сабота, декември 21, 2024
домаЖивотСценаКултниот албум на "Рок агресори" објавен на лонгплеј плоча

Култниот албум на “Рок агресори” објавен на лонгплеј плоча

“Панкот не е мртов”, дефинитивно ја доби својата полна важност со промоцијата на ЛП плочата на “Рок агресори”. Станува збор за албум кој во јануари 1996 година беше објавен на касета, и по цели 27 години добива нов живот. Сега веќе култен албум “Еб*на антикултура”.
Панк иконата Зоран Трпков – Фалус Агресор познат како Зоки Агресор е вокал и гитара, воедно и автор на сите текстови и музика, на ова севкупно 41 минутно музичко задоволство, Сашо Здравев – Ламбе отвори бас гитара, а Тони Станковски тапани.
Промоцијата на лонгпејката се одржа синоќа, автентично во барот “Лонг плеј” во Аеродром, во присуство на опуштени фанови и панкери кои ги обележаа златните деведесетти, познати како години на највозбудлива музичка сцена, но и на највозбудлив скопски ноќен живот и ноќни журки.
Сретнавме познати музичари кои учествуваа во создавањето на овој албум, Ристо Апостолов кој е застапен со својата бас гитара, Владимир Петровски Картер, во чие студио е снимана касетата, но и музичари кои дојдоа во чест на “Агресори”: Васко Атанасоски од “Бернајс Пропаганда”, Владимир Стојчевски од “Културно уметнички работници”, Деан Шкартов “Бадмингтонс”, Васко Марковски, Владимир Муратовски Диво, а во чест на својот татко, тапанарот Тони Станковски, беше присутен и неговиот син Кристијан Станковски.
За објавувањето на плочата Трпков посебно заблагодари на финансиската поддршка на Игор Кичма и Ламбе Ламбевски, на Тошо Филиповски и “Корпус деликти рекордс” за менаџирањето и печатењето на плочите, на дизајн на етикети Бојан Ивановиќ, за дизајнот на обвивката на плочата на Бојан Живиќ, мастеринг Андреј Љаркоски, на Петар Пејаковиќ што ја овозможи оваа промоција во клубот “Лонг Плеј”.

***
Овој познат панк-рок бендот е формиран во1991 година. Во деведесеттите важеа за икони на македонското панк култура, и тоа само со еден албум, споменатиот, на кој е снимена и хит песната „Мојата партија”, “Барам ништо “, „Сексуален манијак“, „Јас смрдам на лук“, „Врати ми ги парите“ со општествено ангажирани и хумористични песни, со хитовски и прифатлив звук за сите генерации.
Во 2001 година го издадоа вториот албум „Хистерија“, со хумористични песни, но не се доближи до првиот.
Издавач е “Кичма рекордс” на кого ова му е прво вакво издание, но најави и други панк- рок албуми од тоа време дека ќе бидат објавени на плочи. Цената на албумот е 1200 денари, има и маички по 500 денари.
“Треба да се вратат ваквите бендови и ваквите текстови”, гласи еден коментар на нивни обожавател.
Насловите на песните можете да ги најдете на линкот ТУКА.

***
“Мојата партија” е песна која отсликува цели 30 години во македонското општествено живеење.

Мојата партија

„Мојата партија ви ветува сѐ,
мојата партија ви подарува сѐ,
надобар живот, најдобар систем, најдобри женски.
Како без работа да добиете пари,
како за малку да добиете многу,
Ќе бидеме сигурно први во ова,
ќе бидеме сигурно први во она,
за мојата партија гласајте,
за мојата партија гласајте…“

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ