Филмски професионалци, новинари, фестивалски гости, студенти од земјава и странство ја преполнија Малата сала на Домот на културата во Битола денеска на отворениот разговор со кинематограферот Роџер Дикинс, „Оскаровецот“ кој со ИСТРЕБУВАЧ 2049 кој го отвори годинешното издание на „Браќа Манаки“. Разговорот го водеше Најџел Волтерс од ИМАГО (Федерација на кинематограферите од светот со 53 национални здруженија и над 4.300 кинематографери како членови).
Дикинс потсети на неговите почетоци во филмот, најпрвин како студент на Националната Филмска школа во Лондон во првата половина на седумдесеттите години, каде што дошол од малото родно гратче Торквеј во Југозападна Англија.
Пред да започне со снимање играни филмови, Дикинс снимал документарци, и го сподели неговото искуство од тој филмски род.
-Кога снимаш документарни филмови, треба да го извежбаш окото да види што ќе се случи следно, за разлика од играните филмови, каде што може да се прават проби и да се преснимуваат кадрите по неколку пати, вели Дикинс.
На почетокот на разговорот тој го спомена и неговото искуство со техниката за десатурација (намалување на интензитетот на бојата) во филмот „1984“ (екранизација на романот на Џорџ Орвел), и тоа е прв долгометражен игран филм што ја користел таа техника. Инаку, во филмот „1984“ не се користеле визуелни ефекти, туку сè е изработено со комбинирани техники.
-Се игравме со техники со кои можевме да прикажеме нешто што денес се реализара само со притискање на копче, посочи Дикинс.
Тој истакна дека улогата на кинематограферите во реализацијата на филмот е голема затоа што им остава простор на актерите да ја извршат нивната работа.
Со режисерот Боб Рејфелсон го снимил својот прв американски филм, ПЛАНИНИ НА МЕСЕЧИНАТА, во стилот на иронична комедија, но смета дека тој филм не испаднал премногу добро.
-Сметам дека јас не бев вистинската личност за работа на тој филм и со тој режисер, самокритично изјави Дикинс, додавајќи дека некогаш луѓето што работат на филм не си одговараат.
Модераторот Волтерс го истакна филмот БЕГСТВОТО ОД ШОШЕНК како еден од неговите омилени филмови, и го праша Дикинс зошто и нему не му е меѓу фаворитите.
-Замислував дека приказната на филмот ќе биде прикажана во побрутатално и пореално светло, но мене ми делуваше некако поублажено, смета Дикинс.
За искуството во филмот ФАРГО на браќата Коен, Дикинс се сеќава дека идејата била да го снимат во документаристички стил, со повеќе набљудување на ликовите.
-ФАРГО е брилијантен филм, но за мене беше голем технички предизвик. Браќата Коен точно знаеја што сакаат и беше искористено сè што беше снимено, вели Дикинс.
Плодната соработка со браќата Коен продолжила со филмовите О БРАТЕ, КАДЕ СИ, ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ БЕШЕ ТАМУ, НЕМА ЗЕМЈА ЗА СТАРИ ЛУЃЕ…
-Во О БРАТЕ, КАДЕ СИ за првпат користевме техника за дигитализирање со тајмирање на материјалот, што бараше долга и тешка работа. Сакавме да го постигнеме ефектот на насликана фотографија, објаснуваше Дикинс.
За ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ БЕШЕ ТАМУ истакна дека е еден од најдобрите филмови на коишто работел.
-Браќата Коен генијално го замислиле филмот, вели Дикинс, посочувајќи и дека кинематограферите и актерите одлично се разбираат на филмските сетови само со поглед.
Воената драма МАРИНЦИ/ JARHEAD во режија на Сем Мендез исто спаѓа во поомилените филмови за Дикинс.
-Среќа што пред 12 години веќе имаше дигитални ефекти, па можевме да снимиме посебни сцени од запалената нафта и да ги комбинираме со сцените со ликовите, објаснуваше Дикинс.
Фестивалскиот лауреат истакна дека за разлика од научноантастичните филмови кои не му се омилени, иако работеше на ИСТРЕБУВАЧ 2049 како исклучок, ги преферира карактерните филмови во кои ликовите се тие кои ја носат приказната и ја исполнуваат камерата со својата емпатија.
-Ликот што го толкува Рајан Гослинг во ИСТРЕБУВАЧ 2049 ми изгледаше некако празен, па малку и го сожалував, рече Дикинс додавајќи дека филмот ПАД ОД НЕБО му изгледал поинаку од останатите од серијалот за Џејмс Бонд токму заради фокусирањето на сторијата на ликовите. Тој одговарајќи на прашање од публиката се оакарактеризира себеси како натуралист повеќе од стилист, објаснувајќи дека повеќе сака да ги долови нештата сирови какви што се наместо да ги измазнува во текот на снимањето или во постпродукција.