понеделник, декември 23, 2024
домаЖивотСоцијална политика„Лице в лице“ со пратениците

„Лице в лице“ со пратениците

Поттик, почит и честитки за нивната работа, добија продавачите на уличното списание „Лице в лице“ на денешната средба со дел од пратениците во Собранието на Република Македонија, настан кој беше во рамките на одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат.
Одбележувањето на глобалната прослава во Македонија беше на дневен ред на 15. собраниска Комисија за труд и социјална политика  каде беа споделени предизвиците на продавачите и улогата на „Лице в лице“ во нивното социјално и економско зајакнување.

– Ние сме тие кои први треба да дадат поддршка на овие луѓе. Токму затоа сум среќен што тие се денеска со нас овде, да ни кажат за нивните успеси и тоа токму во рамки на меѓународната прослава на нивниот труд – рече пратеникот Самка Ибраимоски, кој ја водеше седницата.

Продавачите, движејќи се низ собраниските ходници пресретнаа свои поддржувачи кои ги препознаа, не од јавната сцена, туку од омилените места каде што го нудат уличното списание.

Гордана Малинова и Тунан Садик се претставија на говорницата пред пратениците, кусо поздравувајќи ги, за што добија симпатии и аплауз од присутните.

– Среќен сум што продавам „Лице в лице“, списание со кое успеав да го реновирам својот дом – кажа Тунан.

Пратеничката Лилјана Поповска од говорницата ја пофали иницијативата поттикнувајќи ги своите колеги да го купуваат и читаат списанието.

– Не го купувам за да дадам милостина, туку да се информирам, да прочитам што навистина се случува, какви се животните процеси кои се случуваат на терен. Начинот на кој е понудено, пак е прекрасен и благодорен, а овие млади луѓе кои го продаваат зрачат со добрина. Оваа средба треба да биде поттик за сите нас да се најде решение како ранливите граѓани да ги вклучиме во општествените текови – рече Поповска.

Пратеникот Диме Велковски пак нагласи  дека со ентузијазмот кој што продавачите на „Лице в лице“ го носат со себе, внеле позитивна енергија во Собранието за што им се заблагодари.

 

 

 

– Вашиот ентузијазам секако ќе влијае на нас и ќе го искористиме во нашата понатамошна работа. Мислата водилка кон која се стремиме, е дека ова општество треба да биде еднакво за сите луѓе и сите треба да имаат еднакви права. Верувајте во нас како што веруваме ние во вас – потенцираше Велковски.

Ликовниот уметник Сергеј Андреевски, кој е поддржувач на „Лице в лице“ уште од првиот број, нагласи дека секојдневно ги забележува промените кај продавачите, но и кај купувачите на списанието.

– И самиот сум бил во униформата на списанието и сум го нудел на минувачи, како поддршка на продавачите и знам со каков предизвик се соочуваат. Но, ако на почетокот многумина ги одминуваа, сега гледам луѓе кои ги пречекуваат во прегратки, како да поздравуваат пријатели. Тоа е многу значајно – рече Андреевски.

Уредничката на „Лице в лице“, Маја Раванска пак објасни дека уличниот печат, како движење кое е во борба со социјалната исклученост, бездомништвото и сиромаштијата во светот, веќе го покажува својот импакт и во земјава.

– Пазарот на труд, по некоја инерција е поставен без да ги земе предвид тешкотиите со кои се соочуваат ранливите сограѓани кои најчесто се исклучени, со загубени работни навики и вештини. „Лице в лице“ како еден од пионерите на полето на социјалното претприемаштво кај нас е пример дека вакви иновативни пристапи и модели за решавање на предизвиците на пазарот на труд функционираат и носат придобивка за општеството. Со тоа што оваа иницијатива потекна од Собранието, и вие, пратениците станувате дел и ја застапувате идејата дека заеднички можеме да ја движиме промената – рече Раванска.

Сите присутни пратеници, претставници на Министерството за труд и за социјална политика, како и на Националниот демократски институт, добија беџови со мотото „Ја движам промената, читам „Лице в лице“.

Глобалната прослава на трудот на луѓето кои биле на маргините на општествата, но кои решиле дека сакаат да направат позитивна промена во своите животи се одбележува од 5-ти до 11-ти февруари 2018 година. Вклучени се над 100 улични списанија и весници од 34 земји во светот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ