Со проектот „КАКО СЕ ПРАВИ ЧОВЕК“ на режисерката Хана Миленковска, денеска, 4 април во Кино Култура од 20 часот, ќе почне 12-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, посветен на професионалното независно театарско творештво.
На програмата се вкупно шест претстави, меѓу кои и „КОКОШКА“ од Бугарија, во режија на Ана Батева, „МАШИНАТА НА ПИНОКИО, Ти не си еден од нас“ на театарот „СОФИЈА АМЕНДОЛЕА“ од Рим, Итлија, интерактивниот перформанс „ЈАС СУМ АКТЕР – ЧОВЕК“, на режисерката Теа Беговска, „СОНИШТАТА НА ХАМЛЕТ“, на исклучителниот актер и режисер Ментор Зимберај од Косово и претставата „ДНЕВНИКОТ НА ЛУДИОТ“ во изведба на Бобан Алексоски, а во режија на Ѓорѓи Ризерски.
-Годинава, иако без поддршка од Министерството за култура, а со финансиска инекција од Град Скопје, скромно и достоинствено ја продолжуваме мисијата на интернационалниот театарски фестивал „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ”, а тоа е промоција и афирмација на независното театарско творештво. Среќни сме што годинава програмата нуди нови кратки форми на театарско изразување, а со тоа ќе промовираме и нови сценски простори во градот Скопје. Покрај познатите локации МОБ, КИНО КУЛТУРА, пријатели на фестивалот од годинава се и ГАЛЕРИЈАТА “КОЛЕКТИВ” и театарот “СЕНКИ И ОБЛАЦИ”, вели Миодраг Костиќ, директор на ИТФ „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“.
Фестивалот е во организација на независниот „ТЕАТАР 007“, заедно со Ј.У. Дом на култура „КОЧО РАЦИН“ од Скопје. Визулениот идентитет на фестивалот е авторско дело на Марјан Ѕингаров Ѕин. Претставите ќе ги оценува жири комисија во состав: Бојан Трифуновски-режисер, Ивана Настеска-новинар/критичар и актерот Мики Анчевски, кои ќе ги одлучуваат за трите фестивалски награди: ГРАНД ПРИ за најдобра претстава, НАГРАДА за најдобра РЕЖИЈА и НАГРАДА за најдобро АКТЕРСКО остварување.
Претставите се со почеток од 20 часот. Билети се со цена од 200 денари и може да се резервираат на itf.faceswithoutmasks@gmail.com.