Дипломскиот филм „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска донесе една топла, хумана, но и тажна човечка приказна, актуелна секогаш, како овде, така и во другите краишта на светот. Јакимска пријатно изненади со солидно познавање на филмскиот јазик, со доследност во композицијата на сликата и водењето на приказната и со силно чувство за естетика на кадарот.
Во овој 19-минутен филм има само две улоги, но авторката добро се снаоѓа и успева низ сликата и симболиката да ја долови приказната за напуштените села и за луѓето, чија надеж и верба ќе го врати животот во нив. Јакимска се определува за симболичен приод, за една бајковидност наместо реалистичност. Иако приказната е всушност многу реална, но таа на тој начин го избегнува бремето и тагата, создавајќи една сензитивна приказна полна со значења. Факт е дека на филмот му недостигаат оние врзивни ткива кои би му донеле поголема животност, природност во течението и еден појасен концепт, но бајковидниот приод тоа на некој начин го надополнува. Не за да допре до секого, туку за да го оправда следот на настаните. Како и да е, таа покажува извонреден осет за детал и за емоција, но и за мерка, па го избегнува оној често присутен почетнички проблем на пренатрупаност и на тенденциозност.
Филмот има прекрасна фотографија, која ја потпишува Наум Доксевски, многу ефектно се употребени пејзажот и светлината во неговата нарација, како и македонската народна песна, а улогите на Наташа Петровиќ и Шенка Колозова се исклучителни. Убава е вербата со која завршува овој филм, која некако го топли срцето. Јакимска многу мудро прави едноставна приказна, што најчесто не е карактеристично за кратките филмови на македонските студенти, едноставна и сосем добро раскажана, водејќи сметка како за внатрешниот, така и за надворешниот свет. Бајковидноста и неодреденоста на времето, исто така, му одат во прилог на филмот, што се надеваме ќе му овозможи да допре до пошироката публика и покрај недостатокот на некои важни одредници. Во секој случај, Јакимска има капацитет и и посакуваме плодно творештво.
Сунчица Уневска