Цената околу водата деновиве е една од главните теми меѓу граѓаните. По информациите дека од 1 Јануари ќе има нова цена на водата, прашањата се која ќе биде таа и кој ќе ја регулира. Ова особено добива на гласност ако се знае дека Регулаторната комисија за енергетика, која патем според новиот предлог закон за енергетика нема да има повеќе улога во цената на електрична струја, ќе биде надлежна за водата!?
На прашањето колку ќе поскапи и дали ќе поскапи водата во Скопје, на пример, се уште нема одговор. Скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ сè уште не може да ја утврди цената на водата што треба да се применува од 1 јануари 2018 година поради истекување на мандатот на членовите на Управниот одбор на претпријатието.
Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, минатиот месец донесе решение за утврдување на просечната минимална и максимална тарифа за водната услуга, снабдување со вода за пиење или водоснабдување.
Според предлогот на РКЕ цената на водата за жителите во Скопје треба да се движи помеѓу 30,54 и 34,80 денари, a сегашната просечна цена изнесува 31,39 денари. На ова се додава и новата давачка што скопјани ќе ја плаќаат од наредната година за прочистување на отпадни води што според предлогот на РКЕ изнесува 2,04 денари по метар кубен. Според ова, цената на водата во Скопје во 2018 година ќе се намали сè додека не се воведе тарифата за прочистување на водата.
Утврдените тарифи од страна на Регулаторната комисија за енергтика, согласно Методологијата, се просечни тарифи, што значи дека давателите на водни услуги, во утврдените рамки, сами ќе ја определат висината на тарифите по категории на корисници – домаќинства и останати.
Регулаторна комисија за енергетика ги утврди тарифите за 37 претпријатија даватели на водни услуги во земјава.