четврток, јануари 9, 2025
домаМАРТИН ДАНЧЕВ: Киевскиот симфониски оркестар ќе ја изведува мојата музика за нем филм

МАРТИН ДАНЧЕВ: Киевскиот симфониски оркестар ќе ја изведува мојата музика за нем филм

Валентина Ѓоргиевска Парго 

Светот се повеќе се отвора за талентот и позитивниот уметнички импулс на младиот скопјанец Мартин Данчев, музички композитор и продуцент.  Во изминативе шест години работи како самостоен уметник во свое сопствено музичко студио во Скопје што константно го надоградува, работи музика која допира до други меридијани, го шири кругот на музички соработници и учествува на светски настани и форуми.

*Имате интересен профил на млад продуктивен човек од музиката. Запознајте не што работите во моментов? 

-Во моментов работам за продукцијата „R&R Records“ (како музички композитор и продуцент) од Лондон, Англија и продуцирам „Lo Fi“ музика веќе една година до сега. Досега сработив 10 оригинални албуми со по 15 траки од кои моментално тро албуми се објавени и достапни за слушање/купување на повеќе платформи како што се „Deezer“, „Spotify“, „iTunes“, „Amazon“, „YouTube“. Иако по струка сум дипломиран пејач на Музичката Академија во Скопје, паралелно секогаш сум бил заинтересиран во правец на музики композитор/продуцент. До сега имам изработено 300 оригинални амбиентални, медитативни и „Lo Fi“ траки, 40-тина реклами за национални телевизии и радија во кои учествував како композитор, продуцент или саунд дизајнер, музички продуцент на поп инди сингл, и сум бил вклучен во три краткометражни филмови, документарци, во кои сум вклучен како музички композитор.

*„Envision Sound 2019/2020“ е искуство за кое со радост зборувате, кое некако ве лансираше пошироко од нашите граници. За што станува збор? 

-Да пишувам музика за филм ми беше желба уште од раните средно школски денови. Со моето учество на програмата „Envision Sound“ во јануари минатата година во Киев, Украина, бев избран како еден од победниците на истата и ми се овоможи да си ја остварам желбата бидејќи ми беше доделен проект, да напишам оркестарска музика за долгометражен нем филм (Кира Киралина), кој ќе се прикаже оваа година премиерно во Август во Киев и Одеса, на фестивалот Mute Night Festival. Веќе активно работам на овој проект, и презентацијата ќе биде со видео проекција на филмот додека истовремено ќе има перформанс во живо на Киевскиот симфониски оркестар кој ќе ја изведува финалната музиката што ќе ја напишам за филмот.

*Што е поконкретно суштината на “Envision sound”? 

-„Envision Sound“ програмата е една сериозна програма организирана од Центарот Довженко (национален филмски архив) од Киев и Британскиот совет од Украина. Програмата со отворен повик бара млади филмски композитори, но со веќе претходно професионално искуство со музика наменета за ТВ медиуми или музика за филм. Потоа прават селекција на најдобрите 10 кандидати од вкупно шест земји (така беше кога јас аплицирав) кои ќе отпатуваат до Киев за да учествуваат на програмата која трае 6/7 денови. Потребно е и одлично познавање на музичка композиција, оркестрација, и теоретско знаење кое е клучно за успешен запис и аранжирање на музиката. Оваа програма ми овозможи оркестарската музиката што ја пишував за веќе претходно одреден фрагмент од нем украински филм да ја снимам во живо со Киевскиот симфониски оркестар. Паралелно имавме работилници со едни од најдобрите европски филмски експерти во Европа, од дизајнери на звук до композитори и режисери кои повеќето работат на буквално блок бастери и проекти со огромни буџети, односно луѓе со големо искуство во својата работа.

*Има ли уште нешто плус вредно од ова искуство? 

-Освен знаењето со кое се стекнав, најголемата вредност беа луѓето кои ги запознав, од кои со веќе некои од нив имам заеднички проекти планирани за оваа година. Оваа програма е еден редок настан што многу ретко може да се најде во денешно време, особено во Европа. Мојот финален продукт за „Envision Sound“ беше презентација на фрагментот кој ми беше доделен од филмот „Kvartali Predmistia”, архивски нем украински филм од 1929 година за кој пишував музика, која ја снимавме со Киевскиот симфониски оркестар. За време на програмата бевме под менторство и консултации со еминентни и истакнати филмски композитори како Enrica Sciandrone – професор на Ројал Колеџ во Лондон, Alla Zagaykevych и Igor Stetsiuk – украински филмски композитори. Пристапот за пишувањето на музиката би го споредил со „Classic Style approach” бидејќи буквално музиката ја следи сликата (Том и Џери). Со овој метод креирав емпатиска музика која има за цел да ја долови приказната, да ја поткрепи сликата, како и да ја истакне емоцијата на сцените, додека паралелно се потрудив да вметнам и мала доза на хумор во целата таа фамилијарна драма што се случува во филмскиот фрагмент.

*Како се поврзавте со луѓето од оваа програма? 

-За „Envision Sound“ програмата дознав преку маил што ми го препрати клиент со кој веќе неколку години соработувам како композитор и продуцент (Мозаик продукција). Препратениот меил беше од страна на Жарко Конески, кој работи во Британскиот Совет во Скопје, и едноставно се обидуваше да зголеми интерес за јавниот повик за овој настан, да се прошири веста и да стигне до што повеќе македонски композитори и продуценти. Огромна благодарност до Мозаик Продукција и Жарко без кои можеби и немаше да дознам за овој настан што има посебно значење за мене и ми овозможи нови правци и можности. Јас секако го споделив повикот и со повеќето мои колеги. Sharing is caring!

*Со помош на Британскиот совет  годинава учествувавте на еден одличен меѓународен форум, кој дава шанса на музичари, продуценти, луѓе од медиуми. Одлично организиран и изведен, наречен „Селектор Про 2021“.

-За прв пат земав учество во конференцијата „Селектор Про“ оваа година, која што исто така за прв пат поради пандемијата беше онлајн. Иако не сум голем обожавател на онлајн конференции и едукативни програми, сепак морам да ги пофалам за перфектната организација, квалитетните гости и учесници, и најбитно достапноста и едноставноста да стапиш во контакт со останатите учесници и луѓе кои беа дел од истата програма. Лично најмногу се стекнав со знаење во однос на музичките права, како тие функционираат, и како е најдобро тие да се заштитат. Сметам дека тоа е клучен дел за секој што создава било какво музичко дело, да знае точно кои му се правата и како најбезбедно да ги заштити. Освен темата за авторските музички права исто така имаше одлични сесии кои беа поврзани со креативни начини на дигитален пласман на музички производ, како функционира денес музичката индустрија, кои се начините на заработка на музичките артисти и друго.

 

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ