Ќерката на поранешниот руски контрашпион Сергеј Скрипаљ, Јулија, беше пуштена од болницата во Велика Британија, во која, заедно со својот татко во критична состојба беа пренесени на 4 март, откако беа затруени со нервен агенс, соопшти менаџментот на болницата во Солсбери. „Би-би-си“ наведе дека таа се наоѓа „на безбедна локација“.
Директорката на болницата Кристин Бланшард ги потврди наводите на британските медиуми дека Јулија Скрипаљ (33) е отпуштена од здравствената институција, но не прецизираше кога излегла, додека „Би-би-си“ претходно наведе дека таа била пуштена доцна минатата ноќ.
„И двајцата пациенти исклучително добро реагираа терапијата која им ја препишавме, но се во различни фази на закрепнување“, рече Бланшард за новинарите, пренесе Ројтерс.
Таа истакнала дека тоа не е крајот на лечењето на Јулија Скрипаљ, наведе АП. Директорката на болницата навела и дека Сергеј Скрипаљ напредува во заздравувањето и повтори дека тој веќе не е во критична состојба.
„И покрај тоа се опоравува побавно отколку Јулија, ние се надеваме дека и тој наскоро ќе може да ја напушти болницата“, рече Бланшард.
„Би-би-си“ претходно изјави дека Јулија Скрипаљ е пуштена од болница во понеделникот ноќта и однесена на „безбедна“ локација.
Лекарите во петокот соопштија дека и Јулија и најзиниот 66-годишен татко се чувствуваат многу подобро, а Јулија минатата недела изјави дека од ден во ден силата се повеќе и се враќа, потсетува британската агенција.
Руската агенција „РИА Новости“ соопшти дека Јулија побарала политички азил во Британија. Велика Британија ја обвини руската влада дека го организирала нападот врз Скрипаљ со воен нервен агенс, додека Москва негира каква било вмешаност во инцидентот, кој доведе до тензии во односите на Русија со Западот.
Сергеј и Јулија Скрипаљ беа пронајдени на 4 март во несвест на една клупа пред трговски центар во јужниот англиски град Солсбери, по што со недели беа во критична состојба.