Српската пејачка во последните недели беше во центарот на вниманието поради своите објави на социјалните мрежи во врска со протестите во Србија и Александар Вучиќ. Поради нејзините објави беше покрената петиција за гасење на нејзиниот Инстаграм профил. Граѓанското здружение Еко стража од Србија поднесе барање до компанијата Meta за суспензија на профилот, наведувајќи „говор на омраза, расизам, ксенофобија и штетно однесување“, пренесуваат српските медиуми. Досега се собрани 348 илјади потписи.
„Од Meta бараме суспензија на Инстаграм профилот на Јелена Карлеуша поради говор на омраза, расизам, ксенофобија, таргетирање поединци и општо штетно однесување. Ова претставува континуирано прекршување на насоките на Инстаграм за заедницата, особено во однос на говорот на омраза, вознемирувањето и дезинформациите“, порачаа претставниците на Еко стража.
„Нејзините објави содржат ксенофобични и расистички коментари“
Од здружението дополнително истакнуваат дека пејачката ги користи своите профили на социјалните мрежи за политичка пропаганда. Според нив, откако започнаа студентските протести во Србија, Карлеуша речиси секојдневно објавувала содржини во поддршка на претседателот Вучиќ, додека истовремено отворено навредувала оние што не се согласуваат со нејзините ставови.
„Карлеушиниот Инстаграм профил доследно се користеше како платформа за напаѓање на поединци, ширење говор на омраза и промовирање пропаганда во корист на српскиот автократ Александар Вучиќ. Нејзините објави вклучуваат ксенофобични и расистички коментари, како и координирано вознемирување на поединци и групи. Овие активности не само што ги кршат правилата на Инстаграм, туку и придонесуваат за непријателска онлајн средина што поттикнува дополнителни поделби и нетолеранција“, се вели во изјавата.
Според правилата на Инстаграм, говорот на омраза и вознемирувањето се строго забранети. Сепак, и покрај бројните пријави од корисници, профилот на Карлеуша останувал активен, служејќи како платформа за екстремизам и политичка манипулација, што, според Еко стража, го поткопува залагањето на Инстаграм за безбеден и инклузивен дигитален простор.
С.Р.
