Пишува: Валентина Георгиевска Парго
Голема традиција, почит кон тоа од сите генерации. Како изгледаат омилените детски страници денес?
– Шеесет и една година е еден просечен човечки век, а тоа морате да признаете не е малку. Ваков конинуитет во излегувањево на печатен меддиум во нашата земја, освен матичниот весник „Нова Македонија“, ете, има само „Колибри“. А за тоа време, како и во секој живот имало убави, помалку убави моменти, криза, подем, но најважно од се е дека му одолеваме на времето и „Колибри“ се уште е шарен букет што секој вторник ги краси странциите на „Нова Македонија“. Форматите, изгледот, бројот на страници се менувале во текот на годините, но целта на излегувањето на „Колибри“ останала иста сите овие години: забава и едукација за деца, промовирање таленти, афирмирање на позитивни проекти и иницијативи, како и на сите што работат за доброто на децата. Се разбира, за нас како печатено и електронско гласило тоа значи и негување на читателска публика по урнекот на сите светски дневни весници. Денес „Колибри“ излегува на четири страници, две црно бели, две во боја, со редовни рубрики наменети за најмладите читатели. За жал се уште е единствен додаток за деца во македонскиот дневен печат и токму поради тоа нашата приказна мора да продолжи.
Како ова убаво парче хартија, ова благородно детско медиумско катче успеа да му избега на забот на времето, во ситуација кога македонското новинарство доживеа и преживеа низа турбуленции?
– „Колибри“ се уште лета благодарение на ентузијазмот на оние кои се грижат за него, а тоа се уредниците: идејниот творец, поетесата Евгенија Шуплинова, поетите Перо Миленкоски и Наум Попески и јас. Секако и благодарение на поддршката, своевремено, на првите луѓе на НИП „Нова Македонија“ и денес, на весникот „Нова Македонија“. Останавме хроничари на сите активности поврзани со децата, дел сме од многу монографии, добитници на многу награди и благодарници, бидејќи секогаш сме онаму каде што се и децата. Во нивните училишта, работилници, на спротските терени, фестивали, акции… И така и ќе остане. Се уште со радост ги објавуваме добрите вести за нови книги за деца, за млади таленти, за успеси на учениците и на сите кои се грижат за нив. Голем број од нив ни ги испраќаат дописниците на „Нова Македонија“ од целата земја. Но, во подготовката на прилогот учествуваат и: фотографите, техничките уредници, лекторите, дистрибутерите, и секој на свој начин придонесува крајниот продукт што ќе се најде во детските раце да предизвика насмевка на нивните лица.
Во уредувањето на „Колибри“ присутен е и хуманиот аспект, бидејќи редовно пишувате и за децата со попреченост.
-За нашиот ангажман и хуман пристап кон овие деца, веќе двапати здружението „Различни, а еднакви“ не наградува. Се разбира тука нема дилеми, сонцето свети еднакво за сите деца, па така со радост ги објавуваме нивните успеси, секако и за пречките со кои се сочуваат, а континуирано известуваме и за фестивалот „Игри без маска – Театар без дискриминација“, што го доби и епитетот меѓународен. Морам да нагласам дека белег на нашиот додаток е и страницата посветена на етиката, што ја пишува професорот Кирил Темков, а дел од неговите текстови во „Колибри“, „Нова Македонија“ ги отпечати како брошура.
За да се работи со или за најмладите и младите факт е дека мора да се нурне малку подлабоко во нивната психологија. По долги години успешна работа на поинаква тематика, и најмногу на естрада, вие решивте да го уредувате овој прекрасен прилог за најмладите. Кој беше за вас одлучувачкиот момент за оваа промена?
– Велат во животот ништо не е случајно, па така и мојата поврзанопст со „Колибри“. Во период кога се најдов на животен крстопат, што понатаму, ми се јави Лидија Аневска, моја драга колешка уште додека работев во весникот „Вечер“. Таа тогаш беше во „Нова Македонија“, и ме праша дали би сакала да го уредувам „Колибри“. Првиот одговор ми беше: „Ама како ќе го правам тоа, јас досега не сум имала никаква врска со пишување за деца“. А таа ми рече: „Едноставно, како да пишуваш за своите деца“. И верувајте, се до денес, а тоа се веќе дваесеттина години, јас токму така работам. За мене нема слободна недела, празник, па и кога сум на одмор го подготовувам прилогот. Секако работата во редакцијата поврзана со пишување на други теми останува. Да напорно е, но кога ќе помислам дека за некое дете овој напис ќе значи стимул, да се труди уште повеќе, а репортажата за некоја посветена наставничка ќе и биде едно благодарам за трудот што го вложува, знам дека се што правам има вредност. И знам дека магијата ќе трае се додека секој вторник наутро, трчам во трафика да го купам весникот за да видам како излегло новото „Колибри“.
Вашата уредничка активност како основа има и да се создаде мотив кај децата за покреативно изразување, но и за извесно меѓусебно натпреварување кој е подобар. Организирате ли конкурси, изложби, преку кои на извесен начин ќе ги ангажирате, мотивирате, вмрежите и едуцирате децата?
– Се разбира, тоа е уште еден начин да се анимираат децата да бидат покретивни. При крајот на минатата учебната година, организиравме јавен повик до сите ученици во земјава, кој беше насловен: „Цртаме и пишуваме во карантин“ . Добивме огромен број ликовни и литературни творби, а најдобрите ги наградивме со книги. И сите до една беа напишани или нацртани со многу љубов, но сообразни во времето во кое живееме.
Има ли неоткриени или запоставени таленти, во помалите места, кои никогаш не добиле третман во медиум, а заслужувале или, училиштата добро се грижат децата и ги промовираат своите таленти?
– Сме посетиле многу училишта низ целата земја и досега не сум добила впечаток дека талентираните ученици се запоставени, напротив. Училиштата се гордеат со своите надарени ученици, а верувајте децата се прекрасни. Желни да учат, да прескокнуваат пречки, да се качуваат високо по скалилото на животот, а ние секогаш сме тука нивните успеси да ги објавуваме на нашите страници. Големо задоволствое да се види дека во некои училишта има катчиња во кои се врамени написите и репортажите што излегле во „Колибри“.
Дали продолжува традицијата писателите и уметниците првите творби да ги објавуваат на страниците на „Колибри“?
– Да точно е, првите творби на страниците на „Колибри“ ги објавиле голем број познати македонски писатели, а така е и денес. Ете Васил Муакетов се уште ги чува старите броеви на „Колибри“ со неговите први песнички. Традицијата продожува и денес. Нашиот соработник Филип Димкоски, денес познат, преведуван и наградуван поет во целиот регион, имам впечаток како да растеше со „Колибри“. Соработуваме и со младиот поет Андреј Јанков, со младата сликарка Славица Танеска, и секако со етаблираните автори за деца кои ексклузивно ни ги испраѓаат нивните песни и раскази, меѓу кои се Стојан Тарапуза, Киро Донев, Владо Димовски, Велко Неделковски, Мишо Китаноски, Бистрица Миркуловска, Горјан Петревски, Славка Арсова, Вера Андон, Вера Симовска, Татјана Гогоска, Јадранка Клисарова, Ванчо Полазаревски, Трајче Кацаров… Среќни сме што ги следиме активностите и на детскиот литературен фестивал „Ракатки“, на „Малиот битолски Монмартр“, а исто така долги години се дружиме и со нашиот пријател Ивце Пивце. Тоа е доказ дека оној кој еднаш ќе го засака „Колибри“, останува да другарува со него цел живот.
Децата обожаваат и хумор и шеги. Имате ли „смешно“ катче на вашите страници?
-Да во „Колибри“ објавуваме и по некоја детска шега, најчесто од познатиот хуморист и пријател на децата Војче Китаноски. Тој има објавено толку многу книги со вицови за деца, што ќе го пополнат просторот додека не се појави неговиот наследник.
По толку објави за деца, сте добиле ли идеја да напишете некоја детска книга, драма, поема. Нешто во кое ќе ги преточите вашите видувања за детскиот свет?
– Во право сте и оваа своја желба делумно веќе ја остварив. Минатата година беше промовирана мојата прва книга „Татковината во детските срца“, што ја издаде „Нова Македонија“. Всушност едукативен проект што го работев со учениците од скопското основно училиште „Јан Амон Коменски“. На овој чекор ме поттикна фактот што во последно време толку многу ги оптоваривме децата со политиката, со името на државата, со толку негативна енергија, што си помислив, што претставува за сегашните деца татковина, како ја доживуваат тие. И затоа во сорабтока со првите луѓе на училиштето, но и со наставниците направивме анкета на која децата од сите одделенија требаше да одговарат само на едно прашање: што е за нив татковина. Одговорите што ги напишаа децата беа прекрасни, полни со љубов за својата земја, со убави пораки, искрени. И одлучив да ги соберам во една книга, во која исто така се објавени триесетина песни за татковината на македонски поети од сите генерации, па и јас се осмелив да напишам една творба на оваа тема. Освен со некои одговори, направени како цртежи, книгата е украсена и со сликите на Александра Донева инспирирани од убавните на Македонија. На промоцијата, тие како слики ги красеа ѕидовите на салонот на галеријата „Ко-Ра“ во Скопје. Имавме мному гости, голем број писатели, таленти, хорот „Златно славејче“…Промоции се одржаа и во Штип и во Прилеп. Искрено, веќе размислувам да напишам уште нешто за најмладите, но овојпат само од моето перо. Морам да го одржам континуитетот, бидејќи претходните уредници на „Колирби“ се познати писатели за деца и за возрасни.
Го споменавте „Златно славејче“, детски фестивал што годинава одбележува голем јубилеј 50-години постоење. Дали за овие манифестации има место во „Колибри“?
– Мора да има, бидеќи овие две птици се неуморни на децата секојдневието да им го направат поубаво. „Златно славејче“ уште од самите почетоци е дел од „Колибри“, а како и нема да биде така кога толку многу детски песнички се испејани на овој фестивал, кои се паметат и денес, испејани од најпопуларните македонски пејачи како: Тоше Проески, Калиопи, Влатко Илиевски, Симон Трпчевски…. Секогаш ги следиме маратоните на славејчињата, но пишуваме и за „Поточиња“, „Тра-ла-ла“ и многу други фестивали во целата земја. Се надевам и во иднина на овие манифестации песните наменети за најмалдите ќе бидат според сите стандарди, певливи, едукативни, разиграни, токму како децата на кои им се наменети.
Како, според вас, од една млада личност да почне да се гради квалитетна личност? Како да се научат децата да се интересираат за делото на другарчето, за соработка, за размената на идеи, за оддавање почит на успехот на другарчињата, а не само за натпревар или ривалство еден со друг?
– Со се што набројавте, плус континуирана грижа, едукација и воспитување на децата и дома и на училиште. Тие се како сунѓери, многу брзо впиваат се што ќе им дадете. Учат за доблестите на часовите, но за жал на одморите често се цел на мобинг од страна на другарите. За оваа тема сме пишувале и на нашите страници и за иницијативите што се прават булингот да се намали, или уште подобро да исчезне од страна на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Забрзаното темпо на живот, вработените родители кои често немаат време за своите деца во борбарта за егзистенција, лразлики, новите технологии, го предивикаа ова лошо искуство. Сведок сум дека психолозите и педагозите во училиштата се борат против оваа појава, а ние и понатаму ќе им даваме поддршка како медиум. Но пресудно за тоа дали децата ќе израснат во среќни и успешни личности сепак се условите во кои тие живеат. Затоа во сите политички одлуки на една земја, на прво место секогаш треба да бидат децата и нивната иднина.
„Колибри“ е создаван со децении, од многу значајни уредници автори и новинари. Имате ли релации со нив, знаете ли да поразговарате за содржините денес?
-Секако, творбите на творецот на „Колибри“, поетесата Евгенија Шуплинова, која за жал веќе не е со нас, често ги објавуваме, а на сите поважни настани за „Колибри“ драга гостинка е нејзината сестра, писателката Ангелина Маркус. Со другите двајца уредници Перо Миленкоси и Наум Попески одлично соработувам и нивните стихови можат да се прочитаат на нашите страници. Примам и нивни сугестии и предлози, а многу сум среќна кога токму од нив ќе добијам и искрен комплимент за сработеното. Еве ќе ви кажам и една случка. Уште на почетокот кога ги правев првите броеви на „Колибри“ добив покана од уредникот на издателството „Феникс“, Христо Петрески да водам трибина за литературата за деца во нашата земја. Беа поканети ученици и голем број писатели за деца и се мина одлично, проговоривме и за успесите, но и за проблемите во оваа област. Кога се заврши поетот Перо Миленкоски, долгогодишниот уредник на „Колирби“ ми пријде и ми рече: „Честитки, сега гледам дека „Колибри“ е во добри раце“. Исто така подоцна и Наум Попески, мојот претходник ми посочи дека како уредник се движам во добра насока. Тоа навистина многу ми значи и за мене е ветер во грбот да подолжам со истиот ензузијам како и досега.
Во знакот на подобар свет што треба да им оставиме на најмладите, која е вашата порака од позиција на уредничка, но и од позиција на мајка, тетка, граѓанка?
– Младите се украс на планетата, со нивната физичка и духовна убавина. Тие секогаш не потсетуваат дека светот е многу поубав со искрена насмевка, со подадена рака и желба да се помогне без оглед на различноста. За нив нема бариери што не можат да ги прескокнат. Токму затоа треба да им оставиме слободен свет, незагаден од лоши мисли и деструкција. Треба да се искачиме на нивното ниво и да се увериме дека со соработка, разбирање и емпатија се е полесно. И никогаш да не заборавиме дека, како што напиша писателот Васил Пујовски, светот има осум страни, четири од нив се светски, а четири само детски.