петок, декември 20, 2024
домаЖивотЗдравјеКој ќе биде прв во глобалната трка за вакцина против коронавирус?

Кој ќе биде прв во глобалната трка за вакцина против коронавирус?

Во тек е глобална трка околу тоа кој ќе развие и масовно ќе произведува ефикасна вакцина против новата, смртоносна и мошне заразна болест Ковид-19, која скоро го запре животот во поголемиот дел од светот. Многу влади предупредуваа дека секојдневниот живот не може да се врати во нормала додека нивното население не изгради антитела за да се одбрани од коронавирусот.

Забрзаните клинички испитувања се веќе во тек, а рускиот заменик министер за одбрана Руслан Цаликов изјави вчера дека е подготвена првата руска вакцина против коронавирусот, направена од воени експерти и научници од Националниот институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“. Цаликов рече дека специјалисти и научници од Националниот центар за истражување ги извршиле најновите проверки и тестови и дека сите доброволни приматели на новата вакцина развиле имунолошки одговор на коронавирусот и се чувствувале добро.

Универзитетот Оксфорд во понеделникот објави дека резултатите од тестирање на нивната вакцина на 1.077 лица покажале дека вакцината е безбедна и го активира имунитетниот систем, но дека е рано да се каже дали е тоа доволно за заштита од Ковид-19. Експерименталната вакцина против Ковид-19, изработена од „AстраЗенека“ и научници од британскиот универзитет во Оксфорд, е безбедна и произвела имунолошки одговор во клиничките испитувања во рана фаза кај здрави волонтери.

Вакцината, наречена АЗД1222, не предизвикала сериозни несакани ефекти и довела до имунолошка реакција во форма на антитела и Т-клетки, се вели во резултатите од студијата објавена во медицинското списание „Лансет“. мГлавниот автор на студијата, Ендру Полард од Универзитетот во Оксфорд, рече дека се надева оти тоа значи дека имунолошкиот систем ќе го запомни вирусот, така што вакцината ќе ги штити луѓето на долг рок.

„Сепак, ни требаат повеќе истражувања пред да потврдиме дека вакцината ефикасно штити од инфекција САРС-КоВ-2 и колку трае таа заштита“, рече Полард.

Американската биотехничка компанија „Модерна“ објави пред една недела дека ќе влезе во последната фаза од тестирање на својата вакцина за Ковид-19 на луѓето на 27 јули.  Компанијата има за цел да спроведе клиничко испитување на примерок од 30.000 луѓе, кои ќе ја примат вакцината или плацебо.

Според податоците за студијата, кои беа објавени на веб-страницата „clintrials.gov“, студијата ќе трае до октомври 2022 година. Најновата изјава на „Модерна“ доаѓа откако „New England Journal of Medicine“ ги објави резултатите од првата фаза на студијата – што покажа дека првите 45 учесници развиле антитела на вирусот.

Во Кина, компаниите „Синовак“ и „Синофарм“ се во третата, последна фаза на тестирање на потенцијална вакцина врз луѓето, додека „Кан Сино“, кој развива вакцина во соработка со кинеската армија, е на еден чекор од последната фаза на тестирање.

„Синовак“ ја развива вакцината во соработка со бразилскиот институт Бутантан, чиј директор рече дека вакцината има голем потенцијал да биде успешна. „Синофарм“ ја започна последната фаза од истражувањето во Абу Даби затоа што во него живеат повеќе од 200 националности, а за да се покаже колку е безбедна нивната потенцијална вакцина, ја примиле и вработените во компанијата. „Синофарм“ тврди дека тестовите врз луѓето покажале дека нивната потенцијална вакцина произведува доволно високи нивоа на антитела за борба против коронавирусот, како и дека е безбедна и ефикасна.

Американскиот фармацевтски конгломерат „Фајзер“, кој работи заедно со германската компанија за биотехнологија „БиоНтек“, исто така се многу напреднати во работата на потенцијалната вакцина, а француската фармацевтска компанија „Валнева“ исто така се обидува да ја развие вакцината. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ