понеделник, февруари 3, 2025
домаПОЛИТИКАСветМаск тврди: Трамп се согласи да ја затвори УСАИД – Американската агенција...

Маск тврди: Трамп се согласи да ја затвори УСАИД – Американската агенција за меѓународен развој

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) е на пат да биде затворена, според советникот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, најбогатиот човек на светот, пренесе БЕТА.

Рано утринава Маск, сопственикот на Tesla, мрежата „Х“ и „Х спејсис“, изјави за „X спејсис“ дека детално разговарал со американскиот претседател за УСАИД, кој „се согласил“ дека агенцијата „треба да се затвори“.

„Стана очигледно дека тоа не е само јаболко со црв во него. Она што го имаме е топка полна со црви. Мора да се ослободиме од целата работа, не може да се поправи. Ќе го затвориме“, рече Маск.

Тој ги даде изјавите откако администрацијата на Трамп стави двајца највисоки шефови за безбедност на УСАИД на отсуств бидејќи одбија да предадат доверливи материјали на специјалните инспекциски тимови на Маск, изјавија вчера за АП актуелен и поранешен службеник на агенцијата.

Претставниците на Одделот за владина ефикасност на Маск, новосоздаден оддел во администрацијата на Трамп, на крајот добија пристап до чувствителни информации на агенцијата, вклучително и разузнавачки извештаи, во саботата, рече поранешниот службеник.

Маск одговори на вчерашната објава на Х за веста со изјава дека „УСАИД е криминална организација“ и дека е „време да умре“. Кејт Милер, која е член на советодавниот одбор на одделот на Маск, во посебна изјава рече дека нема пристап до доверливи материјали без соодветно безбедносно одобрение.

Ова се случи откако одделот на Маск спроведе слична операција во Министерството за финансии и доби пристап до чувствителни информации, вклучувајќи исплати за социјална помош и Медикер. „Вашингтон пост“ објави дека висок функционер од одделот поднел оставка затоа што тимот на Маск имал пристап до чувствителни податоци.

Маск го формираше овој оддел во соработка со администрацијата на Трамп со наведена цел да најде начини за отпуштање на федералните вработени, намалување на федералните програми и поедноставување на федералните регулативи.

УСАИД, чија веб-локација исчезна без објаснување во саботата, беше една од агенциите кои беа најмногу на удар од администрацијата на Трамп во нејзината растечка акција против федералната влада и многу нејзини програми.

УСАИД „беше управуван од куп радикални лудаци и ние ќе ги исфрлиме“, им рече Трамп на новинарите синоќа.

Администрацијата на Трамп и државниот секретар Марко Рубио наметнаа невидено замрзнување на странската помош, блокирајќи голем дел од хуманитарните, развојните и безбедносните програми на агенцијата ширум светот, предизвикувајќи илјадници отпуштања во хуманитарните организации, а наредени се и отпуштања или платено отсуство со кои се десеткувани раководството и персоналот на агенцијата во Вашингтон.

САД се убедливо најголемиот донатор на хуманитарна помош, УСАИД обезбедува милијарди долари хуманитарна, развојна и безбедносна помош за повеќе од 100 земји.

Демократската сенаторка Елизабет Ворен во синоќешната изјава рече дека Трамп му дозволува на Маск да пристапи до приватните информации на луѓето и да го затвори владиното финансирање и нагласи дека тие треба да направат се што е во нивна моќ за да возвратат и да ги заштитат тие лица. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ