четврток, ноември 14, 2024
домаКујнаКолоденко: Беше вистинско уживање да се свири пред публиката на „Охридско лето“

Колоденко: Беше вистинско уживање да се свири пред публиката на „Охридско лето“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ синоќа настапи рускиот пијанист Вадим Колоденко, кој има репутација на еден од музички најдраматичните и технички најнадарените изведувачи на новата генерација пијанисти.
Неповторливиот и уникатен Колоденко воспостави флуид со публиката уште на почетокот од самиот концерт, а присутните во катедралната црква „Света Софија“ каде што тој музицираше, беа восхитени од неговата исклучитена уметничка надареност.
-Многу сум среќен што почувствував ваква поврзаност. Беше вистинско уживање да се свири пред ваква публика и во еден ваков објект како што е црквата „Света Софија“. Отсвирив сонати од Шопен и две ноктурни, а вториот дел од мојот солистички концерт беше посветен на сонатите од Прокофјев. Токму оваа програма ја свирам сезонава, вели младиот руски пијанист.
Љубителите на класичната музика, освен што уживаа во синоќешниот концерт, беа импресионирани и од неговиот настап на „Охридско лето“ ден претходно, кога заедно со неговата колешка, виолинистката Алена Баева приредија незаборавно доживување со сонатната вечер во црквата „Света Софија“.
Вадим Колоденко иако млад уметник, својата кариера ја гради во Европа, Азија и Северна Америка. Добитник ена Златниот медал на Интернационалниот пијано натпревар „Ван Клибурн“ во 2013 година. Досега соработувал со голем број врвни диригенти, оркестри и изведувачи, меѓу кои и нам добро познатите: Вадим Репин, Алена Баева и Александар Бузлов. Зад него стојат и повеќе компакт-дискови.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ