четврток, декември 19, 2024
дома„Кајмак“ е импровизација која нема што да каже

„Кајмак“ е импровизација која нема што да каже

Кон „Кајмак“, режија и сценарио: Милчо Манчевски, улоги: Камка Тоциновски, Симона Спировска, Филип Трајковиќ, Александар Микиќ, Сара Климоска, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, фотографија: Улрик Боел Бенцен, продукциски дизајн: Дејвид Манс, музика: Дениш стринг квартет, Македонија/Данска/Холандија/ Хрватска 2022 година

Пишува: Сунчица Уневска

Новиот филм на Милчо Манчевски, „Кајмак“, околу кој, како и секогаш, се крева толкава врева, иако тој во суштина не нуди ништо посебно, освен импровизација, заглавеност во некој архаичен начин на размислување и површност. Но, мора да се признае дека митот што Милчо Манчевски самиот го создаде за себе и, се разбира, сè уште така внимателно го негува, функционира. И тоа, не само кај нас, не само со помош на оние со кои се опкружи, а кои во него гледаат господ, туку факт е дека тоа му успева и надвор. За тоа навистина треба голем влог, на што Манчевски очигледно со години е посветен, вложувајќи труд, многу педантно развивајќи и бирајќи со кого ќе соработува и како, какви книги или писанија за него ќе излезат и на кој начин ќе бидат пласирани. Ми се чини, дека во светски рамки, во кои сигурно има многу големи автори, нема ваков пример, кој успева толку да го задржи митот за себе со само еден филм, што му донесе „Златен лав“, а во меѓувреме, во сите овие речиси триесетина години нуди просечни или потпросечни филмски дела. Не постои друг таков автор, бидејќи или имаат и други филмови за кои се зборува и кои се паметат или едноставно се заборавени и останати во некоја меморија во историјата.

Но, Манчевски покажува дека може и поинаку. Може и ден денеска, кога ќе излезе нов филм, сите кои пишуваат за него сè уште да го споменуваат „Пред дождот“ и да прават паралели со него, бидејќи не само што немаат за што друго да се фатат, туку тоа е веќе така сраснато со Милчо, па сè што прави, вака или онака, го гледате низ таа призма. Едноставно, ни странските рецензенти не можат да се тргнат од тој наметнат впечаток, затоа што кога се работи за него, буквално сè, секое предавање, гостување, книга, пишување, статија се нешта во кои тоа е толку апострофирано, што не можете да го избегнете.

Затоа и не е чудно што за него секогаш, сите рецензии почнуваат и завршуваат со „Пред дождот“, како за никој друг автор, а ги има навистина, но после толку време веќе никој не ги споменува. Но, не и кога се работи за Манчевски, затоа и не е чудно што и овие неколку рецензии (во овој момент малку, со оглед на тоа што сè уште не е многу прикажуван) зборуваат за „Пред дождот“, ги прават тие споредби и сите анализи се вртат околу истиот негов начин на работа, кој и потоа доста го применува, иако неуспешно. Меѓутоа, она што е добро, е фактот што филмските критичари, сепак, знаат за што пишуваат и умеат да препознаат. Затоа не е чудно што доби веќе неколку лоши критики, а дури и во Јапонија, каде што имаше млади луѓе кои беа одушевени од неговите предавања, сепак, беа свесни и го изразија своето разочарување од филмот.

Како и да е, да се вратиме на филмот, за кој е јасно дека кај нас се повторува истата приказна, со истиот пиетет, барајќи го во неговите филмови она што го нема, па со тоа нема ни да се занимаваме. Јас веќе реков дека „Сенки“ и „Врба“ се негови најслаби филмови, а сега би рекла дека „Кајмак“ избива на врвот, односно ова е најлошото што Манчевски досега го направил. А можеби, искрено кажано, и си доаѓа на своето, вметнувајќи ги во овој филм своите сфаќања и размислувања, своите потреби и опсесии, обидувајќи се сето тоа да го преслика во филм што ќе зборува за нас или за нашиот град. Но, во него нема ништо од тоа, онаа негова замисла психолошката состојба да ја поврзе со градот, се топи како кула од карти, особено кога ќе навлезе во сексуалните теми, во кои ќе измеша сè живо и диво и за кои на крајот, стварно не сум сигурна, дали самиот знае што сака да каже или порача.

Впрочем, еве да бидам лична и да речам дека јас и Милчо сме го живееле истиот град (бидејќи тука сме генерациски), сме растеле во овој град, тука сме се развивале и сме ги стекнале првите животни искуства и денеска сме сведоци на сите промени во него, но со една разлика, јас нив ги живеам за целото ова време, така што перцепцијата е различна, барем од овој агол денеска. Меѓутоа, Манчевски заглавен веројатно во некои свои сеќавања и доживувања за градот, кои сака да ги испреплете со денешниот начин на живеење, прават хаос од филмот, што нема врска со стварноста. Не можејќи и самиот да најде подлога за она што го зборува прибегнува кон такви импровизации, кои и ликовите и настаните му ги прави апсурдни и на многу места ги сведува на гротеска. Зошто? Затоа што има едно правило, кое сите филмаџии го знаат, а тоа е дека она што е најважно за еден филм или како што гласи една мудра изрека, има три работи кои се најважни за добар филм, а тоа се: приказна, приказна и приказна. Тоа, филмот „Кајмак“ апсолутно го нема.

Колку сака некој или тој самиот нека ги правда работите со ваква или онаква форма, со скршена структура, со приказни кои некаде во некои точки се допираат, со експериментален пристап или не знам што, на крајот тоа го нема, во ниту една точка. Приказна нема, ликовите не се ниту доследни, ниту исцртани, целиот филм е импровизација, целиот филм е површен и изграден врз база на некои негови архаични размислувања кои ниту соодветствуваат со времето, ниту нешто изразуваат. За каква сексуална слобода, или како што самиот вели, за какво лицемерие зборува тој, освен за сопственото?

Зборува за морал проблематизирајќи го моралот, зборува за класни разлики толку невешто замислени и апсурдно исцртани (да не речеме, недоживеани), зборува за некаква обземеност со мајчинство која е толку заостаната, зборува за некоја страст која не произлегува од никаде. Какви средни години или криза на идентитет, па тоа мора да го имате, мора да го доловите, мора да знаете зошто и од каде доаѓа, мора да го почувствувате, мора да го најдете внатре во себе (за воопшто да го пренесете), мора да имате приказна во која тие ликови ќе се кршат или ќе се обидуваат да го пронајдат она што им недостига. Не може за такви теми да се зборува со импровизации, со некои зададени и замислени ситуации кои демек зборуваат за девијантно општество….

Тие прашања за кои тој се обидува да говори не се воопшто карактеристични за една средина, денеска тоа е нешто што се случува насекаде, само се разбира не вака нелогично и бесмислено. Тој сака да прави црна комедија, но како што реков, смешното овде произлегува од апсурдното и на сила извртеното (бев во полна сала и точно го почувствував тоа), а за црна или за сатира не станува збор. За кои негативни појави зборува Манчевски, за кои негативни појави што произлегуваат од нашата депресивна стварност? „Кајмак“ нема приказна, не за Скопје, не за оваа земја, нема никаква приказна во која можете да ги препознаете емоциите, болката, стравот од изминувањето на времето, судирот со реалноста, која не ни се допаѓа. Па дури, се оди дотаму, без никаква задршка да зборува (и да отвора) секакви теми кога станува збор за користењето на ретардираната девојка за сурогат мајчинство???

Знаете што, самите детали уште од почетокот, од оние старински псовки кои зборуваат за некое друго време и за оние селски, заостанати средини, што можеби додека растевме можеа ваму или онаму да се слушнат, бидејќи тоа беше време на миграции кога многу луѓе од селата наеднаш се најдоа во градовите што растеа и се развиваа, а со себе ги носеа тие стари сфаќања за „среќните семејства“, како и предрасудите за т.н. неротки и слободни жени. Денеска, тоа нема врска со ништо, ниту пак е карактеристично за градот, ниту ја отсликува реалната состојба, а уште помалку нашето секојдневие, за со него воопшто да се занимава. Не, градот не нè враќа во времето, на градот му е одземена душата, а сите ние кои сме го живееле, ги бараме и сакаме вистинските вредности. Развојот е неминовен секаде, па и овде, како надвор, така и внатре, во секој од нас.

Ова е филм кој сака да биде драма, сака да биде сатира, сака нешто да порача, но самиот се губи во себеси и на крај не може да се пронајде. Знаете, предрасудите се голема работа, тие умеат да го повлечат човекот во нејасни води, во кои и самиот повеќе не може да се снајде, особено ако верува во нив и не може да ги надмине. Предрасудите се уште потешки кога немате за што да се фатите и кога останувате на површината. Затоа е важна приказната, исто како и во животот, вие морате животот да го живеете и да го искусите, за да можете за него да зборувате. Емоциите, привлечноста, страста, барањето себеси, несреќата поради неможноста да бидете тоа што сте, се работи од кои може да се исплете феноменална приказна, но кога за неа би имало зрелост и доживеаност.

Умеат некои филмови да ве држат дури и низ времето со своите пораки, со својот амбиент, со атмосферата која тежи и боли, умеат некои приказни да го извадат дури и она што самите често не сакаме да го видиме. Умеат некои приказни да погледнат толку длабоко, да го завртат огледалото, умеат некои автори да нè допрат така да ја видиме целата болка или несреќа или бесмисла. Ова е далеку од таков филм. Ова е лош, површен, импровизаторски обид да се биде нешто што не си, и да се раскаже нешто што ниту е доживеано, ниту е проживеано, ниту е почувствувано, ниту може да ја препознае емоцијата. Емоцијата е силна работа, таа доаѓа одвнатре не однадвор.

Филмот има фотографија, има игра со боите, има музика, има актери, но нема поента. А алузиите на други филмови или автори, како Серџо Леоне, како Пол Хеџис…, се толку непотребно и лошо вклопени, толку неиздржани, ниту за нив има контекст, додека кајмакот, каква метафора да најдам во нешто толку вкусно кое треба да ги буди (и преиспита) сите сетила, а не да се подбива со нив сведувајќи ги на нешто евтино, простачко и гротескно. Едно, секако, треба на Манчевски да му признаеме. Тој ќе мора, како што самиот верува, навистина да се изучува, но не за друго, туку за тоа како да го задржиш митот за себе со толку потпросечни дела, кои зборуваат повеќе за тебе отколку било што друго.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ