Како да изберете училишен ранец за вашето дете?

0
80

Почетокот на учебната година за многу родители е време на стрес и многу грижи. Треба да се подготви сè за поаѓањето во училиште, а едно од најважните прашања е како да се избере најдобриот ранец за детето, кога понудата на пазарот е огромна? Кои се критериумите на кои треба да се внимава? И што сè треба да содржи добар училишен ранец?

Има многу прашања, како на пример, колкава големина треба да има ранецот, колку прегради треба да има, дали ранецот треба да го избере детето или родителот? На самиот почеток, важно е да знаете дека е многу важно вашето дете да биде задоволно со изборот на ранецот и да го носи со радост секој ден во училиште. Многу зависи од тоа дали вашето дете оди во прво одделение или е во некој од повисоките одделенија.

Доколку вашиот ученик е прваче, препорака е да му купите анатомски ранец, бидејќи тој има зајакнувања за грбот кои ќе му помогнат на вашето дете да ја одржува кичмата во правилна положба. Просечното прваче има од 25 до 35 килограми, а просечниот ранец тежи околу 6,5 килограми, па препораката е во првите два класа децата да не носат ранец, туку некој постар од семејството да оди со нив и да го носи ранецот.

Она на што треба да обрнете внимание при купување на ранец е бројот на прегради, бојата и обликот, и секако, висината на ранецот. Исто така, постојат и ранци на тркалца, кои можат да бидат добар избор за оние кои живеат блиску до училиштето.

За постарите ученици, совршен избор е ранец 2 во 1. Некои модели имаат простор за слушалки и кабел за поврзување. По средината на ранецот има голем патент кој, кога ќе се отвори, создава еден помал и еден поголем ранец. Помалиот ранец е совршен за деновите кога детето има помалку часови или за разни воннаставни активности. Поголемиот ранец е одличен за деновите кога треба да се понесат повеќе книги и кога детето има повеќе часови. Нивната висина е во просек над 43 см.

Девојчињата од повисоките одделенија или средношколките често избираат торби за преку рамо, кои се одличен избор за деновите кога немаат многу часови. Она на што во секој случај треба да се обрне внимание е ранецот или торбата да имаат најмалку две прегради, за да можат убаво да се организираат и да се подредат книгите, пенкалото и другите потребни предмети за училиште.

С.Н.