четврток, декември 26, 2024
домаКосовскиот кандидат за Оскар на „Браќа Манаки“  

Косовскиот кандидат за Оскар на „Браќа Манаки“  

Режисерката на косовскиот кандидат за Оскар филмот „Брак“, Блерта Зекири што синоќа беше прикажан во програмата „Перспективи на европскиот филм“, денеска се сретна со медиумите. Зборувајќи за филмот кој портретира необичен љубовен триаголник – пред свадбата на Анита и Беким доаѓа Нол, тајниот љубовник на Беким, таа објасни дека процесот бил малку необичен оти решила да го создаде сценариото заедно со актерите, користејќи ја нивната креативност за да ја развива приказната.

Селекторот на програмата „Перспективи на европскиот филм“ Слаѓан Пенев посочи дека филмот отвара тема за која сме свесни дека постои, но некако е на маргините на општеството.

-Проблемот со кој се соочува ЛГБТ заедницата е мошне храбро обработена. Иако ги има сите аспекти на едно балканско општество, има и многу убави патријархални сцени, со негување на традиционалните вредности, затоа што луѓето во публиката не се секогаш подготвени да видат сцени на водење љубов меѓу двајца актери кои се мажи, рече Пенев.

Филмот „Брак“ е прв долгометражен филм на режисерката Зекири и имаше голем успех на фестивалите досега.

-Им благодарам на актерите и за нивната храброст што прифатија да бидат дел од овој проект затоа што во Косово кога почнавме да го снимаме филмот во 2012-2013 година, имаше голем инцидент на забавата која промовираше издание посветено на ЛГБТ заедницата. Голема група екстремисти уништија се, а имаше и претепани. Се плашевме нешто слично да не ни се случи и нам, па филмот го чувавме во тајност благодарение на медиумите кои ја знаеја темата, но не објавија ништо се додека не го завршивме. Популарноста кај публиката беше во голем дел и благодарение на изборот на актерите: Албан Укај, кој е многу популарен, работел во странство и е како косовски Брет Пит кого сите го сакаат, и косовската рок-ѕвезда, Генц Салиху кој го игра Нол, љубовникот во филмот – рече Зекири.

Режисерката Зекири посочи дека е благодарна и за поддршката од уметничката фела и невладиниот сектор во Косово кои на филмот гледаат со симпатии иако е прв филм со експлицитни љубовни сцени меѓу љубовници од ист пол во средина во која геј популацијата сепак не живее отворено. Зборувајќи за следните проекти Зекири најави дека би сакала да работи на мјузикл кој би бил повторно нешто со кое лично би се поврзала љубовта, но овој пат кон музиката и деновите кога како адолесцент била активна на хип-хоп сцената во Косово.

Благоја Куновски-Доре, селектор на главната програма на Фестивалот го претстави филмот „Зимски муви“, кој синоќа се прикажа во компетиција за „Златна камера 300“, а за процесот на работа проговори кинематограферот Лукаш Милота.

-Работата со деца и воопшто натуршчици, лица кои не се професионални актери е долг процес. Прво кастинзите одзедоа многу време, а пробите траеја повеќе од шест месеци, но потоа го добивме ефектот на тинејџери авантуристи кои во филмот тргнуваат по смрзнатиот пејзаж на југ во потрага по авантура, рече Милота кој е втор пат на фестивалот „Браќа Манаки“.

Милота најавувајќи дека веќе се подготвува за следниот проект – краток филм повторно со режисерот Олмо Омерзу, објасни дека за снимањето на „Зимски муви“ користел камера „Алекса мини“, бидејќи била компактна и лесна за ракување особено за овој филм.

Од селекцијата на кратки филмови Марија Апчевска претстави две екипи. Режисерката на филмот „Бреза“, Пејсли Валентин Валш за идејата за филмот посочи дека спомените од детството во Вермонт и биле главна идеја за сценариото.

– Настојувавме цело време да се држиме до спомените, рече Пејсли која објасни дека иако снимале само девет дена, условите биле сурови, со температура до -30 степени целзиусови и во висок предел без вода и струја.

Филмот е сниман на филмска лента што е многу тешко, но условите не дозволувале дигитално решение кое давало премногу чиста слика на она што сакале да го портретираат.

-Уште потешко е кога имате и куче и две деца и немате можност повеќе пати да ги снимате сцените. Изборот да работиме со филмска лента сметаме дека дава опипливост на публиката, истакна Винченцо Марангино, кинематографер на филмот „Бреза“ кој најави дека нивниот следен заеднички проект ќе биде долгометражен филм.

Од селекцијата на кратки филмови беше претставен и македонскиот филм „Без љубов“ на Дина Дума, кој е снимен во тешки услови на планина.

-Снимавме три дена во Маврово, локацијата е во Македонија, и беше тешко да се работи во тие услови. Знаеме дека особен впечаток остава сцената на скокањето во езерото, која не беше воопшто лесно да се сними, но успеавме – рече режисерката и сценарист на филмот, Дина Дума која најави дека за следната година подготвуваат игран филм со истата екипа. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ