среда, декември 4, 2024
домаКујнаКратката и документарната форма во фокусот на шестата сесија на филмската училница

Кратката и документарната форма во фокусот на шестата сесија на филмската училница

Темата на шестата сесија на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА која се одвива во Кинотека, беа краткиот игран, документарен и експериментален филм.

На почетокот на шестата сесија филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева со учесниците ги анализираше филмските етиди направени изминатата недела. Учесниците продолжија со претставување на идеите и на карактерите за филмските етиди по зададени параметри, по што следуваше креативна дискусија.

Филмологот Александар Трајковски ги запозна учесниците со историјата на кратката и експерименталната филмска форма. Развојот на технологијата го условила и развојот на оваа форма, од снимањето со тешки и габаритни камери пред стотина години до денешните филмови снимени со паметен телефон, па практично, денес филмот може да се „стави в џеб“. Филмот започнал како експериментален медиум, и таа негова експерименталност во визуелниот израз низ разни форми е актуелна и денес, создавајќи од него засебен род.

Џиџева и Трајковски на учесниците им ги претставија и македонските кратки играни и документарни филмови од програмата на шестата сесија, Изборот се состоеше од следниве наслови: ДАЕ (1979) на Столе Попов, номиниран за наградата „Оскар“ во категоријата најдобар документарен филм; СО КРЕНАТИ РАЦЕ (1986) на Митко Панов, добитник на „Златна палма“ за студентски филм во Кан 1991; ДАВИД, ГОЛИЈАТ И ПЕТЕЛ (1960) на Славко Јаневски; и СПИСОКОТ НА ТОНИ МАНЏА (2004) на Марија Џиџева. По проекциите учесниците дискутираа за филмовите.

Кинотеката на улесниците во ФИЛМСКАТА РАБОТИЛНИЦА им подели и ДВД издание со филмовите на Љубиша Георгиевски. ДВД изданието ги содржи дигитално реставрираните долгометражните играни филмови ПОД ИСТО НЕБО (1964), ПЛАНИНАТА НА ГНЕВОТ (1968), РЕПУБЛИКАТА ВО ПЛАМЕН (1969) и ЦЕНАТА НА ГРАДОТ (1970), краткиот игран филм ПАТЕКА (1967) и краткиот документарен филм SIC TRANSIT GLORIA MUNDI (1974).

Креативната едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство, наменет за ученици од средните училишта, трае 10 сесии кои се одржуваат секоја сабота во Кинотеката.

Проектот за интерактивната филмска училница, каде младите филмофили се запознаваат со аудио-визуелното богатство, историјата на филмот, со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и имаат можност за креирање авторски филмски етиди, се одвива под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија. Во неговата реализација учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов, Стојан Синадинов… А.Н.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ