Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, ја испровоцира реториката на муслиманските држави. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика сите земји да го признаат Ерусалим за престолнина на Палестина, јави турската телевизија НТВ.
– Ерусалим е нашата црвена линија. Израел е окупаторска и терористичка држава, изјави Ердоган пред учесниците на вонредната средба на Организацијата за исламска соработка (ОИС) во Истанбул, посветена на прашањето за Ерусалим.
Во својот говор тој додаде дека израелската Влада ги малтретирала беспомошните луѓе, притоа покажувајќи фотографија на која се гледа палестинско момче со затворени очи, опкружено со израелски војници.
Истовремено турскиот претседател ги повика САД да се откажат од „незаконското и провокативно решение“ за Ерусалим и рече дека решението на САД ги наградува „терористичките активности“ на Израел.
Покрај Ердоган и европските пратеници покажа разочарување од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп де факто да го признае Ерусалим за главен град на Израел. За време на дебатата на Пленарната на ЕП, на адреса на претседателот на САД беа користени епитети како “разнесувач на Блискоисточниот мировен процес”, “тргна против меѓународното право”, “шири омраза и страв”, “дипломатски еквивалент на употребата на нуклеарна бомба„…
Особено високиот претставник на ЕУ за надворешни односи Федерика Могерини уште еднаш истакна дека судбината на Ерусалим може да биде решена само на масата на преговорите меѓу Израел и Палестина и дека ЕУ нема да го признае Ерусалим за главен град на Израел, додека не се донесе финален договор помеѓу Израел и Палестина. Истите зборови таа му ги пренесе и на израелскиот премиер Бенямим Нетанјаху, кој беше во посета на Брисел на 11 декември.
За време на дебатата во ЕП, некои европратеници посочија дека одлуката на Трамп не е изненадувачки ако се има во предвид одлуката на американскиот Конгрес од 1995 година за преместување на американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, што беше блокирано со периодични заповеди на американските претседатели на секој шест месеци. Подобро е да се фокусираме на дерадикализацијата во Израел, а не врз статусот на Ерусалим, рекоа некои европски пратеници.