Краткиот експериментален филм „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски ја доби наградата „Curator’s Choice“ на американскиот патувачки филмски фестивал за кратки филмови „Wandering Reel Traveling Film Festival“.
„Крајот на времето“ е кубанско-американска копродукција по сценарио и режија на Милчо Манчевски, експериментален филм кој Кетлин Мекинис, директорката на фестивалот во Аспен го нарече „хипнотичен и величествен“. Берлинскиот „Либери фестивал“ вели: „Свежиот минимализам и авторитетната едноставност на „Крајот на времето“ се навистина потресни“, а Дејан Здравков од Филозофскиот филмски фестивал во Скопје напиша: „Неверојатно привлечна кинематска и уметничка игривост, експериментално трансцедентално патување… ретки и безвременски мигови“. Канадскиот режисер на експериментални филмови и критичар, Мајк Хулбум, за филмот вели: „Студија на секојдневното и на тајното спасение кое мирно чека додека никој не гледа. Вниманието на гледачот е поттикнато да скита по сликата, небаре нашата потреба од херои или предмети за тестирање веќе не е неопходна.“
Филмот е прикажан на повеќе од 30 фестивали, музеи и уметнички галерии и има освоено 6 награди, меѓу кои и во Аспен и Берлин. Светски дистрибутер на филмот е „Пасифик воис“ од Јапонија.
Пред само десетина денови Манчевски беше награден и на годинашниот јубилеен 30. Mеѓународен филмски фестивал во Трст, Италија, каде му беше доделена наградата „Eastern star“ за достигнувања во областа на кинематографијата.