Министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју дадено за ТВ Сител ја информира јавноста дека од среда, 31 март, во Македонија започнува масовната вакцинација. Тој појасни дека по утрешното пристигнување на пратката од 24.000 дози вакцини на АстраЗенека преку Ковакс механизмот, масовната вакцинација во Македонија ќе започне во среда, за што и се подготвуваат сите вакцинални пунктови, како и Спортскиот центар „Борис Трајковски. Филипче рече дека се очекува дневно да се вакцинираат повеќе илјади граѓани.
– Спремни сме тој процес да се спроведе брзо и ефикасно во салата „Борис Трајковски“. Во понеделник вакцините ќе бидат распределени во градовите. Сето она што очекувавме да се случи порано, еве се случува сега, во април. Оптимумот е да вакцинираме 4.000, а мислам дека може да стигнеме до 7.000 граѓани на ден, на сите пунктови, во Центрите за јавно здравје, во салата „Борис Трајковски“, слично како во Србија и Израел за да постигнеме задоволителна динамика, истакна министерот Филипче.
Во однос на безбедноста на вакцината министерот Филипче потенцира дека нема никаква поврзаност, односно официјална контраиндикација од вакцината на АстраЗенека, и дека е безбедна за сите возрасни групи. Во интервјуто Филипче го поздрави гестот на Србија што ги отвори границите и овозможи вакцинирање на граѓаните од соседните држави, притоа нагласувајќи дека сите што денеска ја примиле првата доза од вакцината на АстраЗенека, втората доза може да ја примат во Македонија, за што ќе ги побараат податоците за сите кои викендов се вакцинираат таму од српското министерство за здравство.
Н.Д.