Предлог законот за енергетика предвидува целосна либерализација на енергетскиот пазар. Според проценките, и домаќинствата ќе можат да купуваат струја на слободниот пазар за отприлика една година, а тоа ќе значи дека цената на струјата која ја плаќаат граѓаните нема веќе да ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика. Како што истакна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, ова нема да ја поскапе струјата, туку ќе ги натера и државните и приватните енергетски компании да ги намалат трошоците.
Оние пак, кои нема да изберат еден од снабдувачите на електрична енергија, и ќе сакаат да останат на стариот принцип за нив ќе има универзален снабдувач кој ќе се бара по пат на тендер. Тоа значи, доколку граѓаните не потпишат договор со ниту еден од снабдувачите на пазарот, нема да останат без струја.
Се очекува кон крајот на март да заврши собраниската процедура за донесување на законот по што ќе следува период од девет месеци за избор на универзален снабдувач кој ќе има договор од пет година. До крајот на 2018 година треба да има целосната либерализација на енергетскиот пазар во земјава, што требаше да се донесе најдоцна до 2014-та година, но колку за потсетување, Енергетската заедница и даде на Македонија дополнителна шанса да ги исполни обврските до крајот на 2018 година. Доколку државата не одговори на ова барање на ЕЗ и се заканува блокада од користење на европските фондови вредни околу 300 милиони евра.
Во однос на гасификацијата, предвидено е до сите градови да биде донесена главната цевка, а потоа општините сами да одлучуваат дали се за изградба на сопствена мрежа. Начинот на кој ќе се финансира се остава на општината, таа ќе може да бира меѓу јавно-приватно партнерство или пак да бара приватен инвеститор за општината. Предлог законот за енергетика предвидува постоечките компании за гас ГА-МА и Македонски Енергетски Ресурси да се спојат во една, а тој што ќе биде сопственик на гасоводот да не може да врши трговија со гас.
Сепак, она што остана да виси во воздух беше кој и зошто го извади членот кој предвидуваше малите хидроцентрали издадени под концесија, да можат да станат приватна сопственост, бил дел од новиот Предлог закон за енергетика. Вицепремиерот Анѓушев на брифинг со новинарите рече дека тој лично го извадил членот од предлог законот, но истовремено објасни и дека тргнувањето на овој член од законот е на штета на државата, бидејќи како што рече, по истекувањето на концесиите таа ќе треба да врши ремонт на електраните.