Пишува:Наташа Доковска
Светот се движи напред, дури и кога гори. Буквално. Во последниве недели, катастрофалните пожари во Лос Анџелес беа тема на денот за медиумите низ целиот свет. Нашите соседи од Србија,Хрватска, Бугарија, па дури и Албанија, имаа јавувања од нивни сограѓани кои живеат таму – сведоштва за пеколот, искуства од евакуации, лични приказни што создаваат блискост со публиката. А кај нас? Тишина. Пустелија.
Се запрашав – толку ли немаме наши луѓе во ЛА? Или уште полошо, ги имаме, ама немаме новинари да ги најдат? Овој молк не е само резултат на немање ресурси или врски. Ова е симбол на тоа каде сме како нација. Каде сме во светот? Никаде. Не се чувствуваме како дел од глобалната приказна, а уште помалку знаеме како да ја раскажеме нашата.
Соседите имаат новинари кои се јавуваат до последниот агол на светот. Ние? Се чини дека нашите медиуми уште живеат во некоја друга ера, без храброст или амбиција да излезат од локалниот кал. Ако нема скандал или препукување меѓу политичарите, нема приказна.
Но, дали ова е само проблем на медиумите? Или е слика на општеството во целина? Дали сме станале толку изолирани што веќе не сме заинтересирани за светот? Или сме едноставно толку маргинализирани што никој не не ни забележува, па дури ни самите себе?
Тажно е да признаеме, но ова молчење за ЛА е повеќе од пропуштена вест. Тоа е потсетник за тоа колку сме заостанати. Светските трендови не се само технологија и иновации – тие се и медиумска способност да бидеме дел од глобалниот разговор. А ние? Се чини дека сме заглавени во минатото, загледани во себе, додека светот оди напред, дури и кога гори.
Можеби е време да се запрашаме: дали сакаме да бидеме дел од светот? Или сме задоволни со оваа улога на невидливи, на маргините? Одговорот, барем засега, изгледа прилично јасен. Никаде не нема, затоа што така сме избрале.