Повеќе од 6.400 луѓе починаа досега низ целиот свет од новиот коронавирус, а повеќе од 160.000 се заразени. Вирусот е присутен на сите континенти освен Антарктикот, а многу земји воведоа затворање на границите како мерка на претпазливост и спречување на ширењето на вирусот.
Во САД, 3.482 лица се разболеле, додека 65 починале, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Во Европа, најтешка е ситуацијата во Италија, каде во неделата починаа 368 лица, најголем број смртни случаи досега, а вкупно има 1.809 жртви, пренесува „Ројтерс“.
Во оваа земја, се разболеле 24.747 луѓе.
Веднаш зад неа по бројност на случаите се Шпанија и Франција, каде се заразени 7.753 односно 5.423 лица.
Во Шпанија, од Ковид-19 умреле 288 додека во Франција 127 лица.
Во копнениот дел на Кина, во неделата беа потврдени 16 нови случаи, а ден претходно беа пријавени 20. Вкупниот број заразени лица во земјата сега е 80.860, со излечени 67.749 пациенти, пренесува „Би-би-си“.
Во Јужна Кореја денес се потврдени 74 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени во земјата достигна 8.236.
Министерството за здравство на Јапонија соопшти дека открило 15 жааришта на инфекции низ целата земја. Најголемото жариште е простор за одржување концерти во Осака, каде има повеќе од 50 заразени лица.
Во Гватемала е забележана првата смрт од корона вирусот.
Во Кина 80.860 случаи, се излечиле 67.749 лица
Во Кина се забележани 16 нови случаи на коронавирус, што е намалување за 20 од претходниот ден, соопшти денеска кинеската Национална здравствена комисија.
Од почеток на епидемијата, потврдени се 80.860 случаи во Кина и излечени се 67.749 пациенти, пренесува „Би-би-си“.
Во Кина 3213 луѓе починаа од вирусот корона. Во моментов 9.898 лица се болни, додека 3.032 лица се во сериозна состојба.
Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека главниот ризик од ширење на вирусот се граѓаните кои се враќаат од странство.
Портпаролот на Министерството, Генг Шуанг, рече дека биле воведени здравствени проверки и мерки на карантин и за кинеските и за странските државјани што влегуваат во земјата. Заменик-директорот и помошник началник на Одделот за инфективни болести, Као Веи, рече дека досега не е утврдено дека времето влијае на ширењето на вирусот корона.
Франција: Повеќе од половина од пациентите на интензивна нега се под 60 години
Повеќе од половина од 300 пациенти во Франција кои се на интензивна нега се под 60-годишна возраст, соопшти денеска Националната здравствена агенција.
„Имаме 300 сериозни случаи во одделот за интензивна нега. Имаме многу сериозни случаи кај возрасни и повеќе од 50 проценти од пациентите на интензивна нега се под 60-годишна возраст“, рече Жером Соломон од Агенцијата, пренесе „Си-ен-ен“.
Во Франција, во неделата беше објавено дека биле потврдени5.423 случаи, а 127 лица починале.
Италија: Најризичен период, посебно внимание посветено на Ломбардија
Во Италија досега се потврдени повеќе од 24.000 случаи на вирусот Ковид-19, при што најголемо внимание е посветено на најтешко погодениот регион Ломбардија, каде досега починале над 1.200 луѓе.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте рече, осврнувајќи се на изјавите на лекарите, дека „уште не е врв на епидемијата“, истакнувајќи дека Италија е „обединета во најризичниот период“.
Италијанските медиуми објавија дека властите размислуваат за дополнителни мерки за да се спречи ширењето на корона вирусот и да се ублажат последиците врз економијата.
Епидемиологот од Националниот институт за здравје (nstituto Superiore di Sanita) во Рим, Паоло Д’Анкона, рече дека е „премногу рано да се зборува за пресврт во Ломбардија“, италијанскиот регион најсилно погоден од коронавирусот.
„Бројките досега не ни даваат одговори, падот или растот (на случаи) во најтешко погодените области на северот (Италија) може да бидат привремени. Само следната недела можеме да кажеме нешто повеќе“, рече Д’Анкона, пренесува италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Во Лигурија, северна Италија, каде се потврдени околу 500 случаи на заразени со корона вирусот, граѓаните се придржуваат кон мерките наметнати од италијанската влада, улиците се претежно напуштени, а во продавниците за намирници луѓето користат заштитни маски и го почитуваат минималното пропишано растојание од најмалку еден метар.
Иако Џенова не е едно од најкритичните области, како што се некои градови во другите региони во северна Италија, многу често се слушаат амбулантни возила, а во попладневните часови честопати на неколку минути.
Искуството на Италија среде пандемијата на вирусот Ковид-19 е многу важен пример за другите европски земји, кои во последните денови почнаа да забележуваат зголемување на случаи на заразени.
Студентите ширум Италија волонтираат и им помагаат на постарите граѓани и на другите луѓе кои не можат да купат намирници од здравствени причини, а десетици таксисти во Милано, финансискиот центар на Италија и градот кој најтешко е погодени од коронавирусот, ги понудија своите услуги бесплатно на постари сограѓани кои се принудени да го напуштат својот дом, објавија локалните медиуми, укажувајќи на солидарноста на граѓаните.
Архитект на Миланската Скала почина од коронавирусот
Миланската Скала изгуби двајца долгогодишни соработници поради коронавирусот – поранешниот кастинг директор Лука Таргети почина на 12 март на 63-годишна возраст набргу откако ги почувствува симптомите на болеста, а на 15 март почина архитектот Виторио Греготи на 92-годишна возраст. Греготи починал во болница како резултат на коронавирус, од кој е заразена неговата сопруга, која исто така е на лекување, јавуваат италијанските медиуми.
Една од најистакнатите личности во италијанската модерна архитектура, Греготи е заслужен за театарот „Арчимболди“ со 2.000 места, привремено седиште на Скалата во времето кога беше затворена во 2002 година за реновирање.
Греготи е автор на низа други големи проекти во Милано и низ целиот свет, вклучувајќи ги и седиштето на Пирели, неколку универзитетски кампуси, стадионот на Олимписките игри во Барселона во 1986 година, а ја надгледуваше модернизацијата на лондонскиот Саут бенк во 1994 година.
Коронавирусот исто така го одзеде животот на Лука Таргети, кој беше кастинг директор 13 години, почнувајќи во 1997 година, а и самиот работеше како архитект некое време. Потоа стана менаџер на уметници, што работеше од 1986 до 1997 година, како и по напуштањето на Скалата.
Скалата ја прекина програмата на 23 февруари, и како и сите италијански театри, затворена е најмалку до 3 април.
Во меѓувреме, беше објавено дека еден тенор што учествувал на проби на операта „Салома“ е заразен со коронавирус и бил во контакт со повеќе од 20 колеги кои се во изолација. „Салома“ требаше премиерно да биде изведена на 8 март. А.Р.