс, слика, графика, цртеж и филм, најчесто комбинирајќи ги.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ