Поради брзото зголемување на бројот на заразени со коронарен вирус, италијанската влада донесе одлука да го блокира пристапот до градовите и општините кои се најмногу погодени од заразата, а се наоѓаат во регионите на Ломбардија и Венето, јавуваат италијанските медиуми. Италија е прва европска земја каде што локално население починало од корона вирусот. Тоа е и причината заради што градовите се ставени во изолација.
Во моментот се изолирани десетте градови и општини во Ломбардија со над 50.000 луѓе, како и малиот град Вос со население од 3.000 во регионот на Венето.
Пријавени се случаи во Милано, Торино и во другите поголеми градови во северна Италија.
Бројот на заразени од корона вирусот во Италија, во меѓувреме, се зголеми на над 100, вклучувајќи и двајца мртви. Светската здравствена организација (СЗО) изрази загриженост дека Италија има најмногу заразени со вирусот во Европа. Најмалку 18 заразени се на интензивна нега.
Во Германија се евидентирани 16 случаи, во Франција 12 случаи, од кои едниот починал, а во Велика Британија три случаи.
Премиерот Џузепе Конте изјави дека полицијата ќе ја следи ситуацијата, односно полицијата ќе ги спречи луѓето да влезат или да ги напуштат градовите под изолација. Армијата ќе помогне доколку е потребно.
„Целта е да се заштити здравјето на Италијанците“, рече Конте.
Корона вирусот одложи три натпревари од денешната програма во 25 коло во Серија А. Натпреварот меѓу Аталанта и Сасуоло, предвидена да се игра на „Бергамо“ од 15 часот, нема да биде одигран ниту натпреварот Верона – Каљари (15:00 часот), а Интер нема да имаат шанса против Сампдорија да се врати на три бода зад Јувентус. Тој натпревар требаше да се одигра во 20:45 часот. Новите датуми на натпреварот ќе бидат дополнително утврдени.
Епидемијата, која започна во централниот кинески град Вухан, однесе најмалку 2350 животи во Кина а заразени се над 76.000 луѓе. Повеќе од 400 луѓе се заразени во Јужна Кореја, каде што двајца починале, а околу 30 други земји пријавија случаи на заразени.