Музејот Лувр во Париз, кој е најпосетуваниот музеј во светот, беше затворен денес, откако нејзините вработени одлучија да не работат заради епидемијата на коронавирус, јавија светските агенции. Менаџментот во музејот не прецизираше дали Лувр ќе работи утре.
„Многу сме загрижени за здравјето на граѓаните и затоа одлучивме да ги заштитиме посетителите од целиот свет. Ризикот е многу, многу висок“, рече претставникот на синдикатот во Лувр, Андре Сакрастен. Тој истакна дека немало случаи на заразени меѓу 2.300те вработени во музејот, но рече дека тоа е „само прашање на време“.
Вчера, француската влада забрани собирање на повеќе од 5.000 лица во затворено заради епидемијата на коронавирус. Лувр пречекува десетици илјади посетители на ден.
Прекинато снимањето на филмот „Невозможна мисија“
Актерот Том Круз го снима седмото продолжение на „Невозможна мисија“ во Италија. Но, поради опасноста од брзо ширење на коронавирусот во оваа земја, актерот и неговиот тим се ставени во карантин, објавија италијанските медиуми.
Медиумите велат дека никој од тимот не е заразен со вирус и ќе останат во карантин до 2 март. Круз пристигна во Венеција на 20 февруари, а филмот требаше да се снима три недели.
Во Грција се зголемува бројот на заразени
Бројката на заразени со корона вирусот во Грција се искачи на седум лица, откако грчкото Министерството за здравство соопшти дека се потврдени уште три нови случаи, еден во Солун и два во Атина. Две лица од новозаразените се поврзани со претходните два случаи на заболени. Сите седум лица, чии што резултати се позитивни на коронавирусот, се во изолација во болници во Солун и Атина.
А.Н.