Ларви од црви од денеска можат да се најдат во прехранбени производи, согласно директивата на ЕУ

0
34

Брашно од жолт брашнарски црв од денеска станува состојка што може да се користи во прехранбените производи, согласно новата европска регулатива. Станува збор за брашно направено од ларви на жолтиот брашнарски црв, третирани со УВ светлина. Тоа се ларви од видот Tenebrio molitor, кои претходно се сметаа за штетници.

Овие црви сега се признати како прехранбен производ богат со протеини, па брашното добиено од нив може да се додава, на пример, во леб или тестенини. Француската компанија Nutri’Earth има ексклузивно право да го пласира ова брашно на пазарот во следните пет години, почнувајќи од денеска.

Сепак, постои едно правило – ларвите мора да бидат изложени на УВ зрачење, а готовите производи што ќе ја содржат оваа состојка ќе мора да бидат соодветно означени.

Климатски поприфатлива исхрана

Што се однесува до консумацијата на инсекти, од Европската комисија сметаат дека граѓаните сами треба да одлучат дали ќе јадат инсекти или не. Тие истакнуваат дека користењето на инсекти како алтернативен извор на протеини не е новост и додаваат дека инсектите редовно се консумираат во многу региони низ светот.

Од Европската комисија дополнително нагласуваат дека консумирањето инсекти придонесува кон заштита на животната средина, додека истовремено одговара на сè поголемата побарувачка за протеини кај средната класа, имајќи ги предвид растечките економски и еколошки трошоци за производство на животински протеини.

Консумацијата на инсекти не е никаква новост во други делови од светот – во повеќе од 130 земји речиси две милијарди луѓе секојдневно јадат инсекти, сметајќи ги за хранлив оброк. Инсектите претставуваат еколошки поприфатлива алтернатива на месото, бидејќи, на пример, за одгледување на штурци се користи 75% помалку јаглерод диоксид отколку за одгледување живина.

Некои земји, меѓу кои и Хрватска, не дозволија продажба на храна што содржи инсекти, додека други, како Шпанија, Белгија и Финска, под услов на почитување на хигиенските барања и законите за храна, дозволија ставање на ваквата храна на пазарот.

Дехидрираниот брашнарски црв влезе во историјата како првиот инсект што во ЕУ, врз основа на научното мислење на Европската агенција за безбедност на храна, беше одобрен како нова храна. По него, на листата на инсекти чија консумација не е опасна за човековото здравје се најдоа и малиот брашнарски црв, домашниот штурец и скакулецот, а на пазарот беше дозволено пласирање на храна што ги содржи.

Н.Д.