вторник, октомври 22, 2024
домаКога правдата ќе се претвори во апсурд

Кога правдата ќе се претвори во апсурд

Кон „Правилата на наставничката соба“, режија: Илкер Чатак, сценарио: Јоханес Дункер и Илкер Чатак, улоги: Леони Бенеш, Михаел Кламер, Ева Лебау, Леонард Штетних, монтажа: Геса Јегер, музика: Марвин Милер, Германија 2023

Пишува: Сунчица Уневска

Во пресрет на новото 74. издание на Берлинскиот филмски фестивал (15-25 февруари 2024) би сакала да потсетам на еден од најдобрите и најинтригантни филмови од минатогодишниот фестивал, „Правилата на наставничката соба“ (Teachers’ Lounge) на турско-германскиот режисер Илкер Чатак. Не е ништо ново дека многу често најдобрите филмови не ги добиваат наградите, но затоа остануваат запаметени, а често извршуваат и големо влијание. Овој филм во Берлин беше прикажан во програмата „Панорама“, и главно ги доби наградите за дистрибуција, но за среќа, признанијата дојдоа подоцна, па ги освои номинациите за европските награди (за најдобар филм и најдобра женска улога на Леони Бенеш), а сега и номинацијата за „Оскар“ за најдобар странски филм (за жал, не и за Леони Бенеш).

За овој германски филм известував уште лани од самиот Берлински фестивал, и веќе напишав дека беше вистинско откритие и дека беше неправда што не доби награда. Како и да е, еве за него допрва се зборува, а многу од наградените веќе се заборавени… Станува збор за вонсериски филм, но не затоа што е нешто невидено, туку баш затоа што се осврнува на толку едноставни работи, на она што нè опкружува, на оние вечни вредности и теми кога се работи за образованието, секако, вклучувајќи ги и карактеристиките на времето. Па сепак, отскокнува, се разликува, натпросечен е и поинаков.

Првенствено што одушевува е неговиот ритам и неговата идеја, вештината да создаде толку неверојатна (и реалистична) атмосфера, а целата приказна да ја раскаже низ доживувањето на наставничката по математика Карла Новак (Бенеш), не низ нејзините очи, туку преку нејзиниот начин на размислување, емоции, вложеност и однесување. А таа е извонреден лик, толку чиста, дури и наивна, доста идеалистична, грижлива и со верба во доброто и во правдината. Кога сето тоа ќе го помешате со основно образование, со клас во кој има мешан состав, со многу различни наставници и нивните убедувања, со незадоволниот родителски совет, како и весникот што најдемократски го уредуваат учениците, а се работи за училиште со „нулта толеранција“, се добива што? Ништо помалку од хаос, кој „совршено“ го надополнува токму правичното однесување на наставничката со полско потекло, Карла Новак.

Идејата на режисерот Чатак е навистина одлична, тргнувајќи од онаа иронија кога сакате да направите најдобро, а излегува најлошо. Впрочем, не му треба подобар пример за да може да го опфати сето она што го карактеризира денешното општество, да го опфати она што го прави контекстот лош и кога се мисли дека е добар, односно за да ја разоткрие толку лесно онаа позадина што така кревко се крие во вечните предрасуди по било која основа, во уверувањата кои трудејќи се да ги докажат фактите го докажуваат токму обратното – закоравените сфаќања од кои, дефинитивно, е многу тешко да се ослободиме.

Во едно основно училиште некаде во Вестфалија веќе подолго време се мисли дека некој краде, но никако не може да се најде виновникот. И тогаш почнува она познатото „приведете ги осомничените“. Настрана шегата, но приказната почнува токму така, со тоа што двајца наставници ги испитуваат претставниците на класовите и иако постојано се повторува дека на ништо не се принудени и не мора да зборуваат ако не сакаат, сепак под нос им се пика листата со имињата на учениците со веќе одредено уверување (и алузија) кој би можел да биде. Уште веднаш Карла покажува дека со тоа не се согласува, а излегува и дека посочувањето на Али, со потекло од Турција, само затоа што има најмногу пари во новчаникот, е сосема погрешно.

Но, се разбира, сомнежите и убедувањата нема да престанат, па Карла ќе се реши на еден очајнички чекор, да ја остави вклучена камерата на нејзиниот компјутер во наставничката соба и во своето палто да остави полн новчаник. Резултатот е запрепастувачки и дури тогаш започнува вистинската голгота, во која малку по малку ќе бидат вклучени буквално сите можни страни. Карла се надеваше дека тоа ќе може мирно да се реши, но работите отидоа во сосем друг правец. Фантастичен е начинот на кој сценаристите Јоханес Дункер и Илкер Чатак ја водат приказната, која поприма фуриозен ритам, онаков кога ништо не може да се сопре, напротив, сè станува само полошо и покомпликувано.

Од една страна, тука се предрасудите и злоупотребата, особено на младите „новинари“ кои во овој случај гледаат извонредна шанса за вистински спектакл, секако повикувајќи се на своето кредо дека „вистината победува сè“. Тука наеднаш се загрозени правата на сите, отворајќи го онака ненаметливо токму прашањето за лицемерието и за обидот на секој еден во целата оваа приказна да остане неизвалкан, а особено да не им „ги крши никој личните права“ (заборавајќи го начинот на кој се бараа виновните ученици). Се разбира, во целиот тој хаос се зголемува нетрпеливоста и навредите на учениците едни кон други, токму кога најмногу се забораваат оние што, всушност, треба да бидат и најзаштитени. Таа луда и горлива атмосфера кулминира со испадот на детето кое до вчера беше меѓу најдобрите, а сега преку ноќ се претвори во жртва.

Па сепак, оној што за него и понатаму најмногу се грижи е Карла. Но, работите си добија свој тек, а тогаш кога ќе тргнат тие се незапирливи. Тогаш никој не може да остане рамнодушен, никој не може да не заземе страна (мислејќи тука и на публиката), прашањата навираат сами, а одговорот??? Има ли одговор во една таква атмосфера? Каде да се бара правдината, како сето тоа да заврши, а да нема жртви? Секако дека е невозможно, но што е она кое авторите сакаат да ни го порачаат? Каде е тука општествениот контекст? Како да ги заштитите децата и колку тоа некому навистина му беше важно?

Дали вистината победува сè? Во овој филм се покажа дека токму вистината го направи целиот хаос, бидејќи границите се толку тенки. Правдина, чесност, искреност, почитување и свест за иднината баш на најмладите генерации. Впрочем, колку некому во овој филм тоа му беше во преден план, освен на Карла, иако се чини дека таа и најлошо помина, бидејќи не само обвинувањата од сите страни, туку сакал или не тоа е ситуација во која мораш да ги погазиш своите принципи токму ако сакаш нешто да ублажиш. А дали е тоа можно, е друго прашање. Излегува дека најпогрешниот чекор е барањето факти и вистината, бидејќи и тие се релативна категорија, и тие се различни зависно од кој агол ги гледате, а особено зависно од протагонистите…

Што, всушност, ни покажа оваа неверојатно реалистична и жестока приказна, која никого не го штеди и која со неверојатниот сугестибилен начин на кој е водена толку вешто и нас нè прави дел од неа. Треба ли да инсистирате на „својата“ вистина, треба ли да ги барате фактите и колку е возможно да се тргнат ѕидовите, предрасудите, закоравените сфаќања, но и сопствените интереси, за да се заштити она што се може. Дали е тоа различно на различните страни на светот. Дали разликата е во нив или во луѓето? А и што со одговорот, сите инсистираат на својата вистина и зборуваат за штетата што можете да ја предизвикате ако упорно го барате виновникот. Тоа не е различно никаде, зашто каков и да е општествениот контекст последиците зависат од луѓето. А колку се тие различни видовме токму во овој филм. Впрочем, ако бараме било каква порака или заклучок, тој единствено лежи во природата на човекот, сосема без оглед каде тој и да се наоѓа. Ѕидовите се исти, само имаат различни бои.

„Правилата на наставничката соба“ е, дефинитивно, супериорен филм и во поглед на режијата и на сценариото, со брилијантна глума на Леони Бенеш, со многу прецизен и точен кастинг (Александра Монтаг), со неверојатно темпо и ефектна монтажа (Геса Јегер), со музика која зборува така потенцирајќи ги клучните моменти што ве одушевува (Марвин Милер). Овој филм заслужуваше многу повеќе номинации, а за награди и да не зборувам, но, со оглед на неговата важност, и тоа е доволно, не заборавајќи ја во ниеден момент токму неговата порака, бидејќи боите и контекстот преовладуваат секаде, и кога славиме и кога тагуваме, и кога се бориме, и кога се обидуваме да ја најдеме „правата“ вистина или потврда, сеедно…

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ