сабота, јули 27, 2024
домаНасловнаМега-средба со Пепа Димитрова: Да, „Лага“ е песна против насилството врз жената!

Мега-средба со Пепа Димитрова: Да, „Лага“ е песна против насилството врз жената!

„Лага“ е Вашата најнова песна, која е објавена  со интересен спот, и со неа апелирате нешто што е многу актуелно во последно време и се отвора како тема – борбата против насилство врз жените. Да го споменеме, уште на сам почеток, фактот дека само во Македонија нема официјална евиденција колку жени се жртви на насилство, а се смета дека секоја втора, до трета жена. Што ве поттикна да снимите ваква песна, во која се зборува за горда жена која го напушта својот сопруг/ партнер, во одреден момент кога ситуацијата меѓу нив ескалира.

-Ме поттикна, самото тоа што сум жена, пред се. Секогаш ќе стојам позади жената, како  значајна за семејтсвото, за фамилијата, за она јадрото што е најглавно, па и за општеството и за  државата, на крај. Насилство?! Па, 21 век сме, и секогаш сум  била против такви  работи, особено со фактот што жената за разлика од мажот физички е послаба, но тоа не мора да значи ништо. Жената е рамноправна единка со мажот, и нејзините права треба да бидат поголеми, во секој поглед.

Имате ли конкретен пример зошто ја базиравте песната на оваа тема? Дали можеби некоја жена ви го раскажа свое искуство, својот проблем, или сте била очевидец на непријатна сцена која им се случила на други?

Јас сум среќна што лично мене не ми се случило такво нешто, меѓутоа сум сушала многу. Еве, да тргнеме од светските ѕвезди, пејачки, глумици дури и од светски ранг, па да земеме во обзир и се она што се пишува на социјалните мрежи, на фејсбук, на портали. Пред некое време слушнав за  девојчето кое уште како малечко било злоставувано, дали од чичкото, или од некој близок роднина, не ме држете за збор. И Опра Винфри  има таква тажна приказна, а сега е позната светска водителка која ги прави најубавите емисии. Исто и за неа познато е дека била злоставувана. Меѓутоа, таквите силни жени и покрај траумата сепак се избориле и не останале под закрилата на самите себе,  станале имуни на сето тоа, како знаеле и умееле, и се збориле со целата таа ситуација. Во Македонија се уште отворено не се зборува за таквите проблеми, а ги има доста. Жената се смета дека треба да е дискретна што и да и се случи, да молчи. Но жена како жена, многу зависи како ќе се постави во самото општество, било тоа да е на работно место, било во фамилија, во институција. Ако умееш да се поставиш, таква поставеност очекувај и од другата страна, без разлика дали е сопруг, шеф, или е ситуација што ти е наведена, не по твоја волја.

Меѓутоа, има ситуации кога жената станала жртва во бракот, да речеме затоа што сопругот станал алкохоличар, уживател на дроги, на неверства, порочен, ги троши финансиите, па често се расправаат, ја напаѓа физички. Што мислите, во ова општество една жена која е жртва на ваков тип насилство, како би можела да се заштити себе си?

-Има начин. Сепак во Македонија постојат институции за згрижување на таквите жени, таа само треба да биде доволно храбра да се јави на  бесплатниот телефон, да ја згрижат, да ја оттргнат од самата ситуација, од самата угнетеност во која се наоѓа. Меѓутоа не секогаш  таквите жени наоѓаат храброст. Таквите жени дури и ќе се научат и ќе се навикнат на таков  начин на живот. Најверојатно и живееле во такви семејства, каде таткото ја злоупотребувал мајката, или мајката го злоупотребувала таткото. Има и такви семејства во кои се вршат психички насилства, а секако „предност“ нему му дава физиката сила.. Макар што од една друга гледна точка според мене денес  силата ништо не значи. За таа физичка сила зборувам, технологијата е толку развиена што на едно копче колку може мажот да притисне толку може и жената. Еве еден прост пример, дури и за плуг за орање на нива не треба маж со сила, туку има механизација што тоа може да се изврши на многу полесен начин.

Се случило ли некогаш ваша роднина, пријателка, блиска, да ви раскажува за некој вид на малтретирање, психичко и физичко?

-Уф, јас велам- не знаеш што е поопасно физичкото или психичкото насилство. А, факт е, и физичкото и психичкото се на едно исто рамниште. Психички, ако направиш еден чекор по своја волја и да имаш страв другата страна како би изреагирала дали физички би те нападнал или вербално со навреди и пцовки, со кометари од типот „ти не вредиш, децава не знаеш да ги воспиташ“, е рамно на физичко насислтво. И полошо. А тие корени се и многу подлабоки. Значи не почнува се од мажот и жената,  туку и претходно и од фамилијата. Обично оние деца кои живееле во такви фамилии и кои  биле растени и во таква средина, уште од малечки гледале насилство, мислат дека тоа е најнормално, затоа што не виделе подобро. Знаете како велат старите „Рај не видел, за Рај не плаче!“. Тоа е една многу важна мисла, анегдота. Но, да се надеваме дека има институции кои водат грижа за сето тоа. Нас како на жени, пак ќе речам во овој 21 век, ни останува само да бидеме поотворени, да веруваме повеќе во самите во себе, таа колективна свест да ја издигнеме на малку на повисоко ниво, и повеќе да влијаеме таму каде што треба. Замислете, некои жени толку  се доведени до мала душа што немаат што да јадат, па се мислат  вечер како ќе легнат, дали со мирна глава, дали ќе има кавга, дали ќе има тепачка во нивниот дом, дали насилство, дали не, и се во постојан стрес. А ако мајката е под стрес, фактички децата кои живеат во таа фамилија ќе бидат под двојно поголем стрес, бидејќи возрасен човек поинаку ги сфаќа работите, меѓутоа децата сето тоа го впиваат така што тие деца утре кога ќе стапат во брак,  ќе бараат „модел“ како мајка си или татко си, бидејќи веќе се навикнати во таква ситуација да живеат, што е многу страшно. И затоа мое е да апелирам на еден начин,како пејачка, јавна личност, но пред се бидејќи  и самата сум жена.

Како би гласел вашиот конкретен апел?

-Јас сум голем поддржувач на правата на жените и борец против насилство, па апелирам жените да бидат и храбри и поотворени. Не е срамота да кажеш ако нешто ти се случило како мала или како возрасна, или си имала притисок од шефот од разни причини, заради својата убавина, заради својот стил.. Ние, жените, сме на мета на секојдневни напади, од различен тип. Тргнувајќи од себе, можам да кажам,  еве јас изгледам како што изгледам, како што ме дал Господ, како што ме створиле мајка ми и татко ми, директно може не сум почувствувала притисок,  меѓутоа ние сите како жени на ваков или онаков начин го чувствуваме оној притисок од некој што си зависен во моментот, било да ти е претпоставен, или треба да ти заврши било каква работа. Зборувам за секојдневна работа. Ако отидеш на шалтер, и на службеникот ако знаеш убаво да му се насмееш, ќе ти ја заврши работата. Меѓутоа ако го погледнеш попреку, тој знае и да не ти ја заврши работата. Жена ако имаш на шалтер и ако види ти дека си убава, дотерана,  јас сум го почувствувала тоа на себе, нема да ти ја заврши туку така рбаотата. Едноставно, не те перципира,одбивност и се јавува. Не знаше дали да ја сожалуваш што ја има таа работа, или да се спротивставиш, затоа што не си ти виновна што таа ја работи таа работа, која можеби и не ја сака.

Некако доаѓаме на заеднички заклучок дека домашното воспитување е основата, фундаментот за развој на личноста?

-Според мене да. Еве јас на 18 години отидов до Белград да студирам, и сега кога ќе си го вратам филмот сфаќам дека мајка ми и татко ми  верувале во мене на некој начин, влијаеле како што умееле, зошто нема правило за воспитување за децата, секој си тргнува од себе инстинктивно, и децата си ги воспитува како умее. Но,не е во прашање само домашното воспитување, тука е и училиштето, друштвото, целото општество. Во одредена ситуација може и друштвото да те критикува па ти да мислиш дека нешто лошо си нaправила, а тоа може да е од завист, љубомора, од секакви икс причини.

Овој разговор во рамките на една поширока европска актицност –„Не молчете, да го  запреме насилството врз жените“, и апелира дека жените доколку на било каков начин доживуваат некаква неправда,траума, потценетост, стрес, малтретирање, физичко и психичко насилство, мобинг, омаловажување и слично, треба, она што и вие го рековте, да бидат храбри, и да не се срамат како околината тоа ќе го сфати туку тоа да го соопштат и да побараат помош. Меѓутоа има еден многу голем проблем- кај нас се многу нефункционални службите кои треба да ги прифатат.

-И јас се згрозувам од тоа. Пред неполн месец слушнавме за  девојче Ромче, во Домот, одвоена од родителите. Дете без родители на 13 години, да биде така оставено, сексуално злоставувано, силувано, навистина  не знам до каде ни оди државата, до каде ни одат институциите, токму тие што треба да се грижат за тие деца. Се згрозувам од самиот чин. Тоа девојче на 13 години не знае ни самото тоа да си ги разграничи работите. Дај Боже да се опорави како што треба,  сега треба да помине и работа со психолог, за да ја надмине нанесената траума. Се чудам на социјалната работничка која ја запоставила, се чудам и на жената, ќе ја наречам само „ жената“, за која се сомневаат дека  ја изнајмувала на партнери. Си велам- дали таа жена има свои деца, дали таа се запрашала дека некогаш тоа може да им слуши и на нејзините деца, па  дали така ќе реагира?Незаштитено дете што треба да биде заштитено пред се од државата, од државна институција. Многу треба да се работи во таа насока.

Сметате дека треба да бидат многу повисоки и поголеми казните за тие вработени кои ја злоупотребуваат својата позиција на таков начин?

-За дете кога е во прашање, според мене, максимална казна и проблемот да не се пика под тепих. Казни и за педофили. Едно невино суштство што уште не ги отворило очињата и не знае што му се случува во животот,  да го злоставува некој, било психички било физички, му прави трауми за цел живот. Тоа можеби и ќе се опорави, дај Боже, со психолози, со стручни лица, колку толку ќе му ја намалат таа траума што му е направена , но тоа што му се случило нив цел живот ќе го памтии со тоа ќе живее.

Да се вратиме на песната. Сакам да ве прашам како изреагираа луѓето што ја слушнаа? Што искоментираа жените, каков беше фидбекот, нивниот одговор? Сигурно не ја ставивте само на социјалните мрежи, дали телевизиите и обрнаа доволно внимание на песната поради пораката што ја носи?

-Песната е прифатена е како што е моментално ситуацијата со музиката кај нас. Колку што ги следам социјалните мрежи добро помина, ја имаше и по портали. Песната се вика „Лага“, комплетен автор е Владимир Дојчиновски, а спотот го правеше Александар Ристовски- Принц. Откако ја слушнав се иницирав да ја посветам на тој проблем, зошто таа може да биде сфатена и во љубовен контект, за некоја болна , невозвратена љубов, меѓутоа може и малку подлабоко, еве против насилството, особено со оваа кампања што е сега многу популарна, а ни дојде од Запад, „Сега кажувам“.

Како текстописецот ја прифати идеката,  песната да биде употребена и во таков контекст?

-Ја прифати, секако позитивно.И авторот,и јас како изведувач. Малку го менував текстот, што значи имам авторски момент и јас. Учествував за сето тоа да добие поголема смисла.  Веќе реков секогаш стојам во одбрана на жените. Не сум нешто исфеминизирана, меѓутоа ние жените и ден денес имаме некои чудни синдроми.  На пример, сме биле „под турско“ пет века  и  го имаме тој менталитет дека мажот е се во куќата, тој може се да прави. Жената е некако угнетена понастрана, и да ја бива, и да не ја бива. Затоа, мора повеќе да се бориме во таа насока.

Но, кај нас има и една друга ситуација. Ние колку и да кажеме дека сме рамноправни, статистиката поинаку вели- жени  има  малку во политика, и малку и на клучни места, дури и на тие места на кои се,  за иста позиција земаат помалку пари од мажите. Како тоа да го промениме?

-Овде ме постетивте, неодамна на Телма гледав емисија за рамноправноста меѓу мажот и жената и статистката вели токму така како што кажавте. Зошто е тоа така, претпоставувам, прво жената треба да се грижи за оној репродукциски дел, треба да роди дечиња, фамилија да створи, тие дечиња треба да ги гледа, ако нема многу финансии треба од страна помош да има, а ако го нема силниот финснсиски момент што правиме тогаш? Значи мора да отсуствува од работа, па детето се разболело, таква е природата, мајката треба да биде секогаш покрај детето, поприсутна со детето и со растењето на самото дете, од бебе се до градинка па до училиште. Мајката го носи детето, мајката се пораѓа, таткото е морална поддршка во целата оваа ситуација, некогаш и не е ни морална , во икс случаи што е жално и трагично. Фамилија ти да створиш,а да немаш поддршка барем морална од мажот ако не друго, е тажно. Меѓутоа не можеш да ги генерализираш и татковците и мажите, и меѓу нив има и такви и вакви. Да се навратам на репродукцијата на жената, кај нас државата не и помага на самата жена додека трае породилното, не и дава додатоци за детето,или да и биде овозможено по 3-4 часа да работи, да не го изгуби работното место или раководителот на пониско место да не ја стави бидејќи е на породилно отсуство, и затоа мислам дека секогаш мажите имаат предност, токму од таа гледна точка. Мажот не носи ни дете ниту се пораѓа и тој може во секое време да одговори 8 или 9 часа за работа, а жената во одреден период во животот треба да мисли и на поколение, што е па и целта на нашето постоење, како луѓе, пред се.

Дали сте вклучена со Ваша активност во некоја женска организација?

-Досега активно не. За се имам свое мислење, но сум настрана. И, фала БОГУ така и треба да е, бидејќи јас имам фамилија, имам три дечиња, да ми се живи и здрави, си имам сопруг и со работата сум задоволна, супер е се, имам поддршка од тие што ми се мене најважни. Затоа можам да кажам мене ми е супер во животот, и пред се морам да сум маскимално посветена на нив.

За пофалба е што имате дбар живот, а и од  таа своја перспектива давате придонес за нешто што лично не ве засега меѓутоа сепак сакате да учествувате со  порака. И за крај,  дали сметате дека оваа песна ќе добие можеби некоја позначајна димензија во иднина, со оглед на пораката, бидејќи досега ниедна жена кај нас не снимила и не посветила  песна баш на овој проблем? Ќе ја прифатат ли жените  песната како еден свој заштитен

музички  знак, што мислите?

-Па видете, со самото тоа дека никоја од пејачките или изведувачките не се сетила да посвети песна на оваа тема, мене ми е драго што сум прва. Она што во целото ова интервју го нагласувам е дека во денешно време жените треба да се поотворени и јавно да го искажуваат својот проблем, а од моја страна,женската логистика, солидарност и поддршка нема да изостане. Она што забележувам е дека телевизиите си имаат свои миленици и миленички, и се уште не ме прифаќаат со отворени врати, не знам можеби се уште владеат некои предрасуди дека жена пејачка може да биде само на 20 и нешто години, а јас почнав многу подоцна, а на тој начин  како да ме заобиколуваат, а ја држат на дистанца и  песната. Но, јас искрено се надевам работите ќе се променат и во таа смисла, на подобро секако, и ќе вршам влијание од своја страна преку песна, за она што се вели – борба против насилство врз жената. Секогаш, искрено!

Текстот е дел од проектот „Не молчи,пријави насилство“, на НЧП и WWDP

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ