Во организација на Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ – Радовиш на 10 и 11 јули 2018 год. се одржа креативна ликовна работилница на тема „Цвеќето во македонската поезија и уметност“ која ја водеше познатиот ликовен уметник Живко Поповски – Цветин. Работилницата е дел од програмата на Радовишка културна сцена 2018, што ја реализира општина Радовиш во соработка со двете институции од културата и невладините организации. Како организатор на настанот, директорката на библиотеката Иванка Соколова посакувајќи им добредојде на присутните истакна дека библиотеката со оваа активност воедно го најавува вклучувањето во мрежата на библиотеки кои го реализираат регионалниот проект Хортикултурни е- Библиотеки.
Тинејџерите се составен дел од членството во секоја јавна библиотека и затоа библиотекарите имаат важна улога и обврска да пронајдат содржини интересни за младиот човек, да го привлечат и да го задржат како читател и корисник, како конзумент на прави вредности и содржини кои библиотеката може да ги понуди во традиционален и во дигитален облик“.
Овој настан на допир со книгата, поезијата и уметноста има за цел да влијае на секој поединец, особено на младата популација, која во тој комплексен период на зреење го занемарува доброволното читање и се повеќе се предава на забавата која ја нуди технологијата која создава се поголема зависност за поврзување и игра.
Како еден млад човек ја доживува библиотеката во нејзиниот традиционален и дигитален облик, присутните со воодушевување го поздравија читањето на есејот на Стефан Ефтимов, еден од десетте наградени на Конкурс за најдобар есеј на тема „Библиотеките и библиотекарството во 21 век“ распишан oд страна на Педагошкиот факултет во Скопје по повод Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј.
Директорката истакна дека цвеќето како мотив за денешната работилница е избрано од повеќе причини, пред се затоа што цвеќето е насекаде околу нас и е поврзано со секој момент од нашиот живот, но најповеќе затоа што библиотеката изобилува со голем број на книги во кои е опишано или опеано цвеќето, почнувајќи од македонските народни песни (љубовни, обредни, семејни митолошки и други, во кои не само нивната убавини туку се опеваат и нивните особини, лековити, магиски итн.), но и изобилството на стихови кои ги нуди македонската современа поезија. Младите кои се дел од тимот на проектот Хортикултурни е-Библиотеки рецитираа стихови од голем број наши современици како што се: Блаже Конески, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, а прочитаа и фрагменти од македонската народна поезија.
Пред започнувањето на работилницата пред радовишката јавност беше претставен познатиот ликовен уметник Живко Поповски – Цветин во чии слики цвеќето како симбол на мирот е главен мотив преку кои тој праќа пораки до луѓето од сите меридијани. Далечната 1985 година, првата изложба на тема „Цвеќе на мирот“ беше организирана во истоимената најголема јавна библиотека во Македонија Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, каде 160 слики од целата поставка во соработка со Југословенската лига за мир ги подари за 160-те членки на Обединетите нации по повод 24 Октомври – Денот на Обединетите нации
Неговите цвеќиња се наоѓаат на поштенски марки, на разгледници, календари, насловни страници на книги поезија и слично. Досега има организирано над 300 изложби во земјата и странство (Србија, Хрватска, Шведска, Полска, Германија, Италија, САД, Канада, Романија и во други држави) ширејќи го македонското цвеќе на мирот на сите меридијани.
Поповски досега има подарено над 50.000 слики во целиот свет (на поети на Струшките вечери на поезијата, на музичари, државници, крводарители, напредни земјоделски производители, како и на луѓе кои шират позитивна енергија во местото на живеење и во институциите каде работат).
Работилницата под мото „Цвеќето во македонската поезија и уметност“ Живко Поповски – Цветин ја започна со стиховите на прекрасната песна на Блаже Конески „Ружа“, воведувајќи ги младите во техниките на неговото цртање. Држејќи ги рацете на сите оние кои посакаа да ја научат неговата техника, почнувајќи од најмалата Ива која има неполни 3 години, Розита која има шест годинки и е чест посетител и љубеник на книгата и библиотеката па се до младите ликовни авантуристи, беа насликани гол ем број на слики чиј мотив е цвеќето и беа подарени со љубов на присутните. Вториот ден младите покрај сликањето, заедно со уметникот Цветин од плоштадот во Радовиш, на балони во сите бои пуштија и прикачена цветна порака за зачувување на природата и мир во светот.
Со понатамошните активности на проектот Хортикултурни е-Библиотеки се планира вложениот труд на младите да не заврши само со работилницата, туку насликаните цртежи да бидат изложени во просториите на библиотеката и добијат дигитален облик. Започнат е и хортикултурен поетски хербариум кој ќе биде финализиран некаде во Ноември 2018година, кој воедно ќе претставува антологија на говорот на цвеќето во македонската поезија. Исто така во ноември е планирана работилница за библиотекари од јавните библиотеки во Макеоднија на тема „Можности и пракса на примена на хортикултурниот модел во библиотеките“.