понеделник, декември 23, 2024
домаКУЛТУРАТеатар и Филм„Крал Лир“ на „Лит мун театар“ ја оживеа „Света Софија“

„Крал Лир“ на „Лит мун театар“ ја оживеа „Света Софија“

Со долги и искрени аплаузи и одушевување публиката ги награди актерите на „Лит мун театар компани“ од Санта Барбара, САД, на синоќешната светска премиера на Шекспировиот „Крал Лир“ специјално режирана од Џон Блондел за годинашното „Охридско лето“ и амбиентот на предворјето на црквата „Света Софија“.

Вечните теми на верност и предавство, искреност и лаги, алчност и скромност, семејните односи проткаени со болка, кои Шекспир го прават секогаш актуелен, оживеаја во предворјето на „Света Софија“ и преку автентичниот амбиент, доловувајќи ја референцата за слепилото и преку игрите на светло и сенки, како и низ оригиналната музика која беше дел од сценскиот ефект во предвидените 90 раскажувачки минути.

Сценско-костимографските ефекти, играта на црно како одраз на се што е безлично, мрачно и слепо, и златното, како одраз на се што е сјајно, раскошно и светло, беа одлично дополнување на приказната за внатрешното слепило, борбата на алчност и ласкавост наспроти искреност и скромност, лојалност и предавство, насилство и страдање, казна и пожртвуваност.

Актерите пак, присвојувајќи ја сцената максимално, со сите сенки и сводови, отсјаи и одеци на предворјето на „Света Софија“, низ експресивна физичка игра, напати вклопена во музичката подлога доловувајќи бајовитост, напати низ крик доловувајќи ја сета суровост на човечкиот дух, напати низ репликите од кои блика црн хумор и сарказам, и подарија на публиката единствено уметничко доживување.

Актерската сплотеност и комоција беа уште една карактеристика која го облагороди ова видување на „Кралот Лир“, и се чини дека се резултат на процесот на подготовки кој, како што беше посочено од актерите, кулминираше со двонеделна работна изолација во селото Цапари. Така моментот кога двајца посетители не можеа да го дочекаат крајот на претставата и се обидоа „незабележливо“ да се протнат пред сцената, умешно беше вклопен како дел од актерката игра и награден од публиката со аплаузи и смеа.

Одушевеност споделија и гости од европските земји кои на заминување ја окарактеризираа претставата како „можеби најдобриот Крал Лир“ што го гледале.

Интернационалната екипа на „Лит мун театар компани“ со претставници од Финска, Велика Британија, Ерменија, САД, Македонија, донесе еден „Крал Лир“ кој благодарение на режисерот Џон Блондел и актерите Ирвин Апел, Брајан Харвел, Џејмс Мек Картим, Нина Салинен, Мајкл Бернард, Метју Тавианини, Вардан Мкрчјан, Мичел Томас и Даен Хенри, сценографијата и костимите на Благој Мицевски, музиката на Џејмс Конели, куклите и фотографите на Јулија Духовни, ја исполни мисијата да понуди театарско искуство кое промовира и инспирира меѓукултурно разбирање преку театарска изведба во живо. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ