Денеска беше презентирана студијата „Ставови и перцепции на новинарите за транспарентноста на правосудството во Северна Македонија“ чиј што автор е Давор Пашоски, а е во издание на ЗНМ.
Анализата констатира дека резултатите упатуваат на заклучок дека најголем дел од новинарите сметаат дека правосудството не придонесува доволно за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, односно новинарите не се чувствуваат доволно безбедни и не веруваат во ефективно истражување или казнување на нападите врз нив. Недостатокот на комуникација помеѓу судиите и новинарите како и недостатокот на јасно дефинирани процедури и правила за транспарентност и односи со јавноста, се главните предизвици кои се испречуваат во процесот на градење на партнерство и соработка на новинарите со судските институции.
Една од основните препораки е потребата од воспоставување на полесна и поразбирлива комуникација на судовите со јавноста и односи со медиумите. Беспредметни се сите анализи, студии и стратегии кои што досега се изработени или коишто понатаму ќе се изработат, а чиј што фокус е транспарентноста, отчетноста и јавноста на судството, доколку дадените препораки и заклучоци не бидат предмет на сериозна анализа од страна на надлежните институции и предмет на отворен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Процедурите и правилата во областа на транспарентноста и комуникацијата на правосудниот систем со јавноста треба да бидат вградени во актите со кои што законски се регулира судството.
Работниот настан се одржа во Кривичниот суд во Скопје, каде што беа поканети новинари и претставници на правосудните институции.
На самиот почеток авторот ја претстави студијата и ги претстави клучните поенти од истата, нагласувајќи дека фокусот на анализата е комуникацијата помеѓу новинарите и правосудниот систем.
Младен Чадиковски ја нагласи потребата за унапредување на меѓусебната соработка помеѓу новинарите и судскиот систем и изјави:
„Би сакал да истакнам дека ЗНМ постојано работи на зголемување на потенцијалите и стандардите на новинарството. Но, постојано се судираме со препреки на патот кои што ни го отежнуваат процесот на работа, посебно кога се соочуваме со ризикот од клевета. Како податок, ќе го потенцирам фактот дека годинава има 52 случаи на клевета против новинари, во однос на минатата година кога бројката беше 20. Не велиме дека судиите се исклучително виновни за ова, но сметаме дека доколку станува збор некои за случаи против новинари кои постојат исклучиво да се изврши притисок врз нив, да бидат отфрлени. Анализата до некаде го укажува тоа, но колегите кои ја следат работата на судиите велат дека има големо подобрување во делот на работата на правосудните органи кога станува збор за комуникација со новинари. Гледаме почесто брифинзи објави на социјални медиуми информации што се праќаат до медиумите, но сепак верувам дека постои уште простор за соработка, ова е само почеток .“
Говорници беа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Иван Џолев, Иван Џолев, в.д. претседател на Кривичен суд во Скопје и претседател на Судско медиумски совет, Дејан Ристовски, портпаролот на Основниот кривичен суд Скопје кој беше и модератор на настанот, Давор Пашоски, автор на студијата и Верче Тодоровска – Костовска од Здружението на новинарите на Македонија.