Претседателот на Либан, Мишел Аун, изјави дека во истрагата за експлозијата во магацинот во пристаништето во Бејрут се бара фактот дали тоа е последица на надворешно мешање или е само невнимание или несреќа, објави неговата канцеларија.
Либанскиот претседател потенцира дека истрагата сè уште не е завршена и дека причината не е утврдена.
„Постои можност за странско мешање преку ракетно или бомбашко делување или друг акт“, изјави Аун за локалните медиуми, пренесе Ројтерс.
Тој рече дека го замолил францускиот претседател Емануел Макрон, кој го посети Бејрут во четвртокот, да обезбеди воздушни фотографии за да утврди што се случило.
„Ако Французите ги немаат, ќе ги бараме од друг извор“, истакна Аун.
Тој рече дека истрагата ќе се спроведе во три насоки: прво, како влегол и се складирал експлозивниот материјал, второ, дали експлозијата е резултат на негрижа или несреќа, и трето, можноста дека имало надворешно мешање.
Во страшната експлозија што се случи во пристаништето во Бејрут во вторникот, загинаа најмалку 154 лица и повредени се околу 5.000. А.Н.