Кремљ ги негира информациите за тајни контакти меѓу Путин и Маск од 2022 година

0
40

Кремљ го отфрли написот на американскиот весник Wall Street Journal во кој се наведува дека рускиот претседател Владимир Путин и милијардерот Илон Маск биле во тајни и редовни контакти од крајот на 2022 година. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека овие информации се „апсолутно неточни“. Според текстот објавен од Wall Street Journal, Песков негира дека постоеле какви било лични, геополитички или комерцијални разговори меѓу Путин и Маск преку телефон, како што наведуваат извори од Западот и Русија.

Наводно, претседателот Путин го замолил Маск да не ја активира својата услуга за сателитски интернет, Starlink, над Тајван како „услуга“ за кинескиот лидер Си Џинпинг. Исто така, се вели дека двајцата разговарале и за Украина. Илон Маск, кој првично го поддржуваше Киев по почетокот на руската инвазија, во последната година го промени својот став и сега застапува мировен план кој во голема мера се совпаѓа со интересите на Кремљ.

Овие наводни контакти покренуваат прашања за безбедноста, бидејќи Маск има пристап до топ тајни информации од Пентагон и влијание врз социјалната мрежа Х, а можно е да игра значајна улога во идната американска влада доколку Доналд Трамп победи на претстојните избори.

Wall Street Journal тврди дека Вашингтон е свесен за овие контакти, но засега не презел никакви мерки. И Кремљ и Маск ги негираат овие наводи, признавајќи само еден телефонски повик во април 2021 година. Песков сугерираше дека ваквите обвинувања можеби се поврзани со изборната битка во САД пред претседателските избори на 5 ноември.

Подготви: А.Н.