недела, ноември 17, 2024
домаЖивотСценаКРИСТИЈАН ДЕМЈАНСКИ: „Јано мори" секогаш ќе ја пеам во чест на мајка...

КРИСТИЈАН ДЕМЈАНСКИ: „Јано мори” секогаш ќе ја пеам во чест на мајка ми!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Кристијан Демјански е нова надеж на музичката сцена, амбициозен студент на Музичка академија, интерпретатор на народни и забавни песни.

На самиот почеток би било добро да ни кажете кога почнавте со музика, кои беа Вашите први настапи?

-Со музиката се запознав од мојата петгодишна возраст, а мојот прв настап беше во мојот роден град Берово. на фестивалот за фолк и забавна имитација. Таму ја отпеав песната „Лане моје“ од Жељко Јоксимовиќ, воедно и моја прва научена песна.

Неодамна настапивте со две песни на концертот „Узун за Момо“ со „Момчето со мандолина” и “Јано мори“, која забележливо ја испеавте емотивно и со многу личен мотив…

-Голема благодарност сакам да изразам до Жаклина Узунова, за мене се разбира тетка Жаки, која ме покани да учествувам на хуманитарниот концерт за Момо Николовски. За мене претставуваше голема чест да настапам на еден таков хуманитарен концерт. Отпеав две песни. „Момчето со мандолина“ во дует со Жаки и „Јано мори“. Што се однесува до втората песна, „Јано мори“ ја отпеав во чест на мојата мајка која за жал веќе не е меѓу нас. Нејзините зборови беа: „Кристијан моја желба е на твојот прв концерт откако ќе ме нема, да ја отпееш песната „Јано мори“… И ете.. Мојот прв концерт беше хуманитарниот концерт за Момо Николовски каде што ја исполнив најголемата желба на мојата мајка. И морам овде да надополнам дека секој мој нареден концерт таа песна ќе биде во чест на неа.

Пред тоа имате настапувано и на неколку ТВ шоуа. Задоволен сте од тие настапи, или очекувавте повеќе?

-Да, така. Имам настапувано на повеќе музички шоуа. За прв пат на телевизија се појавив во 2008 година на А1 во Браво Шоу кај Сузана Турунџиева, истата година бев и на Алфа ТВ каде што бев гостин кај Зоран Џорлев во неговата емисија „Зајди Зајди“, потоа се пријавив на музичкиот натпреван „Мк Талент“ во Сител оваа емисија беше со натпреварувачки карактер и ја водеше Драган Вучиќ.Во 2012 се пријавив и на „Зајди Зајди талент на Алфа“ каде што освоив второ местo. Но, овде не можам а да не го спомнам мојот настап на детскиот фестивал СуперСтар во Романија каде што освоив Гран При меѓу пејачи од 70 земји.Секако сум задоволен од моите настапи и моите гостувања во разни емисии но се надевам во иднина ќе бидам уште поуспешен и ќе се покажувам во мое најдобро светло.

Музиката е составен дел од Вашиот живот, освен настапи студирате и Музичка академија. На кој отсек сте запишан?

-Се запишав во Скопје на Музичка академија и студирам на отсекот музичка теорија и педагогија.

Имате и своја група со која настапувате, па каде најчесто може да Ве слушнат оние кои сакаат да го слушнат вашиот вокал?

-Еве веќе две години работиме со мојот бенд Ескејп бенд (Escape Band) кој е секогаш тука за мене и ми дава голема поддршка. Настапуваме речиси во сите градови од Македонија, но претежно го држиме источниот дел. Се разбира сите што сакаат да не слушаат се добредојдени на нашите настапи.

Бидејќи сте од Малешевијата, може да ни посочите кои се најубави оригинални малешевски песни?

-Се разбира. Има многу убави малешевски песни еве на пример: „Маго Маго вакло пиле“, !„Тргнала Ленка на воденица“, „Ајде провикнал се Иљо Малешевски“ …

Запознајте не и со вашите блиски планови. Што подготвувате и со кои композитори. Можеби и настап на некој од нашите фестивали.

-Што се однесува до моите идни планови имам понуди од фестивалот „Канео фест“ и „Филиграни“, песните што ќе се подготвуваат ќе бидат неколку преубави и неотпеани, од ризницата на маестро Јанко Узунов.

Ги пеете подеднакво, но лично што повеќе ве влече, забавната или народната песна?

-Лично јас го почитувам секој стил на музика. Но мене највеќе ме влече народниот стил.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ