Денеска е 10ти октомври, Светскиот ден за заштита на менталното здравје, кој се одбележува секоја година со цел зголемување на свеста за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат нашите сограѓани кои имаат нарушено ментално здравје.
Здружението за ментално здравје, Асоцијација Мисла, го одбележува денешниот ден приклучувајќи се кон светската кампања чиј фокус оваа година е превенција на самоубиствата. Истовремено сакаат да ја потсетат јавноста за потребата од разбивање на предрасудите во општеството за лицата со ментални болести.
Кај секој поединец одвреме навреме се поставува дилемата околку изразот “ментални болести “ кој често може да предизвика отпор или пак стигма кај луѓето. Па така, размислувајќи за ментални односно умствени болести, неминовна е констатацијата дека во многу општества темите за менталните болести се табу и во таа смисла, барањето помош и поддршка, зборувањето отворено за овие состојби кај луѓето е многу различно од состојбите или болестите како што се рак, удар, операција или вирус. Менталните болести зависат од многу фактори: eкономски, социјални, културни и општествени и поради тоа е потребно да имаме широка перспектива за менталното здравје кај луѓето. Никој не е имун односно секој е засегнат, без разлика на возраста, потеклото, родот, статусот. И во таа смисла, општеството премногу троши сакајќи да ги заштити овие граѓани преку институционална форма. Дали е тоа единствен начин и решение? Дали е тоа решение за сите лица кои се засегнати со оваа состојба?
Менталното здравје и благосостојбата се од фундаментално значење за нашата колективна и индивидуална способност како луѓе за да може да мислат, чуствуваат , да комуницираат едни со други, да работат, живеат и уживаат во животот. Менталното здравје директно го поткрепуваат основни човечки и општествени вредности на независност, мисла и акција, среќа, пријателство и солидарност. Врз основа на ова, промоција, заштита и реставрација на менталното здравје може да се смета како витална грижа на поединци, заедници и општества ширум светот.
Сепак, реалноста во Република Северна Македонија дава малку поинаква слика. За состојбата со правата на лицата со ментални болести се констатираат ниски нивоа на достапност на услуги, недоволни законски решенија не само за јавното здравје, туку исто така и за економски развој и социјална благосостојба. Лицата со проблеми со менталното здравје се избегнуваат, се дискриминирани и им се одбиени основни права, вклучувајќи го нивното достоинство и социјалната правда.
Улогата на граѓанското општество, во отсуство на постоење на структурно и стабилно системско решение е нужна, и во таа смисла е и обезбедување на взаемна поддршка на ранливите и оние кои имаат потреба од заштита, поддршка и рехабилитација.
Граѓански вредности на социјална правда, солидарност, безбедност и толеранција се асполутно неопходни за менталното здравје, кое дефинирано според Светската здравствена организација е “состојба на благосостојба во која секој поединец сфаќа за неговиот сопствен потенцијал и може да се справи со нормалните стресови на животот, со цел да може да работи продуктивно и плодно, и е способно да придонесе за неа или за него , во заедницата”.
И во таа смисла, потребата од обезбедување на социјални права и достоинство на лицата со ментални болести е нужност за остварување на благосостојбата на менталното здрвавје.
Многу луѓе кријат дека имаат ментални нарушувања, дека имаат одредена дијагноза од страна на психијатар, се срамат и ја негираат својата состојба. Околината пак има забележителни предрасуди кон овие лица, ги одбегнува, не им дава шанса ниту да се дружат со останатите луѓе, ниту пак да се вработат. Сето тоа создава проблеми во секојдневното живеење на овие лица кои ние сакаме да помогнеме да се надминат. Ова е главната причина поради која е формирано здружението Асоцијација Мисла, чија главна социјална мисија е поддршка на граѓаните со ментални болести.
Во оваа група на граѓани со ментални нарушувања влегуваат значително повеќе лица од оние кои биле хоспитализирани или им е одредена дијагноза. Во нашата земја постои непознавање кај пошироката јавност за проблематиката околу менталното здравје и менталните болести. Дополнителен проблем е и крајно негативното мислење и постоењето на табу за барање на стручна помош од психијатар или психолог.
За грижата за менталното здравје неопходна е превенцијата, одржувањето, лечењето/третманите и рехабилитација на менталното здравје. Менталното и емоционалното здравје на населението на децата возрасните и страрите лица е основа за градење на државна стратегија на развој и напредок. Националната стратегија за унапредување на менталното здравје е документ кој ќе ги постави чекорите и мерките кои треба да се преземат поединечно за иднината на нашата земја.
Недостатокот во законот за ментално здравје, кој во овој момент е на сила во Република Северна Македонија ги опфаќа само оние лица кои се лечат во здравствениот систем. Поради тоа е потребна промена во насока на вклучување на лицата кои се надвор од здравствениот – институционален систем.
Од Асоцијацијата Мислма сметаат дека превентивата, како и третманите во раната фаза од развојот на нарушувањата со ментално здравје не се практикуваат во задоволителна мера. Во третманот, подеднакво се важни и терапијата со лекови и разни психотерапевтски техники. Заштитата на лицата со ментална болест се заснова на обезбедување на најдобра грижа, лекување и рехабилитација во согласност со тековните достигнувања во областа. „Лицето со ментална болест има право на ист третман во грижата, лекувањето и рехабилитацијата, како и лицата болни од други болести“ (Закон за ментално здравје, Сл. Весник на Р. Македонија бр.71 од 08.06.2006 год.)
Но, не смее да се заборави и социјализацијата и поддршката од семејството, кругот на пријатели и од општеството кои исто така придонесуваат кон стабилизирање на состојбата и понекогаш и кон трајно излекување.