Каде се наоѓа Македонија на листата на безбедни држави?

0
1

Доколку размислувате каде да отпатувате во наредниот период, сигурно една од одлуките ке биде во однос на безбедноста во земјата која сакате да ја посетите. На врвот на листата на најбезбедни земји се наоѓа Исланд, по кој следат Ирска и Австрија, што не е големо изненадување. Нашата земја се наоѓа во првата третина, на 38 место, додека од земјите во регионот најдобро пласирани се Словенија и Хрватска.

Најновиот извештај на Глобалниот индекс на мир, изработен од Институтот за економија и мир, претстави анализа на глобалните трендови во однос на мирот, неговата економска вредност и начинот на развој на општествата. Целта на извештајот е да ги рангира земјите, односно да ги наведе најбезбедните земји во светот во моментот.

При изготвувањето на извештајот се земени предвид бројни фактори и категории, меѓу кои се перцепцијата на криминал, стапката на убиства, насилни демонстрации и политичка нестабилност. Дополнително, дел од анализата опфаќа увоз и извоз на оружје, влијанието на тероризмот, можноста за нуклеарно и тешко вооружување и други аспекти.

На дното на листата, како најмалку безбедни, се наоѓаат Авганистан, Јужен Судан, Јемен, Сирија, Русија и Украина. Извештајот потврдува дека глобалниот мир се влошува деветта година по ред, оваа година за 0,42%. Како главни причини за влошувањето на мирот се наведени конфликтите во Украина и Израел, но интензитетот на конфликтите расте низ целиот свет веќе некое време.

Сепак, има и позитивни промени – некои земји постигнаа напредок на листата. Најголем позитивен скок направија Либија, Бурунди, Брегот на Слоновата Коска и Оман.

Листата на 10 најбезбедни земји во светот изгледа вака:

  1. Исланд
  2. Ирска
  3. Австрија
  4. Нов Зеланд
  5. Сингапур
  6. Швајцарија
  7. Португалија
  8. Данска
  9. Словенија
  10. Малезија

С.Н.