четврток, декември 26, 2024
домаМаестро Славе Димитров: Празник што блада!

Маестро Славе Димитров: Празник што блада!

Денес им се оддава почит на авторите ширум светот, охрабрувајќи ги луѓето да ја откријат магијата на нивните дела, уживајќи во придонесот на оние кои промовираат културни доблести.
Идејата за чествување ја осмислил и обзнанил шпанскиот писател од Валенсија Винсент Клавел Андрес, во 1923 година, во чест на Мигел де Сервантес.
Развиениот свет ги создаде законите и правилата за заштита на авторското право, а нашата држава се обврза дека доследно ќе ги применува европските правила за заштита на авторското право кое е издигнато на пиедестал на неприкосновеност и, безмалку, на светост.
По осамостојувањето, Македонија ги ратификуваше Бернската конвенција за заштита на книжевните и уметнички дела и Римската конвенција за заштита на уметниците-изведувачи, фонограмските продуценти и радиодифузните организации.
По предлог на Владата во 1996 година, Собранието го донесе Законот за заштита на авторското право и сродните права. Во образложението на законот, тогашниот министер за култура, Ештреф Алиу рече дека: “Владата со една одлука може да реши надвор од законот кој орган или која институција ќе биде задолжена да ја води грижата за наведените права. Сето тоа ќе биде под една капа, а ќе се вика: Завод за интелектуална сопственост. Најмалку чувствувам потреба јас како министер и моите соработници да бараат некакво туторство над овој закон. Битно е да има добар закон, битно е целта да се постигне, творецот да се обезбеди, неговите слободи да се осигураат, неговите права да се обезбедат“ (цитат од излагањето, од стенографските белешки – Седница на Собранието на РМ од 17.01.1996 година).
И, како што обично бидува кај нас, тоа решение, иако позитивно оценето, ниту по 25 години не се воведе, туку остана под туторство на министрите за култура и нивните соработници организирани во Одделение за авторско и сродно право во кое се вработени само два-тројца службеници.
Забелешките на Европската комисија од извештаите за напредокот на нашата држава (оддел 7) според кои „Министерство за култура нема доволен капацитет“, останаа без соодветен одговор, иако проблемите со заштитата се множат од година во година, без волја, без моќ и без интерес Министерството за култура да ги разреши.
А доволно е според наведниот цитат на тогашниот министер за култура, Ештреф Алиу, Владата само со една владина одлука надвор од законот конечно да ја
заврши таа фарса, со тоа што за наведените права ќе задолжи тело (агенеција ли, орган ли, завод ли за интелектуална сопственост) да се грижи за законот за автоторско право и сродните права.
Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП е еклатантен пример за недоследностите што ги произведува бескапацитетното Министерство, зашто неговото надлежно одделение, потопено во директен судир на интерси, и покрај должноста да врши надозор на работата на ЗАМП, останува индолентно на предупредувањата.
И повеќе од тоа – одбива да се сретне со револтираните автори, согласно нивните уредно доставени барања, за да не се соочи со проблемите што ги прават вработени во Министерството за култура.
Незаинтересирано да ги остварува своите законски надлежности во областа на авторското и сродните права, што му е должност, Министерството за култура поведува постапка за менување на ЗАПСП без и минимално да го промени својот однос спрема постојниот закон.
Некој, нели, мора да е виновен!
Законот бил виновен што правата се помалку се почитуваат?! А токму Министерството одбегнува да го применува Законот со што директно поттикнува и други прекршители.
Во таков амбиент, еве, требало само да се дополни фалениот закон (неспорно е дека тој е зрел за усогласување со директивите на ЕЗ), но доколку тој доследно не се измени и спроведува нема да има никаква полза од закон што не е соодветен и не се почитува.
Така, во отсуство на одредби за спроведување инспекциски надзор во законот, наместо да се стимулираат да создаваат поквалитетни дела, авторите се доведуваат во ситуација самите во долги и скапи судски процеси да ги утврдуваат повредите на своите права, а при ваква регулатива најголем бенефит имаат адвокатите и нивните застапници (според министрството авторите немале право – од МВР и пазрната инспекција да бараат откривање неовластено користење на нивните дела, а дали ако, полицаец, го открие крадецот на вашето возило, треба да му го остави возилото и натаму да го вози, а вие од судот да си ја барате правдата?
И така, до завршување на судските постапки по едно 3,4,5 години криминалците смееле да ги докрадуваат авторските права!)
Не знае човек што е попарадоксално: дали фактот што Одлуката на Владата на Република Северна Македонија (4 февруари 2020 година) до денес не е спроведена, или тоа што во групата за изготвување на предлог-законот за изменување и допонување на ЗАПСП Министерството за култура не вклучи ниту еден претставник на носителите на авторски и сродни права.
Како да се носи закон за министерството, а не за авторите! Иако токму врз основа на анализите на авторите, интервјуата со носители на правата, судската пракса од областа, почитувањето на одредбите од важечкиот закон и јавните забелешки, беа воочени најголемите проблеми што ги произведува регулативата.
Интересот во Министерството за култура најдобро го отсликува примерот со кој, наспроти одлука на Владата, соработниците на министрите издале дозвола за колкетивно управување на Здружението ММИ, која беше отповикана дури по пораката до министерката за култура, со што беше укажано на незаконските дејности, за тоа никој не понесе одговорност.
Министерството за култура, наместо да создава амбиент на почитување на правата на авторите при користење на нивните дела, со буџетски средства ги стимулира корисниците на авторски дела.  Илустративен пример за тоа е „Друштвото за маркетинг и услуги Самоорганизација ДООЕЛ“ (кое смени повеќе имиња) со насловениот проект „25 години Авалон Продукција“, за што од Министерството за култура доби 6 милиони денари, а на ЗАМП му должи 4.328.800 денари, потврдено со правосилна судска пресуда.
Уставот на РМ ги гарантира правата што произлегуваат од научното, уметничкото творештво. Затоа, барањата на авторите, дури и на денот на прославувањето на авторското право во цел свет, македонските творци го доживуваат како празник што блада!
Славе Димитров
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ