петок, ноември 15, 2024
домаКујнаКонцерт на Инес Неделковска во малата сала на Филхармонија

Концерт на Инес Неделковска во малата сала на Филхармонија

Младата пијанистка (15 години) Инес Неделковска ќе одржи рецитал во малата сала на Македонската филхармонија во петок во 20 часот. По големите успеси на меѓународните сцени, младата македонска пијанистка Инес Неделковска, на 18 мај (петок), во организација на Музичка Младина на Македонија, ќе одржи солистички концерт во малата сала на Македонската Филхармонија со почеток од 20 часот.

Со  само  15 години, со своите постигнати успеси ширум светот, Инес Неделковска претставува вистински амбасадор на Република Македонија. Во нејзината биографија веќе се вдомени  шест први награди на државните натпревари и девет први меѓународни награди. Инес е добитник на три први награди во Њујорк, како и добитник на Гран При наградата од жирито (тоа е посебна награда доделена од страна на жири комисијата на најдобриот натпреварувач од сите дисциплини на целиот натпревар), прва награда на интернационалниот натпревар по пијано во Лондон, победник во  Италија – Наполи и Бари (апсолутен победник ), Монте Карло, и др. Овие награди резултираат со настапи на младата пијанистка во најпрестижните сали во светските метрополи: Њујорк – Меркин Хол во Кауфман центарот, како и светски реномираниот Карнеги Хол (каде што Инес има настапено веќе два пати), а потоа и во легендарниот Ројал Алберт Хол во Лондон.

Инес исто така има реализирано и значајна концертна меѓународна активност. Како член на престижната светска фондација за млади таленти Владимир Спиваков од Русија, на 10 годишна возраст, Инес настапи на три концерти во Москва, како и во Љубљана, Загреб, Белград.

Покрај тоа што повеќе пати има настапено како солист со Македонската филхармонија, талентираната Инес реализираше исклучителни настапи како солист со камерниот оркестар од Софија, Бугарија; камерниот оркестар „Ансамбл Арт Линк млади виртуози“; во престижната сала Коларац во Белград, со Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск а концертот беше пренесуван од страна на Руската национална телевизија.

Инес Неделковска е деветто  одделение во ОУ “Лазо Ангеловски” и ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”. Оваа млада пијанистка е во класата вонр. проф. д-р Нина Костова (студент на еминентнитеруски пијанисти и педагози Људмила и Борис Романови), а под менторство на проф. Људмила Романова.

И како што вели самата Инес, успесите ги постигнува благодарение на нејзината постојаната желба за нови сознанија, огромната трудољубивост и посветеноста кон инструментот. Но пред се, заради огромната заложба и посветеност на нејзината професорка, Нина Костова – Јаневска.

Фасцинантните успеси на 15 годишната Инес Неделковска се без сомнение потврда за вонредниот талент и трудољубивост на Инес и нејзината пијанистичка школа во Македонија. Ова е потврда и дека ова дете сигурно чекори по патот на успехот и се здобива со светска слава. Таа со гордост ја претставува Македонија ширум светот.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ