Постои одржливо решение за компаниите во Македонија кои се соочуваат со недостаток на работна сила, кое обезбедува повеќе бенефити. Отворените работни позиции може да бидат одговорени од постоечки работен потенцијал кој треба да биде соодветно насочуван. Најважната улога треба да ја имаат професионалниот и социјалниот ментор, чија цел, преку синергиската поврзаност, е успешно интегрирање на потешковработливите лица на пазарот на трудот.
Ова е само една од пораките на јубилејното 50-то издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, кое излезе од печат и е посветено на тема: создавање услови за инклузивни работни места.
Страниците на овој број ја носат перспективата за едно праведно и инклузивно општество во кое секој граѓанин има еднакви можности за работна реализираност, но, не само при влез на своето работно место, туку и при создавањето адекватни услови за позицијата која ја има.
Според консултантот за одржлив развој и меѓусекторски партнерства, Небојша Илијевски, интензивната миграција на работната сила кон западните земји, донесе и неочекувана, колатерална придобивка за Македонија, па присилени да се снаоѓаат за да ги пополнат работните позиции што остануваат празни, менаџерите на компаниите се фокусираа на пазарот на труд на кој досега се гледаше на пејоративен начин, осуден на неуспех – лица со попреченост, жртви на насилство, младинци од улица, лица што се лекуваат од зависности, поранешни затвореници…
– Вообичаено, компаниите вклучуваа ваква работна сила во рамките на својата општествена одговорност, или како одговор на понудените субвенции од државата. Голем дел од ваквите вработувања придонесуваа лицата од маргините да се вработени, а најчесто без работа, без поддршка и со често несензибилизиран однос од газдите и од колегите. Најчесто тие брзо се откажуваа од работата правејќи си дури и поголем проблем во однос на визијата за сопствената можна улога во општеството – објаснува Илијевски за „Лице в лице“.
Додава дека токму програмата социјално менторство е директен, афирмативен одговор на овој проблем со кој живееме со децении и дека се вклопува во моментната ситуација на пазарот на труд за да им понуди на компаниите одржливо решение за отворените работни позиции.
– Ако досега разговаравме на начин на кој компаниите беа замолувани да ги земаат овие наши сограѓани како работна сила, сега сме во позиција на компаниите што стануваат сè поотворени, што се уверат во работните способности на оваа работна сила, да им понудиме работници во согласност со нивните потреби и со капацитети што беа развивани во текот на подолг временски период. Дополнително, компаниите добиваат крајно неочекувана услуга – директна поддршка на менаџерскиот тим, колегите и на самиот вработен што има цел задржување на работното место и постојано унапредување на способностите на работникот – додава Илијевски.
Искуствата покажуваат дека за секого има соодветно работно место, важно е само да се препознаат афинитетите кај поединците, нивните потенцијали, да се направи приспособување на нивните потреби и да се работи на промена на одредени навики што го отежнуваат задржувањето на пазарот на труд.
– Инвестирањето во инклузивни работни места и во инклузивен пазар на труд значи позадоволни вработени. Таквите вработени посреќни си заминуваат дома и стануваат подобри за своето семејство, околина. Јас верувам дека инклузивните работни места носат придобивки за општеството на долг рок зашто ваквиот пристап не создава само подобри работници, туку и подобри луѓе и подобри и поконструктивни граѓани – нагласува Марина Миладинова за „Лице в лице“, една од управителите на „Албатрос“.
Отворањето на бизниси во земјава за создавање инклузивна работна средина, бизниси свртени кон вработените и кон животната средина, освен кон профитот, е, исто така, промена на патот кон создавање поодржливо општество, вели Климентина Илијевски, главна уредничка на „Лице в лице“ и извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, иницијатор на програмата социјално менторство.
– Затоа овој број им го посветуваме ним, на претпријатијата што се двигатели на промени, кои се стремат кон одржливо лидерство, кои ја разбираат улогата на бизнисот во создавањето подобро општество, претпријатија што применуваат професионално менторство за кое зборуваме низ страниците на овој број. А промената се крие во малите чекори. Во малите јасни одлуки да се тргне во нова насока, различна од стариот шаблон на однесувања на кој сме навикнати да се движиме со години- вели Илијевски.
Јубилејното, 50-то издание ја означува и јубилејната 10 годишнина од основањето на платформата за одржлив развој „Лице в лице“. По тој повод до крајот на годината ќе се одржи и настан со кој ќе се одбележи партнерското дејствување на сите пријатели, поддржувачи, сојузници на „Лице в лице“, кои низ годините наназад се приклучуваа на мисијата за кокреирање инклузивно и праведно општество.
Низ бројки, 10-тиот роденден на „Лице в лице“ се одбележува со 50 изданија, 3.200 инклузивни страници, 150 вредни продавачи низ улиците на осум градови во земјава, 250.000 испечатени примероци и огромен број соработници и поддржувачи.
Дизајнот на насловната страница на 50-от број на „Лице в лице“ е дело „Контура“, а на другиот кавер е модната дизајнерка Ирина Тошева, фотографија на Томислав Георгиев.