Кубанскиот кандидат за антиковид вакцина „Абдала“ покажува ефикасност од 92,28 проценти против таа болест во клиничките испитувања, објави лабораторијата што го развива овој препарат.
Вакцината „Абдала“, која ја развива државната фармацевтска група „Био Куба Фарма“, покажува (ЦИГБ) ефикасност од 92,28 проценти по три примени дози, објави групата преку Твитер.
Вакцината е во завршна фаза на клинички испитувања и треба да добие официјално одобрување од кубанските власти кон крајот на јуни или почетокот на јули.
Тоа е втор кубански кандидат за вакцина, покрај вакцината „Соберана 2“ на институтот Финлеј.
Веста му е соопштена лично и на кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Карнел, кој потоа испрати честитки преку Твитер.
„Погодени од две пандемии (ковид и блокада), нашите научници од институтот Финли и ЦИГБ ги надминаа сите пречки и ни дадоа две многу ефикасни вакцини, Соберана 2 и Абдала“, напиша тој.
Во саботата, институтот за вакцинација Финли објави дека неговиот кандидат за вакцина Соберана 2 има ефикасност од 62 проценти по добиени две од трите дози.
Според институтот, ова е охрабрувачки резултат бидејќи се земаат предвид новите варијанти на вирусот што циркулира во Куба. И таа вакцина наскоро треба да добие официјално одобрување.
Тоа ќе биде првата антиковид вакцина развиена и произведена во Латинска Америка кога ќе добие официјално одобрение за употреба.
Кубански научници повеќе пати ги осудија тешкотиите со кои се соочуваат поради американското ембарго во сила од 1962 година, кое дополнително беше зајакнато под администрацијата на претходниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Кубанската влада би сакала да вакцинира 70 проценти од своите 11,2 милиони жители во август, а целото население пред крајот на годината.
Поради ембаргото, Куба започна да развива свои лекови во текот на 80-тите години на минатиот век. Од 13 вакцини во нејзината програма за вакцинирање, осум се произведени локално.