четврток, ноември 14, 2024
домаКолумниКултурните терминатори, пазарџиските менаџери или публиката, Жељко-"лане" мое, кој е виновен за...

Културните терминатори, пазарџиските менаџери или публиката, Жељко-“лане” мое, кој е виновен за на “Охридско лето”? 

Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго

Само што бевме помислиле ова ќе биде мирно лето Охридско, и “перото” малку ќе одмори, “лане моје” сме се излажале. Осамна веста дека српскиот поп кантавтор Жељко Јоксимовиќ ќе настапи во рамките на културното “Охридско лето”, и културњаците и оние кои себе си се доживуваат за културњаци тоа го доживееја и преживееја како шок. Добро, зар е можно?

Некако така, Жељко на 8 август во Антички театар во Охрид ќе настапи со филхармонија и својот проект ”Два света”. Со задолжителниот корона протокол.

За да биде посигурна, информацијата ја потврди лично директорката Поповиќ. Јесте, да, Жељко, познат како “Лане моје” според евровизиската, ни доаѓа во Охрид, каде пред неколку години беше и кум на градот во христијански обичаи за Свети Јован.

Се поставија  две потпрашања-“дали Жељко е култура, онаква за каква што шест децении важи оваа меѓународно  реномирана манифестација?” и “дали на негово место не можело македонски изведувачи, кои кубурат со пари во овие кризни корона времиња?”

Чинам и двете прашања нецелосно имаат допирни точки со поентата, првото што и поп културата е култура, второто што е сосема погледнато само од комерцијален аспект, а Охридско лето не е институција која  обезбедува пари за преживување на уметници , нејзината цел е сосема друга – да ни ја донесе светската култура дома и да го вметне најдоброто од македонската.

“Охридско лето” е историја, жив “билтен” на современите културно – сценски збиднувања, и по традиција до лани се случуваше од 12 јули Петровден, до 20 август, отворањата беа спектакуларни, а се чини врвот го достигна со настапот на светските великани и легенди Енио Мориконе Хозе Карерас, Зубин Мехта, Дмитри Хворостовски… Селекцијата се правеше во текот на цела година со престрого око, на неа место имаше за најдобрите меѓународни автори и изведувачи од други држави и најдобрите театарски претстави. Фестивалот не беше задолжен заестрадно-забавен живот, кој и тоа како на лето на Охрид му треба.

Антички театар, тогаш свето место за охриѓани и нивна ахилова петица, служеше како најексклузивно место каде понекогаш се одржуваше  отворањето и максимум еден концерт/претстава. Фестивалот имаше и прет-почеток на 7, 8, 9 јули  во раритетната црква  Света Софија, за млади таленти, каде почнаа и Симон Трпчески, Стеван Миленковиќ и други таленти, на што јасно се сеќавам и дури се уште ги имам програмите, бидејќи во тоа време бев дел од манифестацијата. А во Света Софија помнам и еден посебен момент кога по концерт на пијаното самоиницијативно седна Кили и не забавуваше можеби цел час, а имаше и збунети  кои велеа- но ова пијано овде е само за класични академски музичари…

Се на се, “Охридско лето” е надалеку познат синоним за класична култура и сериозна музика, а просторот во Света Софија стана обезличен и посиромашен кога официјални луѓе со терминаторски пориви на официјален начин ги срушија скалите- минаре, уникатниот симбол- сведоштво  на преплетување на балканските епохи, христијански, муслимански.

Но културни терминатори секогаш демнат и се појавуваат одново и одново. Мене не ме “боли” музиката на Јокса, напротив го ценам неговиот авторски опус. Тој е добар, напати и одличен автор на поп песни, а и како изведувач ете поминува. Шампион на хармоника уште од мал, и докажан на европски натпревари. На Евровизија, секоја чест, направи неколку  навистина добри и мошне високо котирани песни (второ – трето место) , блесна во моментот, ама на подолги патеки не се прослави. Остана музички подолго славен чинам само во Македонија, нешто помалку во Србија. Целата негова голема концертна кариера е во Македонија. Во Србија не го наполна нивниот најголем стадион (како Цеца, Чолиќ), кај нас го напола Филип Втори со поевтини билети, од по 200 денари, и беше многу убав, профи, три часа забава. Комерцијален концерт и публика си има право да си оди.

Потоа, менаџерите на Јоксимовиќ за Македонија си најдоа и  начин на “пиење” државни пари. Следуваа тие собиранки од типот Пивофест и слични фестијади, каде такви ѕвезди се дебело платени од општините, преку 20- 30.000 евра.

Гледајќи колку добро му оди со македонска публика, познатиот Јокса си направи и друг комерцијален проект, овој пат уфрлувајќи филхармонија “Два света” кој беше премиерно прикажан во МНТ. Негова нова и наменски за”Два света” публика, со оглед на предзнакот поп, не може да бидат љубителите на класичната музика, но добра мамка концертот да го наполнат и да му удрат печат на успешен, се неговите фанови од поп сферата. Тие се секогаш пред него во огромен број.

Ај да не се лажеме и да го скратиме вртењето одоколу – затоа сега и го поканиле на Охридско лето!!! Да биде мамка за паричен успех на фестивалот (кој инаку од сите други класични концерти не се покрива, покриваат силни спонзори и покровителството на Претседателот на државата). На таа вечер на ” Охридско лето” ако не дојдеше Жељко ќе дојдеше некој друг, таков е концептот, повеќе има меѓународни изведувачи. Ама немаше да донесе ни одблиску толкав број концертно солвентна публика, која инаку не оди на Охридско.

И секако дека Јокса има регуларно право да настапи, доколку ги исполнува условите. Она што не се простува е финтата со која се “прешалтува” во оваа сфера и на која се лови публика, строго за заработка и профит. Доволно ли е некој да вклучи филхармонија и тоа да се нарече “култура”, а од таму да си продолжи со настап во кафана? Уште би прашале, тој филхармониски зачинет проект каде се има етаблирано  како дел од културната сцена, дали во неговата матична Србија е ставен во рамки на клучни културни манифестации и на кои? Дали на другите европски манифестации , кога веќе нема земја каде и самиот Жељко не е познат преку Евровизија и сигурно има свои фанови. И каков успех имал проектот? Ако не, тогаш зошто сега кај нас, овде и тука?

Празни (фејсбук) муабети можеме да тераме до илјада и една, суштинските прашања се оние за кои време е да се седне и да се поразговара. А тоа е само доколку во главните столчиња седнат луѓе кои ја сакаат и почитуваат културата,  кои нема да се пазарат и ценкаат со “божемни” менаџери и  кои нема да ја гледаат како пазар на која се продава  канта со маслинки, гајба со патлиџани, вреќа компири и се е само купо- продажба. (да потсетиме, менаџерите на Жељко организираа и концерт на Ристо Вртев од “Архангел” , нив не ги интересира жанрот).

Уште само малку вакви финти од културните терминатори и “Охридско лето” да стане лето како и секое друго, за кое не мора да се чека 12 јули,  може да почне со првите сончеви зраци и сите весели да се упатат на плажа, да се масираат со заштитно масло за сончање, да си пијат коктели, таму да уживаат од зори до мрак, и да не им треба повеќе од музиката на птиците кои ќе цвркотат околу нив.

А, Антички да стане што и стадион, кафана, плоштад, плати па собери луѓе, биди си шизик на своја сметка. Не на сметка на држава и нешто значајно  долготрајно што дури е под патронство на самиот Претседател.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ