недела, декември 22, 2024
домаЖивотРепортажиКафеана Балкан и ресторан Панорама

Кафеана Балкан и ресторан Панорама

Не е далеку од умот споредбата на рудаментираниот Балкан со Европскиот поглед од Панорама, особено ако се знае дека и двата се угостителски објекти во Крагуевац, Србија. Центарот на Шумадија се наметнува и како центар на гастрономијата. Колку и да звучи излитено печеното прасе навистина може да се катапултира како специјалитет во Европа. И колку и да звучи неверојатно бифтекот од највисокиот ресторан во Крагуевац навистина може да се мери со францускиот. За тоа имав прилика да се уверам изминатиов викенд.

Kragu_05
На зидовите од кафеаната Балкан, слики од некогачниот изглед и име

Првиот впечаток на градот во чиј центар залутал вагон, кој во ретро стил е претворен во кафетерија, со тераса распослана во прекрасно парк зеленило е смрзнувачки. Декемвриското сонце заедно со љубезните насмевки на мештаните полека го загреваат впечатокот. Извонредното Hausbrandt еспресо во автентична атмосфера од вагон од минатото столетие и слатката палачинка (има и солена) го пробиваат полека мразот од прозорците на вагонот. Чадот од цигарите го надополнува впечатокот од времето кога патувањето со воз претставувало патување во иднината. „Патував“ во вагонот до пладне, а потоа се упатив во градската кафеана Балкан.

Kragu_02
Свинско филе во сос од модри сливи и компир во сос од топено сирење

Тешките метални врати ме внесоа во слабо осветлена сала со сводови на високиот таван, од кој се спуштаа лустери осветлувајќи со жолта светлина, која ја надополнуваше „жолтата“ слика. Единствената слободна маса во аголот нудеше поглед на целата внатрешност. И на луѓето пред кои светкаа полупразни чаши со алкохол. Пушењето во Балкан е дозволено. Нарачав дуња и добив и чаша кисела вода, мени и пафтање со крпа по трошките од масата. Келнерот е од онаа изумрена врста кај нас: висок, крупен, пред пензија, облечен во црно одело од кое излегува мев покриен со бела кошула на која виси тенка кравата. Со рутинирани потези ги дига панталоните и мумла нешто од беззабата долна вилица, звучи како „ижволите“. По негова препорака одбирам „Караѓорѓева“ знаејќи дека тоа е аусвајс за влез во гурманштијата на Србите. Ручекот боговски. Одлично избалансиран со киселата зелка за мезе. Пијам уште неколку дуњи и одбивам дружба со виното кое ми беше понудено да го мириснам. Не сум познавач на вина но мирисот на визба и на буре говори дека и србите далеку отишле во „барик“ обработката на вино.

Kragu_03
Пилешки стек за деца

На излегување, ме заплисна свежина со сета чистота на воздухот, сосема спротивна од задимениот Балкан. До хотелот ми се разбистри погледот. Од стаклениот лифт на осмиот кат, наместо во соба влегов во ресторанот Панорама. Како да не ми беше доволна градската кафеана па продолжив… Љубопитноста се исплатеше. Перфектно уреден простор со чаршафи, салфети и чаши за вино и гоолеми чинии за послужување. Не останав на првичната намера да се напијам кафе. Задлабочено се втурнав во страниците на менито кое патем речено беше обвиткано со кожа и тешко, а амо со неколку страници за избор на храна и пијалак. Цените се прифатливи особено за Македонците кои ги преполовуваат да дознаат за износот во денари, па бројките се помали! Гледајќи во далечина од осмиот кат на хотелот, низ прозорците кои фрлаа поглед на три страни, помислив зошто да не вечерам порано од вообичаеното – 17 и 30 часот, а надвор е темно. Избрав мисиркино во сос од црни рибизли и не згрешив. Лесно е за варење, а слаткиот сос дополнително ме разјадува. Сервирано е како од кујната на Џејми Оливер, а вкусно е како ручек на баба ми, па ми создава проблем. Не ме најадува. За среќа ми стигна порака за заедничка вечера со пријателите од војска. И глеј чудо: токму за два часа повторно во ресторанот Панорама. Овој пат свинските медаљони во сос од црни сливи и гарнир од печен компир прелиен со топено сирење ги наполни сите празнини на задоволството. Виното го потврди претходниот впечаток за квалитет. А разговорот не застана.

Kragu_04
Нултата точка во Крагуевац

Помина и тој ден во Крагуевац, градот што го добил името по птицата Крагуј – некоја врста на јастреб. Дива птица не пробавме, но за тоа во друга прилика, ако е за верување на моите другари, страсни ловци.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ