Калорискиот дефицит претставува состојба кога телото троши повеќе калории отколку што внесува преку храната, што често е поврзано со процесот на слабеење. Но, дали ова секогаш е здраво решение? Нутриционистката Ана Глигоревиќ објаснува дека, иако калорискиот дефицит е основа на секоја диета за губење тежина, прекумерното намалување на калориите може да има сериозни последици врз здравјето.
Што е калориски дефицит?
„Калорискиот дефицит се јавува кога внесуваме помалку калории од оние што ги согоруваме преку основниот метаболизам и секојдневните активности,“ објаснува Глигоревиќ. Ова значи дека телото мора да ги користи своите резерви на енергија – првенствено масти, но и мускулна маса во екстремни случаи.
За да се воспостави калориски дефицит, потребно е да се намали внесот на калории или да се зголеми нивното трошење преку физичка активност. Идеално, комбинација од двете е најдобриот пристап.
Кога калорискиот дефицит станува опасен?
„Кога калорискиот дефицит е преголем, телото не добива доволно хранливи материи кои се неопходни за неговото нормално функционирање,“ вели Глигоревиќ. Последиците можат да бидат бројни:
- Намалување на енергијата и замор
- Нарушување на хормоналниот баланс
- Намалување на имунитетот
- Губење на мускулната маса
- Проблеми со коскената густина
„Многу луѓе прават грешка со тоа што нагло ги намалуваат калориите, мислејќи дека на тој начин побрзо ќе ослабнат. Ова не само што е неефективно на долг рок, туку може да доведе и до сериозни здравствени проблеми,“ предупредува нутриционистката.
Здрав пристап кон слабеењето
Глигоревиќ препорачува умерен калориски дефицит кој ќе дозволи постепено слабеење од 0,5 до 1 килограм неделно. „Најдобриот начин е да се избере балансирана исхрана богата со протеини, сложени јаглехидрати, здрави масти и доволно витамини и минерали. Не треба да се заборави и важноста на физичката активност,“ додава таа.
Долгорочното одржување на здрави навики, наместо драстични промени, е клучот за успешно и безбедно слабеење.
„Секое тело е различно, па затоа е важно планот за исхрана и физичка активност да биде индивидуално прилагоден. Консултирајте се со нутриционист или стручно лице пред да започнете со каква било промена,“ заклучува Глигоревиќ.
Калорискиот дефицит може да биде моќна алатка за слабеење, но само доколку се применува правилно и со внимание кон здравјето.
А.Н.