Валентина Ѓоргиевска Парго
Југословенската публика го знае по големиот хит “Не те давам” (“Не дам те”), песна која му е печат и денес мнозина ја слушаат, Охриѓани го знаат како легендарен рокер и основач на “Канео фест”, а во рускиот град Саратов го знаат како финалист на нивното познато Тв шоу. Станува збор за Вили Котовски.
Тој повеќе од две децении живее и работи во Русија, и, деновиве за прв пат по клуб во Москва пред публика во живо ја промовираше песната “Коњаче”. Песната има долга историја, композицијата е на авторот Хари Котларовски, текстот е на Вили. Испеана на “Охрид фест” во 2000-та. Во Русија, за прв пат во руска верзија е изведена пред неколку години на ТВ, за што тогаш ни раскажа од прва рака што се случило:
-На ТВ шоуто “Гласот на Саратов” ја испеав песната „Засвири бато“ од ” Охрид фест” 2000, но овој пат со руски текст-наречена „Коњаче“. Бев избран од почитуваната Татјана Анисимова, која не се срамеше да каже дека во еден момент била готова и да заплаче иако ниту збор не разбрала слушајќи го она што го пејам, зошто пеев и на македонски, не само на руски. Во тој циклус стигнав до големото финале, на кое настапивме со младата и неискусна Ина Карповиц, и за малку ни избега победата. Среќен сум што високо се пласирав во туѓа земја, друго говорно подрачје, друг менталитет. Чест ми е што бев дел од проектот, ќе си носам еден убав и прекрасен спомен, а за Саратов благодарност, ни изјави тогаш овој музички уметник.
Да потсетиме дека Вили зад себе има богата кариера и во поп и во рок музика, три самостојни аудио касети и едно ЦД со избор негови најголеми хитови. Неговата кариера се дели на три дела – југословенска, со големиот хит “Не дам те”, македонска со трите учества на “Макфест” , на Скопски фестивал во 1999, петте на ” Охрид фест” , двете на “Интерфест” и неколку настапи на рок фестивали со групата “Инфаркт”, а потоа и како основач на “Канео фест,” со Милчо Георгиевски. А, руската кариера му ја означија двете учества на “Подмосковље” и “Гласот на Саратов”, исто, соработувал и со Дробис и со Татјана Буланова за кои ни пренесува дека се ѕвезди.
Искрен како и секогаш, едноставен, Вили живата музичка легенда на Охрид, човек кому музиката му е во крвта, признава дека во Русија го одвела љубовта.
-Таков сум немирен и романтичен и постојано заљубен. Добар фраер, нели. Јас би додал онака искрено-не е грев да го сакаш женскиот пол, знае насмеан да каже и да рече дека љубовта постојано го мотивира во се.
Почнувајќи од 1984 година по неколку месеци живеел во Русија, а потоа се вратил.
Со задоволство се сеќава како ја започнал својата рокерска кариера во поранешна Југославија. Во Загреб отпеал демо снимка, која подоцна се најде на репертоарот на култните „Прљаво казалиште“.
Тој објаснува да се биде рокер во тоа време, нешто значело. Негови стихови се нашле во некогаш популарното списание „Двоје“. Издавал за “Југодиск”, а плочата издадена во тогашниот Советски сојуз од која како што вели и денес добива по некој авторски хонорар, таму се дистрибуирала во за наши прилики во 200.000 примероци.
-Во далечната 1978 морав да заминам во Хрватска на некое време, каде под стек на околности започнав да другарувам со Јасенко Хоура, и единствениот “виновник” кој ми ги отвори хоризонтите како вокал, имено, беше Јасенко. Само неколку меcеци по моето враќање во Македонија во етерот одекна “Црно бијели свет”, песна која таму јас заедно со нив прекрасно ја отпеав на неколку тонски проби, кога бендот се уште немаше име, подоцна се нарекоа “Прљаво казалиште” . Потоа тие ја издадоа таа песна. Не можев да си простам за своите постапки, што не останав со нив, но изгубеното никогаш не се враќа назад. Силно во душата навивав за “дечките од Дубрава”, и станаа југословенска атракција. Во тоа време јас се приклучив во бендот “Орион” во Охрид, кој подоцна стана “Инфаркт” и може да се смета дека во овој бенд покажав нешто ново поинакво кое верувам во тоа време на многумина им се допаѓаше, баш од “школата на Хоура ” . Потоа го создадов големиот хит “Не дам те”, кој ми ја обележа кариерата , и ми стана најомилен заедно со „Македонија“. Оваа песна на вистински начин рамо до рамо застана со сите тогашни ју хитови, цели 6 недели беше на прво место на листата студио 202 на Зоран Модли- пред многу други големи хитови, што значи, Господ ни подари една патека од злато по која само требаше да чекориме но, иако постоеја пред-договори со “Југотон”, со “Дискос” Александровац- ништо големо не се случи исклучиво поради нас – момци од провинција кои не знаеја да ги искористат своите 5 минути. Во секој случај ако останеше Југославија и таа сцена во целина ќе беше друга ситуација и верувам дека ќе бев сосема друга фигура во музичкиот бизнис. Останаа премногу спомени – премногу слатки сеќавања од тој период. Сега тие ги продолжувам и доживувам во големата и убава Русија, каде и покрај одредени свои проблеми, кои успешно ги надминувам, се надевам ќе направам хитови кои ќе освојат и овде – ни вели Вили, чија засега неостварена желба е да го подготви својот втор албум на руски јазик и да направи голем концерт на охридскиот плоштад со руски ѕвезди.