Американски кардиолози објавија промена на дефиницијата за хипертензија и сметаат дека таа започнува кога крвниот притисок достигнува 130/80, додека порано тоа беше 140/90.
„Премногу висок крвен притисок е дефиниран како систолен притисок од 130 милиметри живин столб (mm Hg) и дијастолен крвен притисок од 80 mm Hg,“ пишува во новите насоки во списанието „Нипертензија“ на Американскиот колеџ за кардиологија.
Ова упатство беше презентирано оваа недела на годишната конференција на Американската асоцијација за каридологија во Анахајм, Калифорнија. Ова е прва ревизија на директивата за хипертензија од 2003 година. Оваа нова дефиниција значи дека 46% од возрасните Американци имаат висок крвен притисок, додека по претходната беа 32%.
Хипертензијата, после пушењето, е втора водечка причина за срцеви заболувања и мозочен удар. Но притисок од 130/80 не мора да значи дека овие луѓе треба да земат лек, вели д-р Пол Велтон, професор по епидемиологија на Факултетот за хигиена и здравствена заштита „Џонс Хопкинс“ во Балтимор.
„Тоа е како жолто светло на семафор кое покажува дека вашиот крвен притисок треба да се намали со промени во животниот стил, пред се без лекови“, вели тој.
Тоа се намалување на телесната тежина, поголема физичка активност, поздрава исхрана и избегнување на сол, алкохол и стрес. Новите насоки ќе ја елиминираат категоријата „пред-хипертензија“, која се однесуваше на систолен притисок од 120 до 139 и дијастолен меѓу 80 и 89.