Европскиот центар за превенција и контрола на болести го анализира појавувањето на т.н. кластери, во овој случај групи од најмалку двајца заразени со коронавирус, во различни работни средини за да ги поттикне државите да обрнат внимание на одредени групи на работници и работни услови што овозможуваат ширење на заразата.
Според податоците од анализите, најголем ризик од зараза со новиот коронавирус имаат вработените во домовите за стари и немоќни лица, а потоа медицинските работници во болниците, пренесува „Вечерњи лист“. Сепак, иако лекарите и медицинските сестри се разболуваат помалку од луѓето што работат во старечки домови, нивната смртност е поголема.
Од друга страна, продавниците се покажале како прилично безбедни работни околини.
Анализата опфаќа период од март до јули, и покрај тоа што се барале податоци од 30 земји на ЕУ, Европската економска зона и Велика Британија, само 17 земји ги доставиле своите бројки – честопати нецелосни или без потребната диференцијација.
Пријавени се вкупно 1377 кластери во работното опкружување, претежно во здравството и социјалната заштита. Но, не се работи за компактна целина: најпогодени се оние во старечките домови (591 кластери) и оние во болниците, додека најбезбедни се оние кои се вработени во примарната здравствена заштита со минимална појава на болести.
На второ место во однос на бројот на заболени се погоните за преработка и пакување на храна, како што се кланици, земјоделски работи, како собирање овошје и фабрики. На ширењето на заразата му помага малата оддалеченост помеѓу работниците или заедничкото сместување на сезонските работници. Во канцелариските простории биле забележани 65 кластери.
На дното на листата се продавниците и образовните институции со 22 кластери, додека баровите и рестораните забележале само пет појави на групирање на заразените. Но, треба да се забележи дека во текот на пролетните месеци работата на секторот образование и на угостителство беше ограничена.
Дури 95% од пријавите за групи заболени доаѓаат од затворен простор, што само по себе е проблем затоа што повеќе од 80% од работите се вршат во затворено.
Забележана е висока зачестеност на болеста кај ниско платените занимања, а особено е опасно за ширењето на заразата што многумина продолжуваат да одат на работа со симптоми од страв од губење на работните места, пишува „Вечерњи лист“. А.Р.