недела, ноември 17, 2024
домаКнижевна средба со Марија Павловиќ и Петар Денчев

Книжевна средба со Марија Павловиќ и Петар Денчев

Издавачката куќа „Готен“ и здружението за култура „Транзен“ организираат книжевна средба со авторите Марија Павловиќ и Петар Денчев на 11 април во „Саут сајд коктел бар“ во Струмица, со почеток во 20.30 часот. Модератор на средбата ќе биде Далибор Плечиќ.

Марија Павловиќ (1984) е писателка, копирајтерка и уредничка на електронско списание од Србија. Авторка е на драмскиот текст „Чудниот случај на госпоѓата Џекил и докторката Хајд“, на збирката раскази „Хорор приказни на секојдневието“, како и на романот „24“. Нејзините раскази се објавувани во зборниците на белградското здружение „Оксиморон“, списанието од Зрењанин „Улазница“, како и во зборникот на Фестивалот на европскиот краток расказ од Загреб. Учествувала во регионалниот книжевен проект „Писателите за иднината“. Моментално е на докторски студии во Берлин. Марија Павловиќ во текот на април е гостин на резиденцијалната програма за писатели на издавачката куќа Готен, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“.

Петар Денчев е бугарски писател и театарски режисер. Дипломирал режија во 2010 година, а во 2017 година ја одбранува магистерската теза. Неговиот роман „Како што мажот ја бакнува љубената“  во 2007 година ја добива првата награда на конкурсот за нов бугарски роман „Развој“. Во 2010 година ја објавува збирката раскази „Приказни во минато време“, а во 2012 година романот „Тивкото сонце“. Неговите раскази се преведени во Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Германија и САД. Неговите претстави се поставени во некои од најголемите театри во Бугарија. Во периодот од 2017 до 2018 година работи како драматург во драмскиот театар „Стојан Бачваров“ во Варна.

Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги Традуки.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ